Пишува: ПЕТРИТ САРАЧИНИ
Смртта на воениот злосторник Ратко Младиќ покрена нов бран на глорифицирања на злосторникот, но и одобрувања, оправдувања, минимизирања на злосторствата и геноцидот во крвавата војна во Босна и Херцеговина. Погледајте ја само таа експлозија од коментари со ваква содржина на социјалните мрежи, но и во ставовите на некои политички актери, дел од кои се на власт во земјава!
Што вели за ова Кривичниот законик?
„Одобрување или оправдување на геноцид, злосторства против човечноста или воени злосторства
Член 407-а
(1) Тој што по пат на информационен систем јавно ги негира, грубо ги минимизира, ги одобрува и оправдува делата од членот 403 до 407, ќе се казни со затвор од една до пет години.
(2) Ако негирањето, минимизирањето, одобрувањето или оправдувањето е сторено со намера за поттикнување омраза, дискриминација или насилство против некое лице или група на лица поради нивната национална, етничка или расна припадност или верска определба, сторителот, ќе се казни со казна затвор најмалку четири години.“
Кривичните дела на кои се однесува овој член се Геноцид (Член 403), Злосторство против човечноста (Член 403-а), Воено злосторство против цивилно население (Член 404), Воено злосторство против ранети и болни (Член 405), Воено злосторство против воени заробеници (Член 406), Употреба на недозволени средства на борба (Член 407).
Засега, на тоа што се случува во јавноста и на социјалните мрежи, нема реакција од МВР и Обвинителството. А, замислете, само пред неколку дена, од власта слушнавме предупредувања дека ќе се гонат оние што ширеа дезинформации за загаденоста на водата во Скопје (иако за тоа нема законски основ – поради отпор на истите актери, тие измени на Кривичниот законик не беа донесени на времето и беа нападнати како „цензура“ и „диктатура“)?!
И сега? Што прават МВР и Обвинителството? Ќе молчат, ќе остават народот да се крви меѓу себе, да се шири омраза во име на еден беден воен злосторник, кој го извалка угледот на сопствениот народ? Или, конечно, во земјава, ќе почнат и законите, и предупредувањата да се спрoведуваат со ист аршин за сите?
Ако не, здравје…
—
Авторот е претседател на Институтот за медиуми и аналитика ИМА








