Им веруваат ли граѓаните на теориите на заговор?

Пишува: МИРЈАНА МАЛЕСКА        

Пред неколку месеци, угледен електронски медиум објави дека  министерот за надворешни работи на земјата, кој бил во посета на Молдавија како претседавач на ОБСЕ, за малку ќе станел жртва на атентат! Уште неколку медиуми ја преземаат сензационалната вест. Ако случајно ja проверевте оваа информација на страницата на ОБСЕ, такво нешто нема да најдевте, освен дека посетата на Бујар Османи била успешна и дека се сретнал со двете страни во конфликтот: со претставниците на власта во Чисинау и со претставниците на отцепената провинција под руско влијание, Предењестрија.

Попладнето,  Министерството за надворешни работи ја демантира веста. Демантот го објави само еден медиум, додека другите, намерно или не, изгубија интерес натаму да се занимаваат со тaa тема, но штетата веќе беше направена. Читателите останаа збунети или во убедување, подгреано од коментарите на социјлните мрежи, дека тука нешто се крие!

Теориите на заговор се многу популарни. Тие се шират како оган, особено во ера на интернетот и често зафаќаат голем дел од популацијата. Со овој феномен се позанимаваа и истражувачите од Европскиот инфраструктурен конзорциум (ERIC). Тие спроведоа обемен компаративен проект на репрезентативно анкетно истражување во 35 европски земји на почетокот на 2022.

Како стојат македонските граѓани во поглед на конспиративните теории? За жал, прилично лошо. На пример, 59,1% од граѓаните сметаат дека “мала тајна група луѓе ги носи сите главни одлуки во светската политика”.

 

 

Вистина е дека во книгата, која се смета за еден од најзначајните емпириски трудови на политичката наука на 20-от век: “Кој владее?: Демократијата и моќта во американскиот град”, на Роберт Дал, сите констатации водат кон тоа дека во Њу Хевен, Конектикат, владее мала економски и политички моќна елита, без оглед на демократскиот идеал. Меѓутоа, истражување дека “мала тајна група луѓе ги носи главните одлуки во светската политика”, едноставно не постои.

Второто прашање се однесува на Корона-вирусот. Одново, македонските граѓани,  компаративно, се меѓу најбројните во уверувањето дека “група научници намерно измислуваат докази за да ја прикријат вистината за Корона-вирусот”. Тие, исто така се убедени дека вирусот е “резултат на намерни и прикриени обиди на некоја влада или организација  за диверзија против граѓаните”.[i] (види: табела 2 и 3, во прилог)

 

 

 

И за ова тврдење, како и за претходното, нема никакви научни докази што издржуваат критичка проверка.

Се разбира дека вистински заговори постојат, доколку се докажат. На пример ако власта тврди дека гради отворено, демократско општество а тајно, без судски овластувања прислушкува илјадници граѓани, како што покажа извештајот на Прибе од 2015, базиран на докази, станува збор за вистински заговор. Но ако во медиумите и на социјалните мрежи се тврди, во ксенофобичен контекст, дека министерот за надворешни работи ја донел одлуката за прифаќање на таканаречениот „Француски предлог“ во интерес на соседна земја, а тоа не е аргументирано, јасно е дека злонамерно се креира конспирација против нашата држава.

Ако од интелектуални кругови во земјата и МАНУ постојано се емитираат пораки дека ЕУ и САД потајно работат да ја растурат македонската држава и да го избришат македонскиот идентитет од лицето на земјата, а сите докази, од независноста до денес, одат во прилог на поддршката што ја уживаме однадвор, тогаш не се работи само за непознавање на меѓународната политика, туку за зла намера со политичка позадина.

Зошто се луѓето склони да прифатат вакви тврдења? Постојат повеќе објаснувања, меѓу кои се издвојува она на американскиот историчар Ричард Хофстадтер. Во “The Paranoid Style in American Politics” (1965), тој смета, дека оние групи на граѓани кои не се во состојба, од разни причини, да ги артикулираат своите политички инетреси преку каналите за влијание во институциите на власт, се чувствуваат отуѓени и развиваат параноиден страв од конспирација. Тоа ги прави ранливи и склони повеќе кон харизматично отколку рационално водство што ја поткопува демократијата.

Сликата ја надополнува психологот Џон МекХоски, кој истражувал дали аргументите ќе го сменат мислењето на оние кои биле убедени во конспиративните теории. Неговото истражување покажало дека предрасудите, барем во овој случај, не се смениле. Оние што, на пример, мислеле дека атентатот врз Кенеди е работа на конспирација, без оглед на дополнителните аргументи против, останале на своето мислење.

Теориите на заговор му штетат на општеството на повеќе начини. На пример, тие ги ослабуваат намерите на луѓето да се вклучат во политиката или да ги сменат работите што ги сметаат за лоши, преземајќи соодветна општествена акција. Поголема е веројатноста, оние што се чувствуваат немоќни или ранливи, да поддржат и да шират теории на заговор, отколку останатите.

Интересни се истражувањата за теориите на заговор на двајца психолози, Стефан Левандовски од Универзитетот во Бристол и Џон Кук од Западно – австралискиот универзитет во нивниот “Прирачник за теориите на заговор”. Звучи контрадикторно, но тие сметаат дека овие теории им овозможуваат на луѓето да се справат со заканувачките настани, со фокусирање на вината врз група заговорници. “На луѓето им е тешко да прифатат дека „големите“ настани (на пример, смртта на принцезата Дијана) може да имаат обична причина (возење во алкохолизирана состојба), па теоријата на заговор ја задоволува потребата за „голем“ настан да има голема причина”.

Особините на оние кои се склони кон теории на заговор, кои овие психолози ги набројуваат, ги препознаваме во нашето секојдневие: контрадикторност, прекумерен сомнеж, злобна намера, “нешто мора да не е во ред”, прогонувана жртва, имуни на докази, “ништо не се случува случајно” итн.

Прашањето во насловот на текстот е реторичко. Стравот, несигурноста, предрасудите, лошите намери итн. се постојани придружници на луѓето, а со тоа и теориите на заговор. Ги имало и ќе ги има. Ете предизвик за истражувачкото новинарство и организации како ИМА, на кои вистината и проверката на факти им се важни. Тие играат огромна улога во разобличување на таквите теории секогаш кога е тоа можно, во нивно аргументирано побивање, во објаснување на контекстот во кој се јавуваат, во создавање мрежа на организации и луѓе на кои им се туѓи и неприфатливи предрасудите и политичкиот радикализам.

(авторката е универзитетски професор по политички науки)

Референци:

[i] Проф. Д-р Маријана Марковиќ: Перцепции и ставови за справување со ковид 19 пандемијата.(табелите се во прилог на текстот)(https://isppi.ukim.edu.mk/sites/default/files/2023-03/8.-markovik-stavovi-za-pandemijata-so-kovid-19.pdf)

Институтот за медиуми и аналитика ИМА не се согласува секогаш со ставовите изнесени во авторските текстови, мислења и анализи, но го цени високо придонесот на секој автор и придонесот на медиумските експерти за развој на аргументирана дебата со различни гледишта, со цел да да се унапреди состојбата со плурализмот во медиумскиот простор во Северна Македонија.