Маричиќ: Повеќе гласници за процесот на европски интеграции, помалку простор за дезинформациите

Институтот за медиуми и аналитика ИМА Скопје, за платформата #Деполаризирајсе што е дел од проектот „Преку деполаризација до демократски, стабилни, вклучувачки институции: придонес на граѓанското општество“, разговараше со заменик – преседателот на Владата на Северна Македонија задолжен за европски прашања, Бојан Маричиќ.

Во фокус на интервјуто се активностите кои ги спроведуваат институциите во рамки на започнатите преговори за членство во Европската унија. Во првиот дел од разговорот, Маричиќ одговара на прашања поврзани со дезинформациите околу почетокот на преговорите и скринингот.

Маричиќ: Што повеќе гласници има процесот на европски интеграции, тоа подобро за граѓаните, и тоа помалку простор за дезинформации

ИМА: Господине Маричиќ, Ви благодариме што се одѕвавте на поканата за ова интервју.  За почеток, би сакале да Ве прашаме – Институтот за медиуми и аналитика ИМА веќе разобличи неколку пати дезинформации во јавноста дека преговорите со Европската Унија воопшто не започнале и дека преговорите ќе започнат ако се смени Уставот. Забележавме дека ваквите дезинформации не доаѓаат само од претставници на опозицијата или опозициските партии туку и од политички аналитичари и дека се забележливи и видливи на социјалните мрежи и на онлајн медиумите. Какви мерки презема владата за разобличување на ваквите дезинформации, кои не само што ја подриваат довербата во владата, во институциите, туку ја подриваат и довербата воЕвропската Унија?

Маричиќ: Самиот процес на пристапување кон Европската Унија е комплексен, долготраен и со многу детали. Тоа го прави подложен за дезинформации. И, Северна Македонија не е првата држава која што се соочила со таа борба против дезинформациите во својот процес на пристапување кон Европската Унија. И во другите држави имало и дезинформации, и предрасуди и полуинформации, кои што се однесувале, пред сѐ, на тоа како секојдневниот живот ќе се промени кога државата ќе влезе во Европската Унија.

За жал, ние сме во уште потешки прашања, горливи прашања, кои што се врзани, нели, со идентитетот и со теми поврзани со нашиот Устав, нашиот правен систем и начинот на кој што функционира државата. И затоа толку е подложна на дезинформации, затоа е толку тешко да се бориме со тоа. Ние како влада, најпрво од самиот почеток, бидејќи нели беше прашање цело време, „Кој е датумот?“, „Каде е датумот?“ ,„Кој е датумот на почеток на преговорите?“ – тој датум е 19 јули 2022 година, и ние во сите прилики го повторуваме тоа. Она што е добро, е што Европската Унија го сфати тоа како неопходност, како нешто што мора да го прави постојано, да повторува дека преговорите се започнати.

И, ние го правиме скринингот најјавен што може да биде, дури однесовме една група на новинари, петнаесетина новинари од нашите медиуми во Брисел да го следат скринингот, да видат како тоа тече и да се уверат самите дека преговорите навистина се почнати. Ќе продолжиме со таа пракса. Сметаме дека покрај секојдневното повторување и сеприсутноста на аргументите дека преговорите се почнати, од страна на нашата влада, но и од страна на Европската Комисија и државите – членки, неопходна е и перманентна едукација на граѓанските организации, но и перманентна едукација на медиумите околу процесот на пристапување кон ЕУ.  Затоа што, како што реков, има многу рокови, многу датуми, многу процедури, многу документи, долго трае, и потребна е таа едукација.

Ние почнавме со таа едукација, како што реков, со една група од петнаесетина новинари, на кои што покрај посетата на Брисел им подготвивме и претходно програма за обука за да го разберат политичкиот и економскиот систем на Европската Унија подобро, и да можат подобро да ги информираат граѓаните. Што повеќе гласници има процесот на европски интеграции, тоа подобро за граѓаните, и тоа помалку простор за дезинформации, манипулации, и шпекулации.

Маричиќ: Скринингот е завршен за два клучни кластери, планот ни е до крајот на оваа декада да бидеме подготвени за членство во ЕУ

ИМА: Во јавноста дури имаше и тврдења дека не сме започнале ни со скринингот. До каде сме со скринингот и дали сметате дека јавноста е доволно информирана за суштината, за важноста и за деталите од овој процес, кој, како што нагласивте, е исклучително важен?

Маричиќ: Видете, има толку многу детали што освен ако нема директен пренос на сите телевизии не може јавноста целосно да биде информирана. Ние во делот на објаснувачкиот скрининг и правиме директен пренос достапен на сајтот на СЕП, правиме и пренос за институциите, за вработените во институциите, за граѓанските организации, за медиумите, и за сите заинтересирани. Од оној билатерален скрининг, каде што ние рапортираме и објаснуваме до каде сме и за колку време сме спремни да ги прифатиме обврските од членството во Европската Унија, од тој дел, на барање на Европската Комисија, сѐ уште не е достапен за јавноста. Но, мислам дека ќе дојде и фазата кога ќе излезат извештаите од скринингот, кога, што ќе треба, и тоа да биде достапно на јавноста.

Скринингот е завршен за два клучни кластери: кластерот темелни вредности, каде што се и правда, правосудство, темелни права, човекови права, фискална политика, финансиска контрола, јавни набавки, значи важни теми, економски критериуми, слобода на медиуми, значи, суштинските теми од политичкиот систем и од судскиот систем, и од правниот систем, се во тој кластер. Тој кластер го завршиме со двата скрининга, и со билатералниот, и со објаснувачкиот. Вториот кластер – внатрешен пазар, кој што исто така е суштински за функционирање на тој внатрешен пазар на  ЕУ, и за отворање на нашиот пазар кон пазарот на ЕУ, исто така е завршен во двете фази – објаснувачката и билатералната.

И сега сме во третиот кластер. Третиот кластер се однесува на компетитивност и инклузивен раст. И, воедно, паралелно го отворивме скринингот за четвртиот кластер, а тоа е зелена агенда и транспортна политика. Така што, навлегуваме, веќе сме скоро на половина од тој процес на скрининг. Започна средината на септември, сѐ уште трае, и треба да заврши некаде во ноември месец. Како резултат на тој скрининг, каде што и ни се презентира тоа што ЕУ го има направено како законодавство во изминативе години, но, исто така, и во одредени фази, ние презентираме и добиваме прашања, како би ги имплементирале европските закони кај нас и колку брзо, и колку ефикасно – кој е капацитетот на нашите институции, сите тие прашања кои што се битни за да функционираме како држава членка на Е

По завршувањето на сите поглавја во сите кластери, ќе добиеме извештај за секој кластер. Врз основа на тој извештај, ќе треба да подготвиме документи за реформи. Да речеме, во првиот кластер се тие патокази кои што се спомнуваат, кои што треба да ги опишат нашите обврски до членството во Европската Унија. И потоа, како што се отвораат, ќе треба да ги исполнуваме задачите, да се нотира напредокот. И во зададена временска рамка, која што ние самите ќе ја зададеме, значи нема да нѐ притиска Европската Унија да направиме нешто во определен рок ако ние не  сме подготвени и не го прифатиме како обврска. Значи, во рамка временска која што ние ќе ја зададеме, а во нашиот интерес е тоа да биде што побрзо, ќе ги исполниме тие обврски. Планот ни е до крајот на ова декада да бидеме подготвени за членство во Европската Унија.

Разговорот го водеше: Петрит Сарачини на 28.03.2023 година.

Камера и монтажа: Жарко Трајаноски

Транскрипт и превод: Меритон Туша

#демократски_институции #institucione_demokratike #democratic_institutions #CivicaMobilitas

 

Проектот се спроведува со финансиска поддршка преку програмата Цивика мобилитас
​Projekti realizohet me mbështetje financiare përmes programit Civica Mobilitas
Picture

Дисклејмер: Цивика мобилитас е проект на Швајцарската агенција за развој и соработка (СДЦ), кој го спроведуваат НИРАС, МЦМС и ФЦГ. Мислењата кои се изразени овде не нужно ги одразуваат ставовите на Цивика мобилитас, СДЦ или пак спроведувачките организации
Disclaimer: Civika mobilitas është projekt i Agjencisë zvicerane për zhvillim dhe bashkëpunim (SDC), të cilin e zbatojnë NIRAS, MCMS dhe FCG. Mendimet e shprehura këtu jo domosdo i reflektojnë qëndrimet e Cvika mobilitas, SDC ose të organizatave zbatuese.