Европскиот фонд за демократија (ЕЕД) објави сторија за работата на Институтот за медиуми и аналитика ИМА во борбата против дезинформациите, раскажана преку разговор со претседателот на ИМА, Петрит Сарачини. Сторијата ја објавуваме во целост.
Запознајте го Петрит Сарачини, медиумски ветеран од Северна Македонија кој се бори против лажните вести со факти што стануваат вирални. Негова омилена супермоќ? Да препознае лага веднаш. Можеби веќе ја има.
Во време кога вистината се одредува од алгоритми, а вниманието трае колку едно TikTok видео, борбата против дезинформациите личи на битка со дронови на која сте дошле на коњ. Петрит Сарачини го знае тоа. Впрочем, самиот вели: „Тоа е како да се бориш против нуклеарни бомби со мечеви и коњи“. Но сепак, тој продолжува да се бори.
Сарачини е коосновач на ИМА — Институтот за медиуми и аналитика — граѓанска организација од Северна Македонија која води војна против дезинформациите, говорот на омраза и дигиталната магла што задушува голем дел од јавниот дискурс. Тој не е технократ, ниту разочаран политички аналитичар. Тој е музичар, медиумски работник, и по сопствено признание — неволен, но решителен борец за вистината.
Хаосот како катализатор
Неговото патешествие започнува под сенките на автократијата. Околу 2015 година, кога Северна Македонија беше зграпчена од тогашниот премиер Никола Груевски, Сарачини работеше во граѓанската организација ЦИВИЛ. „Повеќето медиуми беа под строга контрола“, се сеќава тој. „Дезинформациите и нападите беа насекаде. Секој што ќе се спротивставеше на владејачката партија стануваше мета“. Тој хаос, вели, беше катализатор.
Сарачини почнал да забележува уште еден слој на манипулација: наративи наметнати од странски интереси, особено од кругови блиски до Кремљ. Тоа не беа само локални политички манипулации, туку геополитички сценарија што се одвиваа на балканско тло. Протестите против режимот на Груевски беа претставени како обоена револуција диригирана од Западот. Преспанскиот договор, кој го реши деценискиот спор со Грција и го отвори патот за НАТО, беше дочекан со бран антизападна пропаганда. Истото се случи со преговорите за членство во ЕУ, пописот (заради чувствителниот мултиетнички состав), па дури и со пандемијата и војната во Украина. Различни теми, исти извори, исти тактики.
„Видовме дека зад сè стојат истите групи“, вели Сарачини. „Тие управуваат со веб-страници, шират наративи преку социјални мрежи и користат координирани мрежи за да ја манипулираат јавноста. Тоа е организирано. Тоа е намерно“.
Во 2022 година, заедно со колегата Жарко Трајаноски, ја основа ИМА со поддршка од Европскиот фонд за демократија (EED). ИМА работи на два фронта: медиумски мониторинг и продукција на содржини. Тоа е хибриден модел. Тимот изработува анализи, извештаи и истражувања, но истовремено ги претвора тие наоди во формати што публиката навистина ги гледа. „Кратки видеа. Дебанкирања. Содржини за социјални мрежи“, објаснува Сарачини. „Луѓето веќе не читаат долги текстови. Ако сакаш да ги допреш, мораш да одиш таму каде што се тие“.
Најистакнат проект на ИМА е неделната ТВ емисија Полиграф, копродуцирана со националната телевизија Алсат. Таа со јасен стил и факти ги разобличува најчестите дезинформации — и стана една од најгледаните емисии на оваа телевизија. Според Сарачини, тоа е доказ дека публиката сака да биде информирана – но содржината треба да биде интересна.
„Кога професионалните медиуми сериозно се вклучуваат во борбата против дезинформациите, можеме да направиме разлика“, вели тој. „Но моментално, најголемиот дел од таа работа ја прават мали организации како нашата. Тоа мора да се промени“.
Не се работи само за лаги
Сарачини сака борбата против дезинформациите да стане мејнстрим. За него, тоа не смее да остане грижа само на невладините организации и проверувачите на факти. Тој сака традиционалните медиуми, инфлуенсерите и државните институции да ја препознаат сериозноста на заканата. „Ова не е само прашање на лаги“, вели тој. „Ова е прашање на демократија, на човекови права, на тоа дали граѓаните можат да донесат информирани одлуки“.
ИМА неодамна покрена нова иницијатива за вклучување на млади инфлуенсери од целиот Западен Балкан во борбата. Објавија јавен повик за креатори на содржини од 18 до 27 години, нудејќи менторство и можности за соработка. Идејата е едноставна: ако токсичните наративи можат да станат вирални, може и вистината — ако е правилно спакувана.
Но Сарачини не е наивен. Знае дека ова е асиметрична војна. Знае дека кратките, емотивни лаги секогаш ќе имаат предност пред нијансираните, аргументирани анализи на алгоритамскиот пазар. Знае дека потврдувачката пристрасност е моќна дрога.
Сепак, тој одбива да падне во цинизам. На прашањето кој му е херој, не наведува политичар или медиумски магнат, туку — Боб Марли. „Тој ја користеше уметноста за вистината. За промена. Тоа треба да го правиме и ние во медиумите. Не треба само да набљудуваме. Треба да бидеме активисти.“
А што е со супермоќта која би сакал да ја има? Не се двоуми: „Да знам кога некој лаже.“ Да биде човечки полиграф.
Но можеби најмногу кажува неговиот одговор на прашањето за неопеаните херои. Замолчува, размислува, и вели: „Обичниот граѓанин што се осмелува да проговори. Оној што одбива да молчи. Тоа е човекот за кого треба да пишуваме. За него е оваа борба“.
Во амбиент прегазен од врева, Петрит Сарачини се обложува на јасноста. На љубопитноста. На храброста. И најмногу — на вербата дека вистината, ако е доволно гласна и достапна, сè уште има шанса.








