Силување на историјата

Пишува: АТАНАС КИРОВСКИ

Наративот на официјална Бугарија за нејзината улога во Втората Светска Војна е дека тие не окупирале територии – туку само администрирале, и дека се апсолвирани од било каква вина за злостроствата направени во тој период. Овој наратив, бездруго се темели врз груб историски фалсификат, тој е е сосема неприфатлив и навистина ќе биде крајно тешко, ако не и невозможно, заедничката бугарско-македонска историска комисија да постигне било каков резултат, ако Софија инсистира на такви псевдо-историски наративи.

На денот на одбележувањето на 80-годишнината од депортацијата на македонските Евреи во логорот на смртта Треблинка, македонскиот претседател Стево Пендаровски рече: „Никаде во Европа морбидниот концепт наречен „конечно решение на еврејското прашање“ не бил поефикасно спроведен отколку во тогашната окупирана Македонија. И во хебрејскиот и во македонскиот јазик изворното значење на зборот правда упатува на она што одговара на вистината. Правда значи да се препознае и именува вистината и таа да биде почитувана од сите. За да има помирување, треба да има извинување за улогата на профашистичката влада во Софија во тоа време за депортација на македонските Евреи.“

Оваа внимателна, целосно точна и коректна изјава на македонскиот претседател, кој не го обвини бугарскиот народ ниту тогаш, ниту сега, ами тогашната профашистичка влада во Бугарија за злостроство во кое 7.144 македонски Евреи беа депортирани и убиени во Треблинка, лично претседателот на историската комисија во Бугарија Ангел Димитров ја оцени како некоректна и силно идеологизирана.

„Да се припишува несоодветна вина на Бугарија за депортирањето на Евреите од територијата на денешна Северна Македонија е несериозно. Да се зборува на таков начин кон Бугарија е крајно неприфатливо, дури и некоректно, од политичар со огромна одговорност чија цел треба да биде воспоставувањето на добри дипломатски односи меѓу нашите две држави“, изјави професор Димитров, квалификувајќи ја изјавата на претседателот Пендаровски не само како некоректна, ами и силно идеологизирана. Димитров уште еднаш го афирмираше бугарскиот наратив дека тогашната профашистичка влада во Бугарија е всушност спасител на Евреите, и тоа не само на 48 000 Евреи во самата Бугарија, туку и на над 10.000 Евреи во Европа. Вината за депортација на Евреите од Македонија Димитров ја лоцира кај нацистите, но и во Југославија, бидејќи вели дека Македонија тогаш била дел од Југославија, а Бугарија само ја администрирала територијата на Македонија, но со неа не владеела.

Оваа изјава на Димитров, овој опасен наратив во кој се настојува Бугарија да биде изземена од било каква одговорност за злосторствата што нејзината профашистичка влада во тој период ги има сторено врз Евреите, но и врз македонското население, не доаѓа од некој маргинален политичар на екстремно десничарска партија, туку е од претседателот на историската комисија и треба да се третира како официјален став на Софија по тоа прашање.

Постојат купишта документи, експлицитни антисемитски закони безмалку препишани од нацистичка Германија кои ги потпишува Цар Борис III, со кои Евреите стануваат граѓани од втор ред, а и живи сведоци на злосторствата. Ако за едно вакво јасно прашање, кое не може да биде предмет на различни историски интерпретации, не може ни да се разговара, како тогаш можеме да очекуваме резултати од комисијата за прашања од подалечната историја?! Особено што според преговарачката рамка утврдена со ЕК, напредокот на Македонија е директно условен од напредокот во историската комисија.

Уште повеќе, бидејќи тука не станува збор за чисто бугарско-македонски односи, туку е во прашање геноцид врз Евреите од Македонија, зошто во тоа прашање да не бидат вклучени самите македонски Евреи кои, без сомнение, може да обезбедат веродостојни документи, факти и искази од тој период. Директорот на центарот Симон Визентал во Ерусалим, Ефраим Зуроф, кој е координатор на светското истражување на нацистичките злосторства и темелен прочувач на холокаустот изјави дека „бугарскиот окупатор ги изврши депортациите на Евреите од Скопје, Штип и Битола. И не беа само македонските Евреи испратени во Треблинка од страна на Бугарите. Таму беа испратени и Евреите од Тракија и Пирот. 11.343 Евреи беа убиени од нацистите со помош на Бугарите кои го овозможија тоа. И денес Бугарија се обидува да негира дека имала било каква улога во деортацијата, а таа е одговорна за смртта на овие луѓе“. Тоа го изјавува Зуроф, кој е еден од најеминентните светски проучувачи на холокаустот.

Чија изјава е некоректна? На Зуроф, кој бара историска правда и извинување за страшниот геноцид во кој е истребена речиси целата еврејска популација во Македонија за време на Втората светска војна, или на Ангел Димитров, кој во име на официјална Софија, бара целосна амнестија од таа историска вина, префрлање на одговорноста врз Југославија (јасни се историските факти дека во тој период Југославија е окупирана и дека немала никаква власт на таа територија) и дури и пофалба за улогата на бугарската влада во тој период како спасител на Евреите?!?

Навистина не знам дали воопшто вреди да се разговара и преговара за било какви историски вистини, додека преовладува овој грозен наратив на официјална Софија и луѓето кои ги има назначено како клучни преговарачи во тој процес, кој во крајна линија поттикнува антисемитизам и ксенофобија. Веројатно  треба да се држиме до пораката на претседателот Стево Пендаровски дека за да има помирување, треба да има извинување од Софија за злосторствата на тогашната профашистичката влада во Бугарија извршени во Македонија.

(Авторот е долгогодишен новинар и уредник) 

Институтот за медиуми и аналитика ИМА не се согласува секогаш со ставовите изнесени во авторските текстови, мислења и анализи, но го цени високо придонесот на секој автор и придонесот на медиумските експерти за развој на аргументирана дебата со различни гледишта, со цел да да се унапреди состојбата со плурализмот во медиумскиот простор во Северна Македонија.