Состојбата со медиумските слободи подобрена, но борбата за нив треба да продолжи

Пишува: ЗОРАН БОЈАРОВСКИ

Двете глобални кризи – пандемијата со ковид-19 и војната во Украина, поттикнаа и други сериозни последици и закани, како што се глобалната криза со храна, енергетската и финансиската криза. Овие кризи, една по друга, или паралелно, бидејќи светот уште се залекува и извлекува од пандемијата со ковид-19, ги изместија и дотогаш вообичаените шеми и трендови на општествените текови.

Светската јавност се соочи со неизбежниот заклучок дека после сериозните трауми низ кои минуваа или минуваат државите и стресовите какви што се војните, катаклизмичните природни катастрофи или фаталните глобални епидемии, светот веќе нема да биде ист како пред нив.

Неколку индикатори и на глобално и на национално ниво укажуваат на тоа: бевме сведоци на  распространета ерозија на владеењето на правото и на граѓанските слободи, растечката економска нееднаквост и на неуспехот на владите ширум светот да се обединат со широк консензус за заедничко трагање и постигнување согласност за одговор на предизвиците со кои се соочуваат.

Наместо тоа, длабоките кризни ситуации на општествената сцена во голем број земји ги поттикнаа притаените сили на авторитарната матрица. Земјите, пак, коишто и претходно беа препознавани како автократии, дополнително го засилија авторитарното владеење.

Сепак, и покрај оваа песимистичка перспектива што се наметнуваше и преовладуваше во 2022 година, иако е уште рано да се прифати дека светот конечно се извлече, одредени показатели навестија дека човечката цивилизација има свој внатрешен одбранбен систем и дека покажува отпорност која може да отвори и нови перспективи, поразлични од песимистичките.

Па така, ако во Индексот за трансформација на општествата на фондацијата Бертелсман[i] за 2022 година е констатирано дека на нивната листа има најголем број автократски управувани држави во споредба со демократските, последниот извештај на Фридом Хаус за 2023[ii] година ја најавува оваа година како пресвртница во борбата на демократијата и слободата, иако ја нотира констатацијата дека во последните 17 години имама опаѓање на слободата на глобален план.

Својот благ оптимизам дека демоктратиите сепак ќе бидат „во мнозинство“ во светот, Фридом Хаус го потпира на фактот дека на нивниот индекс на слободата, минатата година дури 34 земји напредувале на листата, а бројот на земји со пад на слободата изнесува 35, што е најмала разлика во последните 17 години, откако светот почна да регистрира опаѓање на политичките права и слободи.

Северна Македонија е меѓу 34-те земји кои напредуваа на овој план и оваа година се наоѓа на едно место погоре на листата со 68 поени, за разлика од лани, кога имаше 67 од 100 можни поени. Земјата е сѐ уште во групата делумно слободни земји, но ѝ недостасуваат уште 2 поени за да биде сместена во земјите со полна слобода според оваа методологија.

Напредокот на Северна Македонија е забележан и во Индексот на демократијата за 2022 година на „Економист“. На овој индекс земјата веќе втора година е во групата „демократии со недостатоци“ (flawed democracies), откако во 2020 година се „извлече“ од земјите кои се сметаат за „хибридни режими“.

Во овие и вакви слични истражувања, состојбите со новинарството и граѓанското општество се меѓу индикаторите со кои се определува дали општествата се демократски или недемократски.

Северна Македонија: Состојбата со медиумските слободи подобрена, но борбата за нив сè уште трае

Во целата таа слика на борба меѓу слободата и авторитарните тенденции, е и борбата на медиумите во Северна Македонија за да бидат значаен фактор, кој ќе ги обезбеди позитивните трендови за напредок на демократијата и слободата на медиумите во земјата.

Во извештајот на американскиот Стејт департмент за човекови права за 2022 година[iii], во делот за слободата на изразување и медиумите, се констатира дека „Уставот предвидува слобода на изразување, вклучително и за медиумите, а владата генерално го почитуваше ова право“.

Уште повеќе, и во глобалните услови споменати во првиот дел на оваа анализа, со сите последици патем, според индексот за слобода на медиумите на Репортери без граници за 2022 година, Северна Македонија[iv] бележи скок од 33 места, односно од 90-тото во 2021 година на 57 место во 2022 година.

Сепак, и покрај подобрувањата, и во минатата година беа регистрирани случаи на непримерна комуникација со медиумите од страна на претставници на институции и политички партии, како и неколку случаи на вербални и физички напади врз новинарите.

Според Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ), владата покажала недостаток на капацитет ефективно да ги санкционира прекршувањата на правата на новинарите и да ја заштити нивната безбедност.  Ова беше една од причините поради кои во јануари 2023 година, македонските новинарски здруженија (ЗНМ, ССНМ и СЕММ), организираа протестен „Марш за одбрана на новинарското достоинство“ , на кој побараа системски решенија за подобрување на медиумските слободи.

Во изјавата за медиумите за време на протестот[v],на забелешката дека тој се одржува во време кога слободата на говор е далеку подобра отколку што беше пред неколку години, претседателот на ЗНМ, Младен Чадиковски рече дека протестниот марш е организиран за да спречи можни тенденции што би можеле да произлезат доколку заштитата и безбедноста на новинарите не е на потребното ниво, доколку јавните функционери и политичари не го почитуваат новинарското достоинство и достоинството на останатите медиумски работници, и доколку не биде преиспитана потребата од постоечкиот агресивен државен пи-ар.

Од друга страна, и ако се земат предвид непримерните инциденти во комуникацијата на избраните политичари со новинарите кои се за секоја осуда, според последната достапна студија на Здружението на новинарите „Северна Македонија – Показатели за степенот на слобода на медиумите и безбедноста на новинарите во 2021 година[vi], бројот на тужби за клевета и навреда кон новинари и медиуми е многу намален откако е декриминализирана клеветата и навредата.

Студијата констатира дека, за разлика од 2012 година кога биле регистрирани 330 тужби, во 2016 година имало 40, во 2017 година 39, а во 2020 година 33 предмети во кои странка е новинар или медиум. Според податоци од Основниот граѓански суд Скопје[vii], вкупниот број активни предмети во кои како странка е новинар или медиум во 2021 година изнесувал 20.

Во текот на 2022 година, ЗНМ нема регистрирано завршена постапка или процес во кој бил осуден некој новинар или била изречена каква било казна. Тоа покажува дека клеветата и навредата сè помалку се користат како инструмент за притисок врз новинарите и медиумите.

Нови промени за безбедно новинарство и за поголема медиумска слобода

Неколку сериозни промени и новини би можеле да поттикнат продолжување на позитивните трендови и освојување на нови хоризонти на медиумските слободи, што се констатира и во Извештајот за човековите права на американскиот Стејт Департмент.

Како прво, во ноември минатата година, Јавното обвинителство Скопје (ОЈО) потврди дека назначило обвинител да служи како лице за контакт во врска со случаи во кои се вклучени новинари[viii] и да следи случаи во кои новинарите се појавуваат како оштетени страни, сведоци или престапници.

Претседателот на ЗНМ ,Младен Чадиковски  изрази задоволство за воспоставувањето на новото ниво на соработка со ОЈО Скопје како надеж за „суштински општествени промени“, коишто ќе овозможат да заврши праксата на неказнивост за сторителите на напади врз новинарите, за да  можат да ја вршат својата професија без страв за сопствената безбедност.

Втората, овој пат законска промена од крајот на минатата година, се измените и дополнувањата на  Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета, со кој се воведе значително намалување на казните за медиумите и за новинарите во тужбите за клевета.

Освен тоа, со измените во Кривичниот законик, кои беа усвоени од Собранието во февруари 2023 година, обвинителствата и судиите имаат законска поддршка нападите врз новинари да ги третираат како напад врз службено лице со строги казни за закана и за напад врз новинари, со можност обвинителството да постапува по службена должност при вакви случаи.

Со ова е исполнето барањето на ЗНМ, чии претставници активно учествуваа во работната група што ги подготвуваше измените на Кривичниот законик, со кои, меѓу другото, треба да се стави крај на праксата за неказнивост на насилствата врз новинарите и на времињата кога новинарите беа заплашувани, уценувани, затворани, неформално осудени на живот во постојан страв од политичка и институционална одмазда поради професионално извршување на својата работа.

Сега останува сите институции во државата надлежни за овие прашања, обвинителството и судовите, да ги спроведуваат доследно законите и да постапуваат максимално ажурно и професионално за сите случаи на напад против медиумските работници.

Медиумската регулатива на ЕУ станува обврска и за земјава

Минатата есен, ЕУ го претстави драфтот на новата Европска регулатива за слобода на медиумите (European Media Freedom Act)[ix]. Расправата во ЕУ за новата регулатива треба да заврши до септември оваа година. Во овој период, сите засегнати владини и невладини организации во земјава треба да земат учество во креирањето на новата национална регулатива, којашто треба да биде усогласена со европската, што е обврска на земјата како кандидат за членство во ЕУ.

Во однос на уредувачка независност на медиумите, секоја земја – членка на ЕУ, како и земјите кандидати за членство, ќе треба во медиумските закони да ги внесат или да ги засилат гаранциите за ефективна уредувачка слобода на сите видови медиуми, вклучително и онлајн медиумите, како и да се зајакне заштитата на новинарските извори.

Во интервју за порталот Рацин.мк, експертката за медиумска и комуникациска политика од Институт РЕСИС, д-р Снежана Трпевска, која што е вклучена во утврдувањето на регулативата што беше претставена како драфт минатата есен, вели дека иако „во нашите медиумски закони имаме вакви одредби, тие ќе треба да се допрецизираат, да се дополнат и да важат и за онлајн медиумите кои во моментов не се предмет на законска регулација“.

Кога станува збор за слободата на медиумската работа и истражување, важен аспект во новата ЕУ регулатива којашто ќе мора да стане и дел од националното законодавство, се и гаранциите против користење софтвер за дигитално следење на медиумите, новинарите и нивните семејства.

Ова е особено важно заради заштита на истражувачките новинари, кои работат на откривање корупција, злоупотреба на моќта или кршење на човековите права. Ова е особено значајно за Македонија, ако се знае дека медиумските работници беа мета на прислушкување. Сега, во релевантните закони со кои се регулира оваа област, ќе треба да бидат внесени одредби со кои ќе се обезбеди заштита на новинарите од вакви практики, било од страна на властите или од приватни компании.

Кога станува збор за заштитата на професионалните медиумски содржини во онлајн опкружувањето, препораките на новата ЕУ регулатива се дека доколку шират нелегални содржини (говор на омраза, повикување на насилство, тероризам, закана за јавното здравје, содржини штетни за малолетниците или други содржини спротивни на законот), нема да подлежат на таква заштита, што во случајот со нашата земја е опфатено и со последните измени на Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета.

Меѓу другите препораки за унапредување на слободното новинарство, а со тоа и за слободно и отворено општество, медиумските организации укажуваат и на потребата од промена на политичката култура, којашто првенствено ја обликуваат политичките елити, како и медиумите како канали за комуникација на политичките убедувања и пораки.

Во таа насока, во однос на стратегија за справување со дезинформациите, како дел од последиците од нивото на политичката и медиумската култура, неопходно е постојано надоградување на постоечките институционални капацитети за справување со дезинформации, или пак развивање и нови.

Истовремено, во ваков контекст, транспарентноста на институциите е од исклучително значење, како корективен механизам за спречување на ширење на дезинформациите. Иако мерењата, односно индексите на транспарентност покажуваат тренд на подобрување во овој поглед, освен во пласирањето и достапноста на информациите, системската транспарентност подразбира и обврзувачки, јасен, отворен, разбирлив процес на донесување на одлуки на власта, но и механизми за корекција.

Професионалните компетенции на новинарите се радикално сменети, но сосема е јасно дека тие не се дадени еднаш засекогаш и дека се потребни нови знаења и вештини во медиумскиот амбиент, кој се менува и унапредува постојано. Во оваа смисла, останува потребата за поддршка преку професионалните јадра на новинарите и образовните институции за континуирани обуки на новинарите, како и политичка волја за професионално и независно новинарство.

(авторот е долгогодишен новинар и уредник)

Извори:

[i] The Transformation Index 2022, Bertelsmann Stiftung

[ii] Freedom in the World 2023, Freedom House

[iii] North Macedonia 2022 Human Rights Report, U.S. Department of State

[iv] RSF’s 2022 World Press Freedom Index, Reporters Without Borders

[v] Новинарските здруженија до Владата доставија акциски план со рокови: Доста ни е од изговори, бараме системски решенија, објавено на порталот 360 Степени

[vi] Северна Македонија – Показатели за степенот на слобода на медиумите и за безбедноста на новинарите 2021, ЗНМ

[vii] Слобода на говор: Северна Македонија прва во регионот со најмалку тужби за новинари, објавено на порталот Рацин.мк

[viii] Обвинителката Хаџи Василева ќе постапува по предмети поврзани со безбедноста на новинарите, објавено на порталот Фокус

[ix] European Media Freedom Act, The European Commission

Институтот за медиуми и аналитика ИМА не секогаш се согласува со ставовите во авторските написи и анализи, но го цени високо придонесот на секој автор и придонесот на медиумските експерти за развој на аргументирана дебата со различни гледишта за да се унапреди состојбата во медиумскиот простор во Северна Македонија.