Уставните измени во алгоритамот дезинформации – омраза – поларизација

Пишува: ЗОРАН БОЈАРОВСКИ

Говорот на омраза е храна за политичка некултура, а тие што го произведуваат и се хранат со него го поларизираат до екстремност јавниот дискурс. Така може да се дефинира состојбата со незапирливиот наплив на говор на омраза, иако поминаа 15 години откако е регистриран како системска закана за демократијата и добрите практики во политиката, и откако се одржани илјадници работилници, семинари, самити, конференции за препознавање, за идентификација на генераторите на омразата и за препораки за негово сузбивање.

Таа состојба произлегува од алгоритамот дезинформации > говор на омраза > поларизација и се пресликува и влошува со секој нов случај, процес или настан, за кои некои од фабриките за омраза ќе се проценат дека треба да бидат „загадени“ со говор на омраза. И речиси дека нема исклучок, што, од друга страна, укажува на фактот дека говорот на омраза стана редовна алатка за подривање, корумпирање, опструкции и минирање на општествените или политичките процеси.

Проблемот со говорот на омраза веќе може да се нарече системски проблем.

Говорот на омраза (и злоделата од омраза) е феномен што има тренд на влошување и зголемување во последните две-три години. Главна причина и понатаму останува неказнивоста, иако беа донесени измени во легислативата, како и непрепознавањето и непријавувањето до надлежните институции. Ова се констатира во последниот извештај на „Метаморфозис“ за почитување на човековите права во Република Северна Македонија „Основни права-Рамка има, имплементацијата варира, секаде се потребни повеќе пари“[i]

Бројот на случаи расте од 2020 година

Говорот на омраза расте од година во година, а драстично зголемување, за дури 160 отсто, е регистрирано од невладините организации на преминот од 2019 во 2020 година, на почетокот на пандемијата со Ковид-19, и таа тенденција не запира, т.е. се регистрира и денес. Според експертите на Хелсиншкиот комитет за човековите права (ХКЧП) од 2014 година до 1.6.2022 година се регистрирани 3.046 случаи на говор на омраза.

Регистрирањето на овие случаи може да се види на интернет-платформата за пријавување говор на омраза, која е воспоставена во 2014 година од страна на ХКЧП, со помош на американскиот NED, „Говор на омраза„ (govornaomraza.mk)[ii]. Тие 3.046 случаи што се регистрирани од тогаш се чисти случаи на говор на омраза по 14 различни основи што ги препознава и законот, и вреди да се истакне дека се проверени и филтрирани од бројот на пријави, кој е многу поголем, т.е. нема сомневање дека станува збор за случаи на говор на омраза.

Како најчести основи за говор на омраза од оваа статистика се издвојуваат етничката припадност – со 1.477 случаи или 37 отсто, политичката припадност – со 922 случаи или 23 отсто, сексуалната или родовата припадност – со 901 случај или 23 отсто, пол и род – со 238 случаи или 6 отсто.

Говорот на омраза може да се сретне секаде, но најчести платформи за дисеминација се социјалните мрежи. Според рангирањето на експертите, најмалку го има на традиционалните медиуми, многу повеќе на онлајн-медиумите, но дефинитивно како платформи „сејачи“ на говор на омраза се злоупотребуваат „Фејсбук“, „Јутјуб“ и, во последно време, „Тик-ток“, се наведува во извештајот на „Метаморфозис“.

Трендот на пораст е потврден и од статистиката што ја води и Комисијата за спречување и заштита од дискриминација. Само од 2021 до јануари 2022 година, Комисијата има донесено 14 одлуки за сторена форма на дискриминација преку говор на омраза или вознемирувачки говор искажан преку средства за јавно информирање/медиуми, а најчесто преку социјалните мрежи „Фејсбук“ и „Твитер“. Ваквиот говор бил насочен кон лица што припаѓаат на маргинализирана група, а се однесуваат на сексуална ориентација, односно врз основа на пол, род, сексуална ориентација, родов идентитет. Врз основа на национална или етничка припадност, потекло, попреченост, семејна или брачна состојба и друго има уште седум случаи каде што е утврден вознемирувачки говор или дискриминаторски говор, така што вкупно има преку 20 такви случаи за 2021 г., само преку средства за јавно информирање/медиуми, каде што спаѓаат и социјалните мрежи.

Но, бројката драматично расте во 2022 година, па така Комисијата во својот квартален извештај за јануари-март 2022 година[iii] изнесува податок дека дури 50 отсто од претставките каде што е утврдена дискриминација, односно 13 претставки, се однесуваат на дискриминација сторена преку средства за јавно информирање/медиуми, а најголемиот број од нив се однесуваат на социјалната мрежа „Фејсбук“.

Доколку се земат случаите што ги регистрирале новинарските здруженија во последните година-две и други невладини организации (на пример, само „Метаморфозис“ има регистрирано околу десет случаи на говор на омраза и поттикнување кривични дела од омраза кон своите вработени), сосема е јасна големината на проблемот со кој се соочува општеството.

Говорот на омраза го „спонзорираат“ високи функционери и јавни личности

Во една своја претходна анализа за говорот на омраза за „францускиот предлог“, Институтот за медиуми и аналитика (ИМА) „Францускиот предлог: Говор на омраза, дезинформации, медиумски манипулации[iv], во поглавјето „Експлозија на говор на омраза за време на јавната дебата за ‘францускиот предлог’“, беше констатирано дека дневно-политичката дебата за таканаречениот „француски предлог“ за надминување на спорот со Бугарија и ветото за почеток на преговорите на Северна Македонија за членство во Европската унија, го разгоре говорот на омраза во јавноста, медиумите и на социјалните мрежи.

Ваквите појави добија ветер во едрата заедно со тензиите кога овој процес ја достигна својата кулминација, односно за време на дебатата за „францускиот предлог“ минатата година. Анализата ги идентификуваше карактеристиките и елементите на говорот на омраза што преовладува во јавниот дискурс и како тие се пресликуваа во актуелниот комуникациски амбиент во земјата во контекст на предложената рамка за отворање на преговорите за пристапување на Северна Македонија во ЕУ, односно „францускиот предлог“, како што широко беше прифатен како термин во јавниот дискурс.

Во анализата на ИМА беше констатирано дека високи функционери на „Левица“ говорот на омраза го пренесоа од медиумите и социјалните мрежи во јавните настапи кога прво повикаа на радикализација (Апасиев предлага радикализација на опозицијата со протести, блокади и парализа на Собранието[v]), а потоа и со отворената реторика на омраза кон претседателот на државата Пендаровски (Апасиев јавно го пцуе Пендаровски[vi]), откако првиот човек на државата на на Самитот на НАТО во Мадрид изјави дека модифицираниот француски предлог е „далеку подобар за нас во споредба со претходниот“. Ова само им даде дополнителен импулс на следбениците на Апасиев на социјалните мрежи, особено откако тој „се нафрли“ со непримерен говор и врз дел од новинарите кои изразија мислење за „францускиот предлог“ (Функционери на Левица со етикети, говор на омраза и закани за ставање на „список“ кон новинарот Попетрески[vii])

Сите овие појави се беа последователни на говорот на омраза, кој од улиците се префрлаше во Собранието, постојано потхрануван од масовната размена на омраза на поларизираните граѓани на социјалните мрежи (Улична дебата во Собранието: Пратениците од СДСМ се изроди, а тие од ВМРО-ДПМНЕ се за лекување во Демир Хисар[viii]).

Посебно загрижувачки беа појавите на поизразен говор на омраза и поделби на внатрешен план помеѓу двете најголеми етнички групи (Бесот од францускиот предлог се истура врз соживотот[ix]).

Институтот за медиуми и аналитика ИМА регистрираше дека од говор на омраза не беа поштедени ниту најмалку ни високите функционери на ЕУ, кои доаѓаа во Северна Македонија со пораки дека македонскиот јазик стои без квалификација од ЕУ во изменетиот предлог на преговарачката рамка и дека иднината на Северна Македонија е во Европската Унија, дека Европа не е цела без Северна Македонија (Оркестрирани напади со говор на омраза и дезинформации кон фон дер Лајен и ЕУ30)[x].

На ова реагираше и еврокомесарот за проширување и соседство Оливер Вархеји, кој во интервју за „Еурактив“[xi] ја повика опозицијата во Северна Македонија на отрезнување со порака дека „палењето документи во пленарната сала, туркањето на луѓето кон насилство, и поттикнувањето омраза не носат ништо, само штета“.

На ескалацијата на насилството и говорот на омраза реагираше и Хелсиншкиот комитет со „осуда на секој чин на насилство и секој говор на омраза, како и поттикнувањето и повикувањето на насилство[xii], како крајно штетни и спротивни на вредностите на едно демократско општество. Хелсиншкиот комитет препозна дека говорот на омраза го презедоа политичарите и јавните личности и ги повика „да внимаваат каков говор употребуваат во своите обраќања до јавноста, а медиумите да ги пренесуваат случувања водејќи се од начелата на објективност и непристрасност при известувањето“. Во овој контекст, и Комисијата за спречување и заштита од дискриминација соопшти дека се поднесени десеттина пријави за утврдување дискриминација по основ на етничка припадност во мислења објавени на социјалните мрежи (Десетици пријави за наводен говор на омраза против Бугарите во земјава)[xiii].

И кога се сметаше дека кулминацијата на говорот на омраза беше постигната лани за време на уличните протести против „францускиот предлог“, таа експлозија на говор на омраза потоа се прелеа и во јавната расправа за уставните измени кои за своја цел имаат промена на Уставот на Северна Македонија со уставни амандмани за внесување на Бугарите во Преамбулата на конститутивниот акт на државата.

Реакциите и апелите не помогнаа. Говорот на омраза беше силна „придружба“ на дебатата за односите со Бугарија и на опструкциите на оваа земја во пристапниот процес на нашата земја за членство во ЕУ и во оваа фаза на овој процес – особено во епизодите „Протоколот“, „Бугарски клубови во Македонија“, „Утврдување на уставните амандмани од страна експертската група“ и во уште некои други.

Дезинформациите за Протоколот за спроведување на Договорот за пријателство меѓу Македонија и Бугарија со посредство на ЕУ генерираа омраза                   

Колку е важно и чувствително прашањето на говорот на омраза во односите меѓу Северна Македонија и Бугарија сведочи и Протоколот[xiv] за спроведување на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу двете земји, во кој оваа тема и препораките во врска со неа имаат посебно поглавје.

Протоколот беше потпишан на 17 јули 2022 година во Софија од страна на министерот за надворешни работи, Бујар Османи и тогашната шефица на дипломатијата на Бугарија, Теодора Генчовска. Потпишувањето на Протоколот и одржувањето на состанокот на меѓувладината комисија следуваше откако „францускиот предлог“ беше одобрен од страна на Владата по усвојувањето на заклучоците во македонското Собрание.

Во протоколот, меѓу другото, дополнително за говорот на омраза е предвидено дека државите ќе преземат ефикасни мерки за превенирање на недобронамерна пропаганда од страна на институции и агенции и ќе обесхрабруваат активности на приватни субјекти, насочени кон поттикнување на насилство, омраза или други слични активности, кои би наштетиле на нивните односи.

„Двете држави преку дипломатски канали меѓу министерствата за надворешни работи да продолжат да разменуваат информации во врска со говор на омраза, идентификувани натписи и знаци на јавни згради и споменици, текстови во учебници и учебни материјали како и во јавниот простор на територијата на другата држава и да информираат во разумен рок за преземање активности од соодветната држава за неодложно отстранување на идентификувани случаи на говор на омраза“, се наведува во Протоколот.

По потпишувањето на Билатералниот протокол, министерот за надворешни работи, Бујар Османи изјави дека преку овие точки во Протоколот министерствата преку посебни работни тела ќе го следат трендот и доколку увидат дека некој намерно провоцира, ќе ги информираат надлежните институции.

Но тоа не помогна многу. Наскоро се појавија објави со голема фреквенција на реакции и коментари коишто ширеа дезинформации, на кои се налепуваше говор на омраза кој дополнително ја поларизираше македонската јавност.

Порталот Вистиномер[xv] како типичен образец за дезинформации што продуцираше големо количество говор на омраза анализираше објава на социјална мрежа Фејсбук, во која неточно се наведува дека Протоколот предвидува рушење на споменици кои не се одобрени од Бугарија, дека цела документација од архивите во Македонија од 1945 до 1990 ќе се носи во Бугарија или дека ќе има затворски казни за „говор“ против Бугари.

Независните проверувачи на факти во анализата докажуваат дека ништо од ова не е точно, како што не е точно и тоа дека новите учебници ќе бидат одобрувани во Бугарија или дека Македонија ќе треба да ѝ се извини на Бугарија за прогонот на Бугарите во Македонија од страна на комунистите.

Во рецензијата на објавата исполнета со дезинформации, Вистиномер.мк се осврнува и на инсинуациите дека Протоколот предвидува да бидат забранети книги, филмови и други уметнички дела кои не се одобрени од Бугарија и дека сите идни нови книги и филмови ќе мора да бидат одобрени во Софија.

Тоа исто така не е точно, бидејќи нема таква одредба во Протоколот. Двете држави само гарантираат дека државното финансирање на нови книги, документарни изданија и списанија, филмови и друга уметничка продукција, како и на споменици на културата и прослави, ќе се реализира во духот на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка, и во овој контекст со неопходното внимание на сите форми на говор на омраза.

Уште повеќе, таква одредба не е возможна, бидејќи во Северна Македонија во Уставот[xvi], во Член 16 „се гарантира слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата. Се гарантира слободата на говорот, јавниот настап, јавното информирање и слободното основање на институции за јавно информирање. Цензурата е забранета“.

Според наведените факти, тврдењата искажани во постот се тенденциозни и невистинити, се констатира во анализата на Вистиниомер.мк, но тоа не го спречи говорот на омраза што го поттикна оваа и други слични објави.

Бугарските клубови заедно со говорот на омраза донесоа и кривични дела од омраза

Бугарските клубови и здруженија кои започнаа да се основаат во екот на заострените македонско-бугарски односи донесоа нов бран говор на омраза, но и бран на насилство, што стана особено загрижувачко.

На отворањето на првиот културен клуб на Бугарите во Битола наречен „Иван (Ванчо) Михајлов“ на 16 април, 2022 година, присуствуваше и тогашниот владин врв на Бугарија предводен од Кирил Петков како премиер.

Настанот предизвика силно незадоволство во македонската јавност, во најголем дел заради фактот што културниот клуб во Битола е именуван според личност, која се препознава како негативна во однос на македонската историја и револуционерна борба и како лик што соработувал со фашистите за време на Втората светска војна и тврдел дека Македонците се Бугари.

На 3 јуни 2022 година, беше опожарена портата на клубот во Битола. За тоа беше обвинет пејачот Ламбе Алабакоски, по што беше покрената судска постапка, која на 27 септември истата година заврши со условна казна затвор од шест месеци, која нема да се реализира доколку Алабакоски во следните две години не стори ново кривично дело.

Тензиите што ги предизвикаа овие настани не престанаа да се потхрануваат и во текот на наредниот период, во кој беа организирани повеќе средби и беа објавени повеќе изјави кои требаше да ги деескалираат состојбите.

Но, наместо да се случи тоа, следуваа неколку изјави на бугарскиот европратеник Ангел Џамбаски, меѓу кои и таа дека лично тој ќе предводи бугарска делегација на чествување по повод роденденот на Гоце Делчев на 4 февруари.

На ова реагираше премиерот Ковачевски, кој изјави дека „инцидентите и провокациите меѓу двете земји се намерно предизвикани од оние кои не сакаат да станеме членка на ЕУ“, а министерот за надворешни работи, Бујар Османи рече дека „последен пат ќе влезе во државата секој кој ќе ги нарече Македонците Бугари или ќе каже дека Северна Македонија е бугарска“.

На овој бран сериозни тензии во македонско-бугарските односи им претходеше инцидентот во Охрид, кога на 19 јануари 2023 година беше нападнат и претепан секретарот на тамошниот бугарски клуб „Цар Борис Трети“, Христијан Пендиков. Бугарија веднаш обвини за кршење на правата на Бугарите во Македонија, а пристигнаа и закани за блокирање на преговорите со Европската Унија. Инцидентот го осудија македонскиот и бугарскиот државен врв, а Бугарија испрати владин авион за да го земе Пендиков и да го лекува во Софија, што дополнително предизвика појави на говор на омраза.

Во меѓувреме на социјалните мрежи бугарската фондација „Македонија“ веќе повика на организирана посета на Бугари на гробот на Гоце Делчев во црквата „Св. Спас“ во Скопје на 4-ти февруари, а како директна реплика на оваа провокација дојде и реакцијата на Александар Пандов од ВМРО-ДПМНЕ кој на својот Фејсбук профил порача дека уште од утринските часови Македонците ќе бидат во црквата „Свети Спас“.

И на отворањето на бугарскиот клуб „Цар Борис Трети“ во Охрид имаше протести, а неколку дена подоцна беше оштетена таблата со името на клубот.

Протестот го организираше партијата Левица и го поддржа ВМРО-ДПМНЕ. Тогаш и еврејската заедница во Македонија излезе со став дека е згрозена од „глорификацијата на фашизмот и ширењето на јазикот на омразата“.

Во оваа насока, пратениците во македонскиот Парламент ја започнаа иницијативата за да ограничи правото на здруженијата да избираат имиња кои се поврзуваат со фашизам.

Говорот на омраза не ја заобиколи и дебатата за уставните амандмани

За жал, сосема очекувано, говорот на омраза не ја заобиколи и дебатата за уставните измени, кога тие влегоа во фазата на утврдување на амандманите за внесување на Бугарите во Уставот.

Една од типичните карактеристики на говорот на омраза на социјалните медиуми се сексистичките коментари и закани, кои се секогаш фокусирани на девојките и жените кои се погласни и поактивни кога се во прашање овие или други политички процеси.

Пратеничката и лидерка на политичката партија ЛДП, Моника Зајкова беше мета на говор на омраза и сексистички напади со измислена вест која наводно е објавена од порталот на неделникот Фокус[xvii].

Мониторинг тимот на граѓанската организација Цивил ја дебанкираше оваа содржина и објави дека од Фокус за ЦИВИЛ Медиа потврдиле дека ваква содржина не е објавена на нивниот сајт и дека е злоупотребено логото на сајтот.

Ваквите дезинформации и сексистички напади следуваа по изјавата на Зајкова дека е по потекло од Кукуш, говори македонски јазик и секогаш ќе биде горда Македонка.

Малку подоцна, кога на иницијатива и на предлог на Владата се формираше експертската група која требаше да го подготви текстот на амандманите на Уставот со кои треба да бидат внесени Бугарите во конституцијата на државата (Предлогот за пристапување кон измена на Уставот на Република Северна Македонија со насоки за изменување и дополнување на уставот[xviii]), од говор на омраза не беа поштедени ниту предложените експерти.

Самите наслови на текстовите за членовите на експертската група на предлог на Владата којашто требаше да ги утврди уставните амандмани поттикнуваa говор на омраза. На пример овој: Еве кој ќе ги става Бугарите во Уставот: Меѓу т.н. експерти има сè, само не професори по уставно право.[xix]

Посебна мета на партиските ботови и тролови на социјалните мрежи беше професорката д-р Ана Чупеска од Правниот факултет во Скопје, кон која имаше масовен говор на омраза што го поттикна ВМРО-ДПМНЕ со дезинформацијата дека Чупеска поддржува апсење и затворање на новинари и дека не е компетентна да пишува уставни амандмани[xx].

Од екстремниот говор на омраза, па дури и од отворени закани и повици за физичко насилство не се поштедени ниту граѓанските активисти. Претседателот на Цивил, Џабир Дерала е постојано мета на говор на омраза, но оваа пролет, додека се забрзуваа процесите за утврдување на уставните амандмани, кон Дерала беа упатени сериозни закани и говор на омраза.

Во реакцијата на Цивил „Говор на омраза, лаги и закани кон Џабир Дерала, претседателот на ЦИВИЛ[xxi], како одговор на говорот на омраза и заканите беше истакнато дека е „јасно е дека овие напади колку што се насочени кон Дерала, тие се насочени и против организацијата ЦИВИЛ и нејзината медиумска платформа. Познато е дека ЦИВИЛ како организација ги промовира човековите права, демократијата, мултикултурализмот, европските вредности и евроатлантската ориентација на земјата. ЦИВИЛ е една од најрелевантните организации за борба против дезинформациите, пропагандата и говорот на омраза, како и угледна организација за мониторинг на изборните процеси и контрола на оружјето. Оттаму, ваквите оркестрирани напади се насочени токму против вредностите и делувањето на ЦИВИЛ, а со тоа се врши и притисок врз граѓанките и граѓаните, да не се осмелуваат да изразат јавна поддршка на организацијата“.

Говорот на омраза околу спортските терени

Мониторинг тимот на граѓанската организација Цивил го следеше и агресивниот и насилен говор на омраза којшто се манифестираше во пресрет, за време и после фудбалскиот натпревар меѓу екипите на Шкупи и Левски.

Говорот на омраза и насилствата што ги предизвика тој не можат да се исклучат од општата состојба и слика за оваа појава на темите поврзани со македонско-бугарските односи и донесувањето на уставните измени.

Во таква зовриена и поларизирана атмосфера се случија и непријатните и насилни сцени што ги предизвикаа навивачите на двата клуба.

Во извештајот на мониторинг тимот на Цивил[xxii] се вели дека „навивачите на бугарскиот клуб Левски уште не пристигнати на фудбалскиот натпревар меѓу Левски и Шкупи, веќе на социјалните мрежи почнаа да провоцираат дека ќе го запалеле македонското и албанското знаме на трибините на стадионот „Тодор Проески“ во Скопје. Со тоа бугарските националисти облечени во хулигански маички само докажаа дека сакаат да предизвикаат етнички тензии кои ќе им одат во прилог само на бугарските (и на дел од македонските) политичари кои го кочат патот на Македонија кон Европската унија“.

Епилогот на овој говор на омраза во пресрет на натпреварот резултираше со физичко насилство и пресметка меѓу навивачките групи. Таков беше инцидентот во скопската населба Чаир, кој имаше голем одек во македонските и бугарските медиуми. За овој инцидент Основното јавно обвинителство излезе со соопштение[xxiii] во кое се вели:

„Според првичните сознанија, до настанот дошло додека навивачи на ФК „Левски“ со две возила со бугарски регистарски ознаки се движеле во близина на трговскиот центар „Чаирчанка“, каде влегле во вербална расправија со случајни минувачи и граѓани. Бугарските навивачи ги запреле возилата и излегле од нив, по што вербалната расправија преминала во физичка пресметка со група граѓани кои излегле од околните објекти. При враќање во автомобилот, 29-годишен бугарски државјанин бил повреден со остар предмет во абдоменот. Кај него била констатирана тешка телесна повреда и е хоспитализиран. По извршена хируршка интервенција, тој е во стабилна состојба“, соопшти Обвинителството.

Потоа, пред почетокот на натпреварот надвор од Градскиот стадион продолжија со вербално и физичко насилство, додека внатре во стадионот пееја песни против Македонците и Албанците: „Уби, уби, уби Ш*птара“.

На овие настани реагираа и од Институтот за медими и аналитика (ИМА)[xxiv], од каде што потенцираа дека „говорот на омраза пред, за време, и по одржување на спортските натпревари причинува повеќекратни штети, а поттикнува и насилство. Институтот за медиуми и аналитика ИМА го осудува говорот на омраза и насилството пред и за време на одржување на фудбалскиот натпревар во Скопје помеѓу фудбалските клубови на Шкупи и Левски“.

Во својата реакција ИМА ги повика надлежните институции да преземаат казнени мерки, но и други мерки со кои во иднина ќе спречи повторување на говорот на омраза и насилството кое го поттикнува и ги повика политичарите и медиумите јавно да го осудуваат говорот на омраза.

„Именувањето“ (name calling) на социјалните мрежи е главна алатка за оцрнување, заплашување и замолчување на неистомислениците

Главна алатка на протагонистите на говорот на омраза на социјалните мрежи и на порталите на традиционалните медиуми со кои се навредуваат, оцрнуваат, заплашување и се прават обиди да бидат замолчени неистомислениците и на едната и на другата страна, е навредливото именување, односно погрдните атрибути.

Најпопуларни и најфреквентни се епитетите „северџан/северџани“ или „вмрон/вмрони“.

Но, кога ќе се исцрпат овие навреди од „идеолошко-партиски происход“, доаѓаат на ред и останатите „традиционални“ тиради од погрдни именувања како „комуњари“, „арамии“, „хохштаплери“, „плукачи“, „неписмени“, „немиени“, а проследени со навреди на сметка на религијата, етничката припадност, сексуалната ориентација, националноста…

Не ретко има и говор кој, заедно со навредите, повикува и на пресметки и физичка ликвидација.

Низа аналитичари укажуваат дека овој тренд е во пораст и дека во директна врска со потребата на политичките центри на моќ да го одвлечат вниманието на јавноста од низа реални проблеми од економската и од општествената сфера или да го насочат на теми кои се од партиски, а не од јавен интерес.

За жал, заради ширината и интензитетот на говорот на омраза, орекстриран од различни центри на моќ со тролови на социјалните мрежи, веќе имаме млади генерации што растат во секојдневие во кое омразата е „нормална“ и кои на разни начини сугерираат дека погазувањето и на своето и туѓото основно човеково достоинство и индивидуалност, е нешто што е вообичаено.

Без разлика на интензитетот на говорот на омраза, препораките се дека со иста, ако не и поголема, треба да биде пропорционалноста на мерките за справување со него.

Останува и препораката дека објавите на содржини со говор на омраза треба да се модерираат според Насоките за етичко известување на онлајн медиумите во Северна Македонија на Советот за етика на медиумите во Македонија (точка 10.4).

Но, иако препорака вели дека „онлајн медиумите се одговорни за редовно прегледување и брзо отстранување на коментарите на корисниците што се објавуваат под новинарските содржини на веб-страниците или на социјалните мрежи, а коишто содржат говор на омраза и имаат потенцијал да предизвикаат штетни последици во општеството“ – мал е бројот на медиумите што го прават тоа. Веројатно во борба за поголема читаност, во што придонесуваат дискусиите со многу коментари кои ја креваат видливоста на постовите, медиумите забораваат на нивните етички должности. Дел од нив ова го правдаат со недостаток на човечки ресурси за соодветно модерирање на нивните објави.

Какво и да е објаснувањето или оправдувањето, штетата во однос на јавниот интерес и на менталното здравје на општеството, ќе биде ненадоместлива доколку колку што е можно побргу не се преземат конкретни, соодветни и континуирани мерки за ефикасен одговор на овој сериозен проблем.

Говорот на омраза и недобронамерната пропаганда одат рака под рака

Секој чин на деструктивно однесување, не носи никому добро, освен на тие што се служат со ова подмолно средство за валкани цели.

Говорот на омразата и делата од омраза се меѓусебно поврзани и претставуваат закана за човековите права и слободи, но и за развојот, безбедноста и стабилноста на едно демократско општество.

Справувањето со говорот на омраза, како и преземањето ефикасни мерки за превенирање на недобронамерна пропаганда од страна на институции и агенции, и обесхрабрувањето активности на приватни субјекти, може да биде проблематично во пристапниот процес на Северна Македонија за членство во ЕУ – доколку вакви мерки не се преземат.

Колку е ова важно прашање говори и фактот дека терминот „говор на омраза“ е опфатен во два кластера и споменат дури 18 пати во Извештајот на Европската Комисија за напредокот на Северна Македонија во евроинтегративниот процес за 2022[xxv] година. Со тоа, Европската Комисија го издвои говорот на омраза како особено актуелна тема, за која се формулирани неколку препораки.

Дилемата која се воочува тука, е потреба од дефинирање на недобронамерна пропаганда и институционална поставеност и одговорност за утврдување на истата, укажа во една својата анализа Радио Слободна Европа со индикативен наслов „Уставните измени се само една од можните сопки кон влезот во ЕУ“.[xxvi]

„Што се однесува до говорот на омраза, а особено со оглед на актуелноста и акутноста на состојбата со говорот на омраза на двете страни, потребна е и итна реакција на МНР во координација со Министерството за правда, вклучително и Народниот правобранител да се отпочне комуникација со Европската агенција за основните права, со цел користење на нејзината експертиза, совети и насоки за воспоставување функционален сеопфатен механизам со целосен респект на сите меѓународни норми и обезбедување заштита на слободата на мисла и говор“, изјави за анализата на Радио Слободна Европа Зоран Нечев од Институтот за демократија.

Во земјата, за говор на омраза се постапува според Кривичниот закон или меѓународните конвенции, според кои справувањето со говорот на омраза мора да биде приоритетна грижа на секоја држава, а тоа е особено значајно кога станува збор за нашата земја и за евро-интегративниот процес.

„Постапување по говор на омраза ќе биде дел од условите, но кога зборуваме за тоа кој говор на омраза е најштетен, тогаш прво: тоа е оној по кој не се постапува, а вториот е тој кој доаѓа од официјалните претставници на државата. И затоа изјави од граѓани на социјални мрежи или во јавност се дел од „големата врева“, но се нерелевантни за евроинтегративниот процес. Ако тој говор доаѓа од политички претставници, пратеници или државниот врв, тогаш тоа е штетен говор кој го нарушува процесот“, вели Андреја Стојковски од Институтот Преспа во истата анализа на Радио Слободна Европа.

Нападите врз македонските Бугари и бугарските културни центри влегоа и во извештајот на ЕКРИ за Северна Македонија[xxvii]. Европската комисија против расизмот и нетолеранцијата (ЕКРИ), формирана од Советот на Европа, како независно тело за следење на човековите права специјализирано за прашања поврзани со борбата против расизмот, дискриминација (по основа на „раса“, етничко/национално потекло, боја на кожа, државјанство, религија, јазик, сексуална ориентација и родов идентитет), ксенофобија, антисемитизам и нетолеранција, во извештајот за земјава за 2023 година го оценува „антибугарското насилство како сериозно загрижувачко, особено по неколкуте напади врз лица кои себеси се идентификуваат како Бугари и врз бугарски културни центри“ и се осврнуваат на „чекорите на властите за укинување на регистрацијата или распуштање на некои постојни бугарски културни здруженија“.

Притоа, се наведува инцидентот со клубот „Иван Михајлов“ во Битола кој се случи, како што стои во извештајот, по серијата закани против клубот. Претседателот и Владата го осудија нападот, но ставот на дел од соговорниците на ЕКРИ бил дека условната казна за нападот во Битола не била доволно строга за да спречува такви инциденти во иднина.

Исто така, наведени се и случувањата со клубот „Цар Борис Трети“ во Охрид, при што во вториот инцидент се користеше огнено оружје и физичко насилство. ЕКРИ бара не само осуда на прибегнувањето кон говор на омраза и насилство и изведување на сторителите на злосторствата од омраза пред лицето на правдата, туку и систематско и доследно спротивставување на антибугарскиот јавен дискурс, со цел да се запре овој загрижувачки тренд.

Во Комисијата, како што се додава во извештајот, се свесни за политичката контроверзност во однос на користењето на името на Иван Михајлов и неговите политички идеи дека Македонците се Бугари и признаваат дека употребата на името Цар Борис Трети е исто така контроверзна и провокативна, со оглед на улогата на Бугарите како окупатори на Македонија во Втората светска војна.

Вечното прашање: Што да се прави?

Она што може да се заклучи од оваа анализа се совпаѓа со утврдените сознанија дека говорот на омраза служи како алатка за засилување нa дезинформациите, спинувањето и предизвикувањето на сомнежи и недоверба во процеси и институции. Во овој случај, говорот на омраза, освен што го поларизира јавното мислење, го таргетира и процесот за евроинтеграции на земјата.

И во овој случај, говорот на омраза има јасни обрасци и на експлицитно и на имплицитно ниво, односно и кога станува збор за содржината и кога станува збор за формата. Содржината е лесно препознатлива, пред сè во вокабуларот што е непристоен и не е соодветен за јавен говор.

Постојат безброј примери, особено во медиумите. Освен објавите и коментарите на социјалните мрежи, дополнително загадување на јавниот простор со говор на омраза се прави и преку нефилтрираното пренесување на зборовите на учесниците во настани што шират говор на омраза, како правењето публицитет од нешто што не го заслужува вниманието од аспект на јавниот интерес и на етичката и политички културната комуникација.

Ситуацијата е многу покомплицирана со наративи и дискурсни стратегии, кои имплицитно шират омраза и нетолеранција. Како пример може да се земе постојаното прикажување на одредена група граѓани, социјална или политичка структура, во негативен контекст. Такво врамување во континуитет и интензитет создава одиум кој поттикнува омраза. Така е и во случајот на јавната дебата во однос на уставните измени со што или кај застапниците или кај противниците на овој процес се создава атмосфера со која кон „другиот“ се оправдува дури и говорот на омраза.

И додека имплицитниот говор на омраза е тешко да се идентификува и препознае веднаш, експлицитниот, како лесно видлив, доколку постои желба, треба веднаш да се исклучи од јавната комуникација со едноставно модерирање на коментарите на корисниците на некој портал за вести или на портал кој е онлајн платформа на традиционалните печатени и/или електронски медиуми.

Од друга страна, дури и сопствениците на личните профили и пејџови на социјалните мрежи, доколку не сакаат нивниот „личен простор“ на Фејсбук, Твитер, Инстаграм, Тик-Ток и други социјални мрежи да им биде запоседнат од луѓе кои сеат говор на омраза, можат или да ги исклучи од списокот на пријатели на Фејсбук или да ги модерираат коментарите.

Од друга страна, останува она што експертите од Хелсиншкиот комитет за човекови права го препознаваат како еден од најгорливите проблеми, а тоа што нема системска казнивост на говорот на омраза. Тие, исто како што тоа го детектира и ЕК во своите извештаи, истакнуваат дека државата нема систем на казнување, иако невладиниот сектор помага при неговото детектирање, прибирање докази, комуникацијата меѓу Јавното обвинителство и Министерството за внатрешни работи, но, на крајот, од судската пракса произлегуваат поразителни бројки, бидејќи случаите за кои е поведена постапка за говор на омраза од страна ЈО во судовите, години наназад се брои на прстите од една рака.

(авторот е долгогодишен новинар и уредник)