„Полиграф“: Кои портали објавија дезинформации од портпаролката на руското МНР Захарова?

 

Делови од интервју на портпаролката на руското МНР Захарова во кои има дезинформации беа пренесени од портали во земјава, без да се изврши проверка на факти.

На 09.12.2023 порталот „МКД Пресс ЕУ“ објави текст со наслов „Захарова: Нема да дозволиме нацистичка држава во наша близина“, во кој е содржана следната изјава: „Нема да дозволиме во близина на нашите граници да постои агресивна нацистичка држава, од чија територија може да има опасност за Русија и соседните земји“.

Изјавата е содржана и во насловот на порталот Infomax.mk: „Москва: Русија нема да дозволи „нацистичка држава“ на нејзината граница“, со таа разлика што изразот „нацистичка држава“ е ставен во наводници.

Јасно дека оваа изјава се однесува на Украина, затоа што Захарова продолжува да зборува за „нејзината демилитаризација и денацификација“, а тврди и дека „Киев мора да ги прекине непријателствата и да ги повлече своите војници од руска територија“.

Но, Украина не е никаква „агресивна нацистичка држава“, туку демократска земја. Во сите релевантни индекси за демократија и слобода, Украина е подобро оценувана од Русија. На пример, во индексот на „Слобода во светот 2023“ Русија е оценета како неслободна земја, а во Индексот на демократија на Економист како „авторитарен режим“, додека Украина е подобро оценета, како хибриден режим.

Освен тоа, изјавите дека Украина е „нацистичка држава“ и дека Русија спроведувала „денацификација“ се дел од главниот лажен наратив со дезинформации на Кремљ, кој се користи за оправдување на инвазијата врз Украина. Овие лажни наративи се разоткриени повеќе пати од проверувачите на факти ширум светот, кои ги побиваа тезите дека Украина е „нацистичка држава“ и дека Русија спроведува нејзина „денацификација“.

И демократски избраниот претседател на Украина, Володимир Зеленски, чиј дедо бил Евреин, реагираше на лажните тврдења на Путин за „денацификација“ кога почна инвазијата врз Украина: „Како би можел јас да бидам нацист?“ .

Трето, и руското тврдење дека Украина била агресивна, и барањето Киев да „ги повлече своите војници од руска територија“ не се засновани на факти. Русија е таа што започна агресија и окупираше територии на Украина, поради што беше осудена и со резолуција на Генералното собрание на ОН со 141 спрема 5.

Накусо, сите споменати тврдења на Захарова може да се оценат како дезинформации. Затоа, медиумите не треба некритички да пренесуваат изјави на руски пропагандисти како Захарова, затоа што со тоа стануваат канали на руска пропаганда со дезинформации.