Говор на омраза од Австралија кој повикува на насилство врз политичари

На 26 јули 2022 на фејсбук групата Macedonian Radio Program- 3ZZZ, Melbourne е објавен статус од новинарот Ico Najdovski-Perin со фотографија (монтажа) од Пендаровски, Заев и Ковачевски, и следниве пораки со „патриотски“ говор на омраза со политичка основа кој повикува на насилство: „И мртви ќе ве гониме!!! За Илинден само стапот за овие предавници!“.

Од бројните коментари под објавата е јасно дека ваквите пораки поттикнуваат омраза и повикуваат на насилство кон политичарите на фотографијата. Во коментарите под статусот нема само пцовки, морбидни клетви и дискриминаторски изрази, туку и повикување на линч и насилство.

Морбидниот говор на омраза кој повикува на насилство („За Илинден само стапот за овие предавници“) беше пренесен од неколку македонски портали, кои овозможија на нивните фејсбук страници во бројните коментари да се рашират омразата и директните повици за насилство кон политичарите.

Некои од порталите се обидоа да ја квалификуваат пораката на Перин тврдејќи дека не станува збор за закана за безбедноста: „не е со директна закана за безбедноста на лицата од фотомонтажата, туку фигуративна осуда“ „Вакви пораки каде нема директна закана за безбедноста на лица туку фигуративна осуда за нивните дела во Австралија се сметаат за слобода на говор затоа што не е можно некој да биде гонет кога ќе биде мртов“.

Но, бројните коментари со повици за насилство кон политичарите се доказ дека ваквата порака поттикнала не само говор на омраза со политичка основа туку и директни закани за безбедноста на лицата од фотомонтажата.

Медиумското пренесување на вакви пораки на новинари е неспоиво со Кодексот на новинарите: „Новинарот нема свесно да создава ниту преработува информации што ги загрозуваат човековите права или слободи, нема да говори со јазикот на омразата и нема да поттикнува на насилство и дискриминација по која било основа..“

Во случајов, лицата и медиумите кои пренесуваат вакви пораки не настапуваат како новинари, туку како предизвикувачи на омраза и повикувачи на насилство, дела кои би требало да се санкционираат согласно постојните одредби против говор на омраза, насилство и загрозување на сигурноста.