Во шорткастот „Што има ново?“ на ИМА, Петрит Сарачини разговара со Борче Стаменов, основач и главен мотор на иницијативата „Донирај Компјутер“, една од највидливите и најуспешните граѓански иницијативи во земјава, која последниве 9 години донирала над 3600 компјутери на социјално загрозени семејства и млади. За неговата хуманитарна работа, годинава е добитник на државната награда „Мајка Тереза“, а претходно и на државната награда „Мето Јовановски“ за човекови права.
Тој зборува за спонтаните почетоци на иницијативата, без очекување дека ќе стане позната и надвор од границите на Македонија, додека главниот мотив за продолжување со оваа работа ја гледа во среќата која ја предизвикува кај граѓаните.
„Првиот мотив е, нели – секое семејство да има барем по еден уред дома. Да не заостануваат нивните деца, нели, од тие што се социјално загрозени семејства. Тоа е главниот двигател што нè движи напред… Најголема награда… се тоа искрено благодарам од луѓето што ги добиваат компјутерите, и нема поголема награда да едно дете, инспирирано нели од таа донација, нацрта еден цртеж каде што си ти претставен како супер херој. Нормално дека и овие награди за коишто ме номинираат пријатели, другари, нормално дека значат, тоа е само доказ дека сме на прав пат“, вели Стаменов.
Коментирајќи ја лошата опременост на училиштата со компјутери, тој цени дека или се работи за немање државни средства, или дека парите не се трошат на вистински места, но е дециден дека е отворен за соработка со институциите и ќе продолжи да помага, не само на државата туку и на децата кои треба да бидат во чекор со светското образование.
„Јас од прва рака можам да ви кажам дека не се опремени училиштата. Да беа опремени училиштата како што треба, немаше јас да имам донирано веќе 100, мислам да имам опремено 100 училишта со компјутери… Имаме толку школи коишто се јавуваат токму кај нас, затоа што знаат дека од една страна државата… уште не е толку силна да го опреми образованието, или едноставно тие средства што ги имаат, не се трошат на вистински места. Ако јас се прашувам, многу е поважно нели да опремиш едно училиште, отколку не знам, ете, да имаш манго за јадење во влада… Јас гледам да со моите активности, со мое знаење да ѝ помогнам на државата како што можам. Напоредно, не ѝ помагам само на државата, но едноставно помагам на тие деца што одат нели на школо, во тие училишта каде што нема опрема, да едноставно бидат во чекор со светот, со светско образование“, истакна Стаменов.
Иaко со благородна и успешна мисија, иницијативата „Донирај Компјутер“ често била цел на напади на социјалните мрежи, обиди за оцрнувања и навреди. На почеток, за Стаменов било тешко да се справи со тоа, но со време навикнал на оваа неубава појава.
„На почеток ми беше прилично тешко да се справувам со тоа, затоа што не ми беше јасно како може некој да седне дома, да не знае ништо за тебе и да пишува едноставно глупости некои што немаат врска со тоа ти што го правиш… И има луѓе што и ден денеска уште не нè разбираат што правиме, сите мислат дека ние заработуваме пари од ова. Донирај Компјутер е скроз непрофитна иницијатива. Ние единствени пари кои ги примаме се, не знам, малите донации коишто граѓаните ги донираат на наша сметка… и ние ги користиме за да помогнеме при нечие лекување… Така да, на почеток, ако ми сметале тие неубави муабети, сега веќе некако се навикнав, не ги земам здраво за готово, едноставно, не знам, ако тие гледале со потсмев на моите иницијативи, исто и јас, мене ми е смешно целото тоа што го пишуваат“, заклучи тој.
Погледајте го целиот разговор со Борче Стаменов од иницијативата „Донирај Компјутер“ во видео шорткастот „Што има ново?” на ИМА.








