Злоупотреба на медиумите за ширење дискриминација и говор на омраза врз основа на род и родов идентитет

Медиумите и дезинформациите на антиродовото движење (5)

Пишува: ЖАРКО ТРАЈАНОСКИ

Во 2023 година, анти-родовото движење беше зајакнато со нови влијателни актери – религиозни лидери, нивни поддржувачи, јавни личности, интелектуалци, академици...

Иако медиумите и новинар(к)ите имаат етичка должност да не шират дезинформации и говор кој поттикнува омраза или дискриминација, меѓу другото, и врз основа на пол, род, родов идентитет, сексуална ориентација и припадност на маргинализирана група, многу медиуми не се придржуваа кон овие етички императиви.

Во петтиот дел од оваа анализа, ќе видиме како дел од медиумите беа злоупотребени и овозможија поттикнување натамошна дискриминација и говор на омраза кон ЛГБТИ лицата од страна на анти-родови актери, и покрај тоа што Комисијата за спречување и заштита од дискриминација утврди дискриминација, односно „вознемирување врз основа на сексуална ориентација и родов идентитет“ од страна на епископ на МПЦ во неговите медиумски и јавни настапи.

Медиумите како соучесници во поттикнување анти-родова дискриминација

Во јуни 2023, откако веќе беше најавено дека Четвртата скопска „Парада на гордоста“ ќе се одржи на 24 јуни, забележително беше засилувањето на анти-родовата пропаганда со дезинформации и теории на заговори од страна на претставниците на МПЦ и во дел од македонските медиуми.

На пример, од т.н. Дебата за родова еднаквост во Струмица, екстремистичките и дискриминаторски пораки на владиката Јаков беа медиумски сублимирани на следниов начин: „Намерите на родовите идеолози и центрите на моќ се злобни. Повеќе од очигледно е дека подготвуваат тоталитаристички логор во којшто сакаат да го затворат не само нашиот народ, не само македонското општество, туку сиот свет“. Во ставовите пренесени во ТВ-прилогот на Сител нема никаква фактичка поткрепа на застрашувачкото и сосема неосновано обвинување дека некој подготвува за „тоталитаристички логор“ во кој би бил затворен сиот свет.

Фактички непоткрепеното тврдење е засилено и со жигосување на „родовата идеологија“ како „исконски непријател на човештвото“: „Во суштина, во позадина, на целата оваа идеологија, оваа пропаганда, ова тоталитаристичко движење кое што го покорува светот, гледам само едно лице – лицето на исконскиот непријател на човештвото…“.

Истиот ден кога беа објавени ваквите ставови кои ширеа негативни стереотипи, дезинформации, непријателство и омраза кон „родовата идеологија“ и „родовите идеолози“, Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД) донесе мислење во кое утврди „вознемирување врз основа на сексуална ориентација и родов идентитет“ врз ЛГБТИ+ заедницата. Констатирано е дека вознемирувањето е сторено претходно на истата ТВ и на други јавни настапи, од страна на истиот верски лидер кој „изразил мислења, ставови и идеи кои се понижувачки, навредливи и деградирачки кон трансродовите лица и кои ја охрабруваат дискриминацијата и омразата“ кон ЛГБТИ луѓето.

Кога по неколку дена веста прoби во медиумите, само мал дел од нив во наслов ја истакнаа утврдената дискриминација извршена од страна на епископот на МПЦ, како и основите за дискриминација (на пример, КСЗД уврди дека епископот Јаков Стобиски има извршено дискриминација и треба да се извини на ЛГБТИ заедницата, КСЗД утврди дека епископот Јаков Стобиски извршил дискриминација врз основа на сексуална ориентација и родов идентитет, Епископот Стобиски да се извини за вознемирување врз основа на сексуална ориентација или следува прекршочна постапка).

Уште помал дел од медиумите ја пренесоа констатацијата на КСЗД дека „Преку етикетирањето на трансродовите лица како лица кои „страдаат од ментално растројство“ и нивно поистоветување со педофилија, сатанизам, итн., Јаков Стобиски сериозно го повредил нивното достоинство и создал непријателска и застрашувачка средина.“

За жал, на прсти можат да се избројат медиумите кои пренесоа дека епископот ширел и лажни тврдења во врска со здравјето на трансродовите лица, како и дека тенденциозно, но и погрешно, „ја претставил трансродовоста како болест и нешто штетно и заразно.“ Така, многу малку медиуми известија за штетата од ваквото ширење на лажни и погрешни тврдења: „…со ваквиот говор тој поттикнал понатамошна дискриминација кон овие лица и нивните поддржувачи, со тоа што предизвикал и охрабрил лавина реакции на социјалните мрежи во кои е содржан вознемирувачки говор кон ЛГБТИ лицата“, стои во Мислењето на КСЗД.

Исто така, медиумите речиси го игнорираа ставот на КЗСД дека со „лажните тврдења кои ги изнел во врска со здравјето на трансродовите лица…“, епископот на МПЦ „свесно придонел кон дополнителна стигматизација и дехуманизација на тие лица“.

Медиумите треба да се борат против дискриминацијата, а не да овозможуваат простор за неа

Медиумите имаат значајна улога во подигнувањето на свеста на граѓаните за штетните последици од дискриминацијата, за промоција на еднаквоста и борбата против сите форми на дискриминација.

На пример, во март 2022 Советот за етика во медиумите потпиша меморандум за соработка со КСЗД со цел „да се подигне свеста на граѓаните за штетните последици од дискриминацијата и вознемирувачкиот говор во јавната сфера, но и промовирање на независно, професионално и етичко известување во медиумите, ослободено од дискриминаторски говор и предрасуди, вознемирувачки говор, како и говор кој провоцира или поттикнува дискриминација“ (за жал, веста со овие пораки не беше пренесена во македонските медиуми).

По утврдената дискриминација од страна на КСЗД, етичка обврска на медиумите беше да им дадат простор на жртвите на дискриминацијата и на претставниците на КСЗД јавно да ја образложат одлуката, а не да даваат дополнителен медиумски простор за вознемирувачки говор врз основа на родов идентитет и сексуална ориентација.

Но, претставникот на КЗСД беше повикан во медиуми да ја образложи одлуката дури по една седмица, а неговите ставови имаа незначителен медиумски пробив (Камбери: Епископот Стобиски го злоупотреби правото на слобода на говор). На пример, и во дебатната емисија Стадион на Канал 77 (една од ретките емисии каде што им се отстапи простор и на жртвите на дискриминацијата), повторно главен гостин беше сторителот на дискриминација, а споредни гости беа подносител на претставката, претставникот на КЗСД и министерката за труд и социјална политика.

Во меѓувреме, иако КЗСД му препорача на епископот на МПЦ „да се воздржува од јавни настапи со вознемирувачка содржина врз основа на сексуална ориентација и родов идентитет или која било друга дискриминаторска основа“, повеќе медиуми продолжија да ги пренесуваат ставовите на епископот Јаков со кои се патологизираат трансродовите лица како „ненормални“. Дел од медиумите го претставуваа дури и Јаков Стобиски како жртва на КСЗД (КСЗД јуриша на Јаков Стобиски), а дел пак ги пренесоа неговите дезинформации дека родот и родовиот идентитет  се „нешто што не постои во нашите закони…“ (дезинформации разобличени претходно, во делот Родовиот идентитет и разликувањето пол/род/родов идентитет го има одамна во законите).

Сепак, најмногу простор на епископот Јаков му отстапи ТВ Сител, со гостување во вестите, каде што црковниот лидер е редовен гостин. Во гостувањето најнапред се ширеа дезинформации дека на епископот му било забрането појавување на ТВ емисии и јавни настапи – што потоа беше демантирано од претставникот на КЗСД како неточно. Имено, во Мислењето на КЗСД не се забранува јавен настап воопшто, туку се препорачува верскиот лидер „во иднина да се воздржи од јавни настапи кои во себе содржат вознемирувачка содржина врз основа на сексуална ориентација и родов идентитет или било која дискриминаторска основа…“.

Исто така, гостинот на ТВ Сител дезинформираше дека „во моите излагања, во моите говори, иако имаше такво спинување, не е пронајдена ниту трага од дискриминација, говор на омраза – бог да чува, такво нешто не постои“. Како прво, мислењето на КЗСД е објавено во графата „утврдена дискриминација“ (што стои и во веб-адресата), а и според Прирачникот за антидискриминација, вознемирувањето се третира како вид на дискриминација. Како второ, невистина е дека „не е пронајдена ниту трага од дискриминација“ затоа што во мислењето на КЗСД експлицитно стои дека „поттикнал понатамошна дискриминација“. Во мислењето на КЗСД јасно стои и дека во претходно гостување на ТВ Сител и на јавни трибини имал изразувања кои „ја охрабруваат дискриминацијата и омразата кон ЛГБТИ луѓето“. Исто така, се укажува и дека „има право да ги искаже своите ставови и мислења…, но не на начин кој охрабрува и поттикнува дискриминација кон одредена група на луѓе или јавно се залага за нивно маргинализирање и стигматизирање.“

За жал, наместо професионално и етичко известување за мислењето на КЗСД, медиумот со отстапување на простор за ова гостување, повторно овозможи вознемирувачки говор, како и говор кој провоцира или поттикнува дискриминација, и шири дезинформации за законите против кои истапи МПЦ (преку непоткрепените обвинувања и заплашувања дека законите биле во „чудовишна, монструозна форма“, дека станувало збор за „законски решенија кои ја загрозуваат слободата на постоење“, со кои ќе „се доуништиме, и потонеме во хаос“).

Медиумите треба да се борат против говорот на омраза, а не да овозможуваат простор за него

Неколку дена по парадата на гордоста, на која ЛГБТИ активисти се пожалија на зголемен говор на омраза и негово неказнување (Говорот на омраза зема замав, институциите не реагираат), во неколку медиуми пробија пораките од гласноговорникот на МПЦ Јаков дека „државата и верските заедници се едни од најтолерантните кон ЛГБТИ+ заедницата“ (видете и МПЦ: Без говор на омраза на протестот во четврток: „Нашата држава е најтолерантна кон ЛГБТИ заедницата“).

Од видеото (кое содржи дезинформација во насловот „МПЦ: Предложените закони ќе ги загрозат правата на 99 отсто на граѓаните“), може да се види дека гласноговорникот на МПЦ Јаков Стобиски го изјавува следново: „А морам да потенцирам дека нашата држава, нашето општество, и верските заедници во нашето општество се едни од најтолерантните кон таа заедница. Дали сте забележале некакви протести, или некакво попречување од страна на црквата или говор на омраза кон тие луѓе? Апсолутно, ние видовме успешна парада“.

Но, тврдењето дека „нашата држава, нашето општество, и верските заедници во нашето општество се едни од најтолерантните кон таа заедница“ не ја поминува проверката на факти.

Релевантни извештаи посочуваат дека дезинформациите и анти-ЛГБТ сентименти се шират низ Западен Балкан, дека се во подем по војната на Русија во Украина, како и дека ЛГБТИ луѓето и граѓанското општество се мета на навредувачки кампањи, омраза и непријателство, кои произлегуваат не само од про-владини, туку и од „про-руски сили и религиозни лидери“.

Во повеќе релевантни извештаи се посочува дека нашата држава и нашето општество не се „едни од најтолерантните“ кон ЛГБТИ заедницата. На пример, според виножитната мапа и индекс на ИЛГА-Европа, Северна Македонија бележи назадување од 31-во на 32-ро место, a во извештајот се вели дека говорот на омраза останува сериозен проблем, со мала реакција од страна на властите.

И во извештајот на ЕК од 2022 се констатира дека „Говорот на омраза и погрдните термини за ЛГБТИК-лицата продолжуваат да преовладуваат во онлајн просторот“ и се укажува: „Промовирањето на еднаквоста и осудата на говорот на омраза, злосторствата од омраза, дискриминацијата и нетолеранцијата кон лезбијките, геј-мажите, бисексуалците, трансродовите, интерсекс и квир лица (ЛГБТИК) треба да биде систематско.“ И последниот скрининг извештај од 20.07.2023 (дел за „Права на лезбејки, геј, трансродови, интерсекс, и квир лица“), укажува на неефикасно справување на правосудството со криминалот од омраза и говорот на омраза, како и дека „Физичките напади и говорот на омраза остануваат вообичаени, особено на социјалните медиуми“. Тука треба да се земат предвид и укажувањата дека „неказнето циркулира говор на омраза врз основа на сексуална ориентација и родов идентитет“, и дека „јавниот дискурс станува сѐ пополаризиран и понасилен, особено против трансродовите луѓе“.

Оттаму, дезинформација е дека „нашата држава, нашето општество, и верските заедници во нашето општество се едни од најтолерантните“ кон ЛГБТИ заедницата, како што е дезинформација дека немало говор на омраза на последната парада на гордоста во Скопје.

На секој од последните четири прајдови во Скопје, беа објавувани видеа во живо од страна на национални медиуми, проследени со стотици, во некои случаи и илјадници коментари преполни со говор на омраза (видете, Во борба, македонски народе…против говорот на омраза! и ПАРАДАТА НА ГОРДОСТА И ХОМОФОБИЧНИОТ ГОВОР НА ОМРАЗА).

И под едно такво видео во живо од 2023, можат да се детектираат стотици хомофобични и трансфобични коментари, од кои дел поттикнуваат омраза и повикуваат на сериозни дела од омраза. Во лепезата екстремни коментари на говор на омраза за последниот прајд, кои сè уште не се отстранети под повеќе видео-објави на социјалните мрежи, можеме да детектираме и коментари во кои се спомнуваат „гасни комори“, „Аушвиц“, коментари во кои се глорификува Хитлер или пак се повикува Путин да пушти атомска бомба или друго оружје за масовно уништување. Секако, најекстремни се коментарите во кои се оправдува геноцидот на Хитлер и во кои се содржани директни повици за геноцид на ЛГБТИ+ луѓето.

Медиумите и новинар(к)ите можат и кривично да одговараат за ширење на говор на омраза

Новинар(к)ите имаат и етички должности и законска одговорност во врска со говорот на омраза.

Тие имаат етичка должност да не говорат со јазикот на омразата и да не поттикнуваат на насилство и дискриминација по која било основа. Според Насоките за етичко известување на онлајн медиумите на СЕММ, „Имајќи ја предвид опасноста по поединците, групите или целото општество, онлајн медиумите нема никогаш да поттикнуваат омраза или нетрпеливост“ и врз основа на „пол, род, сексуална ориентација, родов идентитет“.

Според истите Насоки, медиумите имаат и етичка обврска „да ја зголемуваат свесноста за негативните последици од говорот на омраза, да го идентификуваат и разобличуваат таквиот говор, како и да ги посочуваат актерите што го продуцираат и се служат со него“. Тоа подразбира создавање „содржини со коишто ќе се спротивставуваат на говорот на омраза и на дискриминацијата по различни основи“. Тоа подразбира и „брзо отстранување на коментарите на корисниците што се објавуваат под новинарските содржини на вебстраниците или на социјалните мрежи, а коишто содржат говор на омраза и имаат потенцијал да предизвикаат штетни последици во општеството“.

За жал, голем дел од нашите медиуми не послужија како платформи за борба против говорот на омраза врз основа на „пол, род, сексуална ориентација, родов идентитет“, туку како платформи за ширење на анти-родов говор кој поттикнува омраза, непријателство, социјално исклучување и насилство.

Покрај етичките должности, новинар(к)ите и медиумите имаат и законски должности, забрани и одговорност во врска со говорот на омраза. Согласно законот, аудио и аудиовизуелните медиумски услуги не смеат да содржат програми со кои се поттикнува или шири дискриминација, нетрпеливост или омраза и врз основа на „пол, род, сексуална ориентација, родов идентитет“, итн. (за прекршување на оваа забрана може да се изрече глоба во износ од 1.000 до 5.000 евра во денарска противвредност).

И Законот за спречување и заштита од дискриминација се применува во „јавно информирање и медиуми“, а содржи забрана на секоја дискриминација, и врз основа на „пол, род, сексуална ориентација, родов идентитет“, како и прекршочни одредби и глоби.

И Кривичниот законик препознава дела од омраза врз основа на „пол, родов идентитет, сексуална ориентација“, а со казна затвор најмалку четири години се казнува „Одобрување или оправдување на геноцид, злосторства против човечноста или воени злосторства“, „со намера за поттикнување омраза, дискриминација или насилство против некое лице или група на лица поради… пол, родов идентитет, сексуална ориентација…“. Основата „родов идентитет“ е предвидена и со закон и со ратификуван меѓународен договор, па оттаму и по оваа основа може да се казнува за „Предизвикување омраза, раздор или нетрпеливост врз национална, расна, верска и друга дискриминаторска основа“, „Повреда на рамноправноста на граѓаните“, „Загрозување на сигурноста“, „Ширење на расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем“, „Расна и друга дискриминација“.

Накусо, медиумите и новинар(к)ите треба да бидат внимателни при пренесувањето на вакви ставови, бидејќи и тие можат и кривично да одговараат за ширење на говор на омраза, врз основа на повеќе одредби од Кривичниот законик.

Авторот е раководител на истражувања во Институтот за медиуми и аналитика ИМА

(продолжува)