Дезинформација е дека Русија објавила и уништила 830 украински борбени возила за еден ден

 

Насловот РУСИТЕ ОБЈАВУВААТ: УНИШТИВМЕ 830 УКРАИНСКИ БОРБЕНИ ВОЗИЛА И ТОА ЗА ЕДЕН ДЕН (Infomax.mk 10.09.2022, и think.mk) претставува класична дезинформација, демантирана уште во првиот параграф од написот: „Веќе 830 украински борбени возила со повеќе ракетни системи за лансирање се уништени во текот на руската специјална воена операција, соопшти во саботата руското Министерство за одбрана“.

 

Од текстот е јасно дека Русите воопшто не објавиле информација „уништивме 830 украински борбени возила и тоа за еден ден“. Според изворот, тие „се уништени во текот на руската специјална воена операција“, а не „за еден ден“, како што тврдат во насловот порталите Infomax.mk и Think.mk.

 

Тоа може да се увиди и од објавата на Министерството за одбрана на руската федерација од 10.09.2022, каде што се зборува за уништени „830 борбени возила опремени со повеќецевни ракетни фрлачи“ – севкупно, „за времетраењето на специјалната воена операција“.

 

Станува збор за повеќекратни дезинформации и непотврдени информации: ниту Русија го објавила тоа што се тврди во насловот, ниту пак тоа што се тврди е вистинито. Ниту објавената информација е проверлива, ниту пак е соодветен изразот „специјална воена операција“ (воено-пропаганден назив за руската инвазија врз Украина).

 

Она што е извесно е дека порталите Infomax.mk и Think.mk вообичаено објавуваат сензационалистички наслови, дезинформации и непроверени информации како за војната во Украина, така и за други теми.