Во новото издание на шорткастот „Интеркултура“, Роберт Алаѓозовски разговара со Јана Коцевска, долгогодишна граѓанска активистка и менаџерка во културата, за феминизмот, родовата еднаквост, насилството врз жените и улогата на граѓанскиот сектор во општествените промени.
Коцевска оценува дека има поместувања во однос на феминистичките вредности и родовите политики, но предупредува дека напоредно со растот на свеста за родовата еднаквост, зајакнуваат и патријархалните вредности. Таа укажува на обидите родот да се исклучи од стратешките документи и политичките одлуки во земјава, како и на влијанието на религиските фактори во секуларната држава.
„Промени има, но потребно е да се работи повеќе во оваа сфера“, нагласува Коцевска.
Критикувајќи ја неефикасноста на институциите во спречувањето на насилството, таа вели дека иако постојат закони, документи, политики и механизми за заштита, тие не се применуваат на начин што обезбедува реална заштита за жените, младите девојки и маргинализираните групи. „Буквално е станато како норма, нормализирано е до крајност, и тоа што го гледам како суштински проблем е неодговорноста на институциите“, вели Коцевска.
Таа ја поврзува родовата нееднаквост и со економската зависност на жените, корупцијата и формалното, наместо суштинско учество на жените во политиката. Во разговорот се отвора и прашањето за сексуалното образование, кое, според неа, може да придонесе кон демократизација на општеството.
Коцевска се осврна и на работата на граѓанските организации со средношколците, на феминистичката издавачка едиција „Вагина дентата“ и на потребата од нови знаења наспроти доминантните патријархални и националистички наративи, Таа изрази надеж дека младите ќе се мобилизираат повторно за општествени промени, и покрај тоа што многу од нив заминуваат од земјата.
Погледнете го целосниот разговор со Јана Коцевска во видео-шорткастот „Интеркултура“ на ИМА.
—
Шорткастот „Интеркултура“ е активност реализирана во рамки на проектот „Креативна работа, јавна вредност: Застапување за праведни политики во независниот културен сектор“. Проектот е поддржан од Владата на Швајцарија во рамки на проектот „Култура за развој“, кој се имплементира од Хартефакт Фонд. Содржината/изразените мислења никогаш не може да се толкуваат како ставови на Владата на Швајцарија и Хартефакт Фонд








