„Полиграф“: Кој дезинформираше дека  „Австралија Опен“ не ја признава Македонија?

 

Кога политиката се меша со спортот, резултатот најчесто е медиумски сензационализам, непрофесионално известување и погрешно информирање на публиката. Таков е случајот со информирањето за наводното непризнавање на Македонија и забраната на државното знаме на познатиот тениски турнир „Австралија Опен“.

На 15 јануари 2024, порталот „Спорт клуб“ објави текст со наслов  „(ФОТО) Срамно: Австралија Опен не ја признава Македонија?“ во кој се сугерира дека тенискиот турнир не ја признавал Македонија, поради тоа што „организаторите донеле правило да се забранат низа знамиња“, и дека „на оваа листа се најде и македонското национално знаме“.

Инаку, целата фама во македонските медиуми уследи по објавата на австралискиот медиум СБС на македонски јазик со наслов: „МАКЕДОНСКОТО ЗНАМЕ НА “ЦРНАТА ЛИСТА” НА АВСТРАЛИЈА ОПЕН?“.

Но, во соопштението на МНР што го пренесоа повеќе медиуми, се истакнува дека „Според организаторот, согласно важечките правила, на трибините за време на натпреварите на турнирот дозволено е да се веат само знамиња на учесниците на натпреварот“.

И директорот на Австралија опен, пред почетокот на турнирот истакна дека на главниот терен ќе биде дозволено да се вејат само знамињата на натпреварувачите.

Освен тоа, на сајтот на „Австралија опен“ може да се види дека државното знаме е составен дел на профилот на тенисерката Лина Ѓорческа од Северна Македонија. И во официјалното видео од нејзиниот натпревар може да се види дека на турнирот била претставена со државното знаме и со кратенката „МКД“.

Токму затоа, тврдењата дека „Австралија Опен“ не ја признава Македонија, и дека државното знаме било забрането на тенискиот турнир, може да се оценат како непоткрепени тврдења и медиумски манипулации.