Институтот за медиуми и аналитика ИМА со ТВ емисијата „Полиграф”, реализирана во соработка со ТВ Алсат, е добитник на годишната награда „Илија Жупаноски” од Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“.
Наградата „Илија Жупаноски” се доделува на новинари, граѓански организации и поединци кои придонесуваат во справувањето со дезинформациите во земјата. Авторите на ТВ емисијата „Полиграф” Петрит Сарачини и Жарко Трајаноски ја примија наградата во категоријата за најдобар новинарски труд, односно стручен труд подготвен од граѓански организации и поединци.
Неделната ТВ емисија „Полиграф“ за разоткривање дезинформации и неточни вести беше продуцирана во соработка со националната ТВ Алсат и со поддршка од Амбасадата на САД во Северна Македонија. Емисијата вклучуваше 2 сезони со вкупно 48 епизоди.
„Полиграф“ се рангираше меѓу првите три најуспешни емисии на ТВ Алсат, што е доказ за успешноста на проектот и покажува дека мејнстрим публиката е заинтересирана за разоткривање на дезинформациите. Покрај ова, над 600 стории на „Полиграф“ беа преобјавени од 20-тина популарни портали на македонски и на албански јазик.
Покрај наградата за ИМА и „Полиграф“, во втората категорија – Едукативна мултимедијална содржина подготвена од млади од 18 до 28 години, наградата ја доби новинарот Ардит Рамадани за „Медиумската хистерија за полот на Имане Хелиф влече корени од Русија, медиумите паднаа во замката на Русија, повторно“. Дополнително, новинарката Весна Коловска доби признание за посебен придонес за едукативниот серијал „Дезинформации и ширење на теории на заговор“.
Наградите беа свечено доделени во склоп на дваесеттото издание на конференцијата Е-општество.мк „Дигитална преобразба за подобар живот”, во организација на Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“.








