„Полиграф“: Како беа злоупотребени познат лекар и медиум во измамничка реклама за лажен лек?

 

На социјалните мрежи често се шират измамнички реклами за лажни лекови, кои злоупотребуваат не само познати лекари, туку и медиуми, објавувајќи нивни лажни интервјуа.

На 9 април 2024 професорот Драган Даниловски, поранешен министер за здравство, објави „ПРЕДУПРЕДУВАЊЕ ЗА ЛАЖНА ВЕСТ!“ во кое пишува: „По којзнае кој пат, пак е злоупотребено моето име за рекламирање на безвреден чај! Не наседнувајте! Целата содржина на написот, вклучително и ,,разговорот” со мене на ТВ Канал 5, е сосема ИЗМИСЛЕНА!“.

Даниловски сподели и линк, кој води до веб страница што користи лого на ТВ Канал 5 и скриншотови, за да пласира лажни вести за здравјето на познат македонски актер и да рекламира чај што наводно лечи болести на срцето и крвните садови. Во текстот има и интервју со д-р Даниловски од вести на Канал 5, во кое тој наводно тврди дека чајот е „НАЈДОБРОТО средство за борба против болести на срцето и крвните садови, не само во Македонија, туку и низ целиот свет…“.

Полиграф испрати прашање до Канал 5, дали има направено вакво интервју со д-р Даниловски, или пак се работи за измамничка содржина со која се злоупотребува телевизијата за ширење дезинформации.

Во одговорот од директорот на Канал 5 се вели дека „целата информација на оваа лажна страница е голема лага и измама“ и дека се искористени кадри од вести на Канал 5, кои се фотошопирани. Директорот на Канал 5 најави и кривичен поднесок до МВР, „со цел да се спречат вакви бескрупулозни и нечовечни криминалци кои се обидуваат да заработуваат преку грбот на најфрагилните – болните лица“.

Накусо, проверката на факти покажа дека станува збор за лажна вест, која злоупотребува познат лекар, актер и медиум за да рекламира лажен лек, со лажни интервјуа и изјави, лажна наградна игра, и лажни коментари со лажни фотографии.

Затоа, граѓаните треба да бидат мошне внимателни и да не наседнуваат на лажни реклами за лекови на социјалните мрежи, кои може да им нанесат финансиска, но и здравствена штета. Овие дезинформации се опасни, затоа што ја поткопуваат не само довербата во лекарите и здравството, туку и довербата во медиумите и институциите.