Родовата еднаквост не е закана, опасност и „погубна“ идеологија, туку фундаментално човеково право

Медиумите и дезинформациите на антиродовото движење (2)

Пишува: ЖАРКО ТРАЈАНОСКИ

Во 2023 година, анти-родовото движење беше зајакнато со нови влијателни актери – религиозни лидери, нивни поддржувачи, јавни личности, интелектуалци, академици... Иако медиумите и новинар(к)ите имаат етичка должност да не шират дезинформации и говор кој поттикнува омраза или дискриминација, меѓу другото, и врз основа на пол, род, родов идентитет, сексуална ориентација и припадност на маргинализирана група, многу медиуми не се придржуваа кон овие етички императиви.

Велигденско послание против родовата еднаквост

Повеќе медиуми на 17.04.2023 некритички ја пренесоа дезинформацијата дека „Родовата еднаквост е опасна, погубна и отровна идеологија“, припишувајќи му ја на Митрополит Петар (видете кластер наслови на time.mk.)

ТВ Телма беше еден од неколкуте медиуми кои ваквото велигденско послание го опишаа како скандалозно – Владиката Петар со скандалозно велигденско послание – порача дека родовата еднаквост е изопачена (17.04.2023): „Но, да внимаваме! Вонмем! На нашето општество молскавично му се заканува уште поопасна, попогубна и поотровна идеологија – родовата еднаквост! Оваа идеологија, односно манипулативна терминологија е богохулна, противприродна, изопачена; господ ги создаде машко и женско, и сè друго изменето, поинакво и поразлично од божјото создание е ненормално, а со тоа и неприфатливо“.

Од Велигденско послание на Митрополитот г. Петар, јасно е дека тој прави споредба на родовата еднаквост со „нихилизмот“, опишувајќи го како „најпогубната и најотровната на човекот понудена идеологија“, а потоа драматично предупредува дека „На нашето општество молскавично ѝ се заканува уште поопасна, попогубна и поотровна идеологија – родовата еднаквост!“

Но, во случајов, не станува збор само за неоснована споредба помеѓу „нихилизмот“ и родовата еднаквост, туку и за заплашување дека родовата еднаквост е голема закана – и „уште поопасна, попогубна и поотровна идеологија“, што е дезинформација.

Родовата еднаквост не е никаква закана и опасност – кај нас има натпартиски консензус во однос на политиките за родова еднаквост

Во првиот дел од анализата на медиумски настани кои промовираа анти-родова пропаганда, укажавме дека родовата еднаквост не е нешто ново и непознато, туку е составен дел од меѓународните и домашните закони, од националните и локалните стратегии и политики, и дека е политика на Обединетите нации, на Советот на Европа, и на ЕУ.

Mедиумите треба да промовираат родова еднаквост, а не антиродови пропагандисти и дезинформации

Политиките и законите во кои се афирмира родовата еднаквост се поддржани од најголемите политички партии. Родовата еднаквост е признаена како една од „вредностите на уставниот поредок“ уште со „Стратегијата за родова еднаквост 2013-2020“, изгласана кога владејачка партија беше ВМРО-ДПМНЕ.

Во однос на политиките за родова еднаквост може да се каже дека одамна постои натпартиски консензус. На пример, клубот на пратенички формиран пред повеќе од две децении е составен од сите пратенички, независно на која пратеничка група припаѓаат, и дејствува „со заедничка и единствена цел – преку законски решенија да се постигне родова еднаквост“.

Носителката на кандидатска листа за пратеници на ВМРО-ДПМНЕ  Гордана Сиљановска-Давкова стана претседателка на собраниската Комисија за еднакви можности на жените и мажитe (која е надлежна за „разгледување на предлог Стратегијата за родова еднаквост“). Сиљановска-Давкова во Собранието се залагаше за „министерство за родова еднаквост или барем министерка без ресор која ќе го води овој ресор“.

И во програмите на најголемите политички партии можеме да согледаме заложби за родова еднаквост. На пример, во програмата на СДСМ „Можеме“ (2020) стои дека „Родовата еднаквост и во следниот период ќе биде наш висок приоритет“, а во програмата на ВМРО-ДПМНЕ „Проект обнова“ (2020) стои дека „Унапредувањето на родовата еднаквост е од клучно значење за благосостојбата на општеството“. За унапредување на родовата еднаквост во повеќе сфери се залагаат и програмата на ДУИ, програмата на АА, Глас за Македонија, ДПА, итн.

Накусо, родовата еднаквост не е никаква општествена закана и опасност, туку е препознаена како политичка заложба и од страна на најголемите партии.

Точно пред една година, на 26.07.2022 година, на Седницата бр.50 на Собранието на Р. Северна Македонија беше разгледувана и изгласана Стратегијата за родова еднаквост 2022-2027 година без ниту еден глас против и воздржани.

[box] Во медиумската сфера, најновата стратегија за родова еднаквост се залага за „промовирање на родовата еднаквост во програмите и во содржините“, како и за „медиуми што не промовираат стереотипи и стереотипни улоги, туку родова еднаквост и различности“. Во Стратегијата за родова еднаквост 2022-2027, медиумите се препознаени како важни чинители во „борбата против сексизмот и стереотипизацијата на родовите улоги“. Како стратешка цел е „Нулта толеранција за сексизам и за сексистички говор на омраза“ и  во медиумите, а истакната е и потребата за „ефикасно санкционирање на сексистичкиот говор на омраза“.[/box]

Родовата еднаквост не е никаква „погубна“ и „отровна“ идеологија, туку фундаментално човеково право

Наспроти обидите на антиродовите гласноговорници за оцрнување на родовата еднаквост како „погубна“ и „отровна“ идеологија, стои фактот дека родовата еднаквост е признаена како фундаментално човеково право од страна на Обединетите нации.

Родовата еднаквост е една од глобалните теми на ОН, каде што е дефинирана како „фундаментално човеково право“. Како една од целите за одржлив развој, родовата еднаквост е дефинирана не само како „фундаментално човеково право, туку и како неопходна основа за мирен, просперитетен и одржлив свет“.

Оттаму, дезинформација е дека родовата еднаквост е некаква идеологија која е опасна, погубна и отровна, затоа што истата е препознаена и потврдена како фундаментално човеково право, од страна на ОН, од страна на ЕУ, и од страна на Советот на Европа.

Новинар(к)ите треба да се медиумски писмени и свесни дека родовата еднаквост е фундаментално човеково право, и дека имаат етичка должност да не создаваат ниту преработуваат „информации што ги загрозуваат човековите права или слободи“.

Кампањите со дезинформации на анти-родовите пропагандисти ја загрозуваат родовата еднаквост како признаено фундаментално човеково право. Токму затоа, говорот против родовата еднаквост новинар(к)ите и медиумите самите веднаш треба да го врамуваат како говор против фундаментално човеково право, без да чекаат реакции на осуда од здруженија на граѓани.

Етичка обврска на новинар(к)ите е да не шират дезинформации и дискриминаторски говор против родовата еднаквост, кој притоа и жигосува луѓе како ненормални и неприфатливи. Медиумите и новинар(к)ите имаат обврска да промовираат родова еднаквост, а не да промовираат анти-родови пропагандисти (видете, на пример, За владиката Петар жената е виновна за разводите). За жал, истиот медиум кој го врами велигденското послание против родовата еднаквост како скандалозно, една седмица подоцна му овозможи едночасовно гостување на анти-родовиот пропагандист, за да си ги дообјасни осудите на родовата еднаквост.

(продолжува)

Авторот е раководител на истражувања во Институтот за медиуми и аналитика ИМА