Николовски од Евротинк за Извештајот на ЕП: Државата уназадува токму во борбата против корупцијата

 

Во најновото издание на шорткастот „Што има ново?“ на ИМА, гостин е Димитар Николовски од Евротинк, организација која повеќе години го следи евроинтеграцискиот процес на земјава. Осврнувајќи се на реакциите по последниот Извештај на Европскиот парламент за земјава и фокусирањето на јавноста на тргањето на македонскиот јазик и идентитет од извештајот, Николовски објаснува зошто паднаа во сенка сите важни работи и критики кои ги нагласува извештајот.

„Се должи прво заради цајтгајстот (zeitgeist) во кој живееме и најголемите болки кои ги имаме во моментот, тоа се односите со Бугарија, нели, и неменувањето на Уставот како услов за отворање на преговорите. Тоа е една тема која мислам дека е најважната во овој момент, зашто испадна вака работата и вака да се интерпретира во јавноста. А другата, малку повеќе во сенка, паѓа на тоа што е самата содржина на овој извештај, која е таа, и што кажува овој извештај за состојбите во нашата држава, за тоа многу малку се зборува“, посочи Николовски.

Според него, фокусирањето на идентитетските теми наместо на реформите е проблем за евроинтеграциите, а Извештајот е прилично негативен и е критика и за претходната и за оваа влада, која не сака многу критики.

„Боледуваме од еден проблем, од кој боледувавме и во времето на претходната влада, а тоа е… целиот фокус да го ставиме баш на тој проблем, тогаш со ветото, сега со уставните измени, а помалку да зборуваме за реалните реформи. И сега, оваа влада, знаеме дека не сака многу критики, не ужива кога е критикувана, меѓутоа, овој извештај е и критика и за претходната и за оваа влада, и е прилично негативен кога ќе погледнеме малку подлабоко што содржи“, оцени Николовски.

Тој укажа дека Извештајот на ЕП посочува на уназадување токму во борбата против корупцијата. „…Тоа што е интересно, дека токму за борбата против корупцијата, се кажува дека државата уназадува. Тоа значи дека, иако за време на изборите беше ветувано, секако, дека новата влада ќе се бори многу повеќе против корупцијата, гледаме дека тоа не дава некои резултати. Едноставно, тоа не се случува“, нагласи Николовски.

За дезинформациите и штетните странски влијанија кои се меѓу главните теми во Извештајот, Николовски смета дека ние немаме отпорност од тие штетни влијанија, ниту се вложуваат напори во борбата против дезинформациите. Тој се осврна и на наодите на Извештајот за штетните последици од промоцијата на т.н. „српски свет“ од високи владини функционери и руското влијание во земјата.

„Значи, имаме заменик претседател на влада кој го воспева, го слави Путин, кој го промовира тој ‘српски свет’, иако не го нарекува така ‘српски свет’. Го негира геноцидот во Сребреница. Имаме политика на сеќавање, организирана од Србија внатре во нашата држава, тоа се комеморации на историски личности и настани од време на владеењето на Србија со нашата држава, не само со амин на власта, туку со активно учество на власта, а на тие комеморации имаме ситуација каде што се дава еден наратив кој не им одговара баш дури и на нашите националисти, каде што добрите луѓе кои биле ослободувани тука се добрите Срби, а луѓето кои давале отпор и се бореле против тоа се лошите Бугари или бугарски терористи. Македонците тука во никој случај не се спомнуваат, а тоа си поминува така, значи со активно учество на војската, на претставници на општини итн… Значи, не постои политичка волја, а кога веќе имате учество на еден висок претставник во власта на оваа идеологија, тоа значи дека и власта не гледа проблем со тоа“, укажа Николовски.

Во ваква ситуација, Николовски е песимист дека е возможно откочување на евроинтеграцискиот процес во блиска иднина.

„За жал, ќе бидам песимист тука и морам да кажам дека мојот впечаток од вчера беше дека сме како… Ме потсети на онаа пост-букурешка состојба кога имавме вето за членството во НАТО во 2009 година. Знаеме како продолжија работите после тоа, како се развиваа во нашата држава. И сега, во оваа ситуација, каде што го имаме ова разочарување, овој пораз, нели, по гласањето во Европскиот парламент, гледаме големо активирање на проруските, просрпските ботови на интернет, агресивен антиевропски наратив. Гледаме борба или некое ловење на домашни предавници, третирање на комшиите како некои мршојадци кои кружат околу нас и сакаат да не изедат…“, рече Николовски.

Освен тоа, тој ги посочи како проблематични состојбите во безбедносно-разузнавачкиот сектор, најавите за спојување на АНБ (Агенцијата за национална безбедност) и АР (Агенцијата за разузнавање) што значи поголема концентрација на моќ на едно место, спорниот избор на директор на АНБ, што според Николовски наговестува една „корозија на безбедносно-разузнавачкиот сектор“.

„… Тоа ми создава еден голем страв дека едноставно европската приказна тука ќе се изгуби, а ние може да уназадуваме во однос на демократските капацитети“, заклучи Николовски.

Погледајте и слушнете повеќе за овие теми во разговорот со Димитар Николовски од Евротинк во видео шорткастот „Што има ново?”.