Полиграф: Повторно објавена стара теорија на заговор дека временски патник снимал со смартфон меч на Тајсон во 1995

Една стара теорија на заговор за временски патник се појави повторно во медиумите во земјава. На 27.03.2023 неколку портали објавија насловМаж од иднината се вратил во 1995 година и го снимал мечот на Тајсон со мобилен телефон“.

Но, во текстот не се наведуваат никакви докази за ова тврдење. Напротив, во видеото старо 6 години, се вели дека мечот е најверојатно снимен со рана верзија на камкордер.

Инаку, оваа теорија на заговор беше популаризирана во вирално видео објавено пред седум години кое има над 8.8 милиони прегледи, во кое се тврди: „Необјаснет патник низ времето виден во борбата на Мајк Тајсон!!!“.

Ова видео е споделувано и претходно во македонски медиуми. На пример, Канал 5 во 2016 година објави наслов: Видео кое го шокираше светот! Мечот на Мајк Тајсон од 1995 снимен од човек со смартфон? (видео).

Но, тврдењата дека временски патник бил виден на мечот на Тајсон, или дека снимал со смартфон, се разоткриени како лажни уште во 2016 година од страна на „Сноупс“, еден од најстарите медиуми кој се занимава со проверка на факти.

Сепак, иако е одамна разоткриена, оваа стара теорија на заговор продолжува да се шири и денес. За жал, некои медиуми, со вакви сензационалистички и кликбејт вести се обидуваат да ја подигнат читаноста дезинформирајќи ги нивните читатели. Затоа, граѓаните треба да внимаваат што кликаат и што читаат, и да не дозволуваат да бидат измамени.