Како се известуваше во медиумите во земјава за формирањето на новата влада? Дали фокусот беше ставен врз новиот премиер? Имаше ли етноцентрични наративи во медиумите во врска со формирањето на владата? Колку простор беше посветен на прашањето за политичкиот легитимитет во албанскиот политички блок? Имаше ли критики кон новата влада? Како беше известувањето за власта споредено со изборот на претседателот на Собранието, Африм Гаши?
Пишува: СЕФЕР ТАХИРИ
Изборот на новата Влада, предводена од премиерот Христијан Мицкоски, се рефлектираше исклучително многу во медиумите во земјата, кои отстапија значителен простор, не само за собраниската дебата, чинот на гласање, туку и за преговарачкиот процес за формирање на владата, поделбата на ресори, имињата што ги раководат министерствата, имињата на заменици – министри итн.
Историски гледано, медиумите во земјава, без разлика дали се на албански или македонски, но и на други јазици, без оглед на нивниот формат, посветуваат извонредно внимание на формирањето и изборот на нови влади. Ова се должи на фактот дека некои од нив, особено оние на национално ниво, се тесно поврзани со политиката и, како последица на тоа, политичките информации доминираат на насловните страници на весниците, во насловите на вестите или на првите страници на онлајн медиумите, иако во нив често нема вест ниту новост.
Вториот фактор што влијае за власта, особено кога е нова, да го преплави медиумскиот простор во земјава, е сензационалистичкиот пристап на некои новинари, кои често дури и фабрикуваат содржини, само за да обезбедат кликови. Знаејќи го фактот дека политичките вести кај нас продолжуваат да се следат и на телевизиите и на онлајн медиумите, овој пристап продолжува да биде присутен и денес, иако во меѓународните професионални медиуми изборот на влада е вообичаена вест.
Медиумскиот фокус ставен врз премиерот Мицкоски
Во најголем дел од медиумите на македонски јазик, фокусот на медиумските известувања беше премиерот Мицкоски, што е резултат на неговата уставно-правна позиција на чело на Владата, но особено на неговата фактичка положба – имајќи предвид дека Северна Македонија продолжува да биде држава во која Собранието не успева да ја контролира владата, туку е спротивно, додека премиерот има речиси апсолутна власт.
За ваквиот пристап на медиумите, без разлика дали се блиски до десничарската или левичарската политичка провиниенција, сведочат повеќе наслови објавени при изборот на Владата:
- Избрана новата Влада чиј претседател е Христијан Мицкоски ( ТВ Канал 5 , 23.06.2024)
- Избрана новата Влада чиј претседател е Христијан Мицкоски ( портал Либертас , 23.06.2024)
- Избрана новата Влада чиј претседател е Христијан Мицкоски ( Слободен печат , 23 јуни 2024 година)
- Избрана новата влада, Христијан Мицкоски ќе го предводи 20-от владин состав од осамостојувањето ( Нова Македонија , 23.06.2024)
- Христијан Мицкоски е нов премиер, Македонија ја доби 20. Влада ( портал Курир , 23.06.2024)
- Мицкоски 13-ти премиер од независноста, новиот кабинет со уште 4 министерства ( портал Во центар , 23.06.2024)
- Христијан Мицкоски е нов премиер, Македонија ја доби 20. Влада ( портал на македонски јазик на двојазичната ТВ 21 , 23.06.2024)
- Насловот беше ист и на порталот на албански јазик на ТВ 21 .
За некои медиуми владата е на Македонија, за други на Северна Македонија
И покрај фактот што се случија уставни промени и новото име на државата е Северна Македонија, голем дел од медиумите продолжуваат да го користат името Македонија, односно старото име на државата, Република Македонија:
- Македонија добива нова влада ( портал А1он , 22 јуни)
- Македонија доби влада, Христијан Мицкоски е новиот премиер ( портал Плусинфо , 23.06.2024)
- Македонија доби влада, чиј премиер е Христијан Мицкоски ( портал Скопје 1 , 23.06.2024)
Во најголем дел од медиумските известувања, без разлика на која политичка провиниенција се блиски медиумите, изостана детаљот дека новиот премиер го изговорил уставното име Република Северна Македонија за време на заклетвата.
Додека, иако во помал број, имаше медиуми кои го користеа уставното име Република Северна Македонија.
На пример, порталот Цивилмедиа , на 23 јуни 2024 година, ја објави содржината со наслов „Северна Македонија доби нова влада на чело со Христијан Мицкоски“. Овој портал, известувајќи за настанот, нагласи дека „ за време на свечената заклетва во законодавниот дом, тој го изговори уставното име на државата Северна Македонија. “
И порталот Фокус, иако не го спомнува фактот дека премиерот го изговорил уставното име за време на заклетвата во Собранието, го користи новото име на државата во насловот: „Собранието избра Влада на Република Северна Македонија. “ ( портал Фокус , 23.06.2024 година).
Додека, како што може да се забележи кај порталот за агрегирање вести на македонски јазик Time.mk, многу медиуми на македонски јазик известија за пристапот на грчките медиуми, додека збирниот наслов е: „ Мицкоски три пати ја нарече неговата земја „Македонија“. , пишуваат грчките медиуми“.
Малку критики на адреса на новата влада, еден портал го храбри Мицкоски
Во некои македонски медиуми имаше критички пристап кон слабата застапеност на жените на министерските позиции:
„Новата влада: Порасна бројот на министерства, но се намали бројот на министерки“ ( портал 360 и портал Пулс24 , 21.06.2024 година).
Додека други портали, како што потврдува порталот агрегатор на вести Grid.mk , главно известуваа со наслов „Во новата Влада ќе има 20 мажи и три жени, просечна возраст 47 години“.
Порталот Плусинфо, во изборниот период и по изборот на новата влада не го криеше поддржувачкиот пристап што го дава на новиот премиер, Христијан Мицкоски и на новата влада.
Новинарот и сопственик на порталот Плусинфо, Бранко Героски, во колумната со наслов „ Мицкоски само храбро, доследно и чесно – резултатите нема да изостанат!“ пишува:
„Нашето историско искуство ни покажува дека вмровските влади, во принцип, секогаш биле повредни и поефикасни од сдсмовските. А ако шансите на новата влада на Мицкоски се споредат со оствареното од претходните влади на Димитар Ковачевски и на Зоран Заев, тогаш уште сега знаеме дека дека таа нова влада ќе биде неспоредливо поуспешна. Дали тоа ќе биде доволно? Не, Македонија мора од пепелта да се крене како Феникс“.
Медиумите на албански јазик главно со коректен пристап кон гласањето на новата влада
Генерално, медиумите на албански јазик објективно и правилно известуваа за формирањето на новата влада и нејзините приоритети . Меѓутоа, во некои медиуми, вклучително и оние кои се блиски до коалицијата „Европски фронт“ предводена од Демократската унија за интеграција (ДУИ), има критички пристап во однос на непочитувањето на политичкиот легитимитет во албанскиот политички блок, постигнат на парламентарните избори.
ТВ 21, во прилогот кој содржи новинарски толкувања со наслов „Следната влада, иста како таа од 2006 година! Албанците со најмалку министри во последните 20 години“, ја спореди новата влада со таа од 2006 година.
„Времето кога Албанците водеа најмалку министерства, само четири, колку што се очекува да имаат и сега во Владата на Мицкоски, е 2006-та година, во таканаречената „прва влада на Груевски“ кога ДПА влезе во коалиција со ВМРО- ДПМНЕ. Во 2006-та година, ВМРО-ДПМНЕ имаше 40 пратеници, додека ДПА имаше 11. Албанците тогаш имаа вицепремиер за спроведување на Охридскиот договор и 4 министерства – за здравство, Министерството за образование, Министерството за култура и Министерството за екологија“, коментираше ТВ 21.
ТВ Клан Македонија во врска со формирањето на владата извести со наслов „Се формира новата влада / Мицкоски на првиот ден како премиер ветува економски развој на државата!“, цитирајќи го премиерот дека најави „реформска влада и итни инвестиции“.
Порталот Журнал извести со наслов „ Лидерите на албанските партии првпат ќе имаат министерски позиции, добра иновација или со недостатоци? “.
„Ова ќе биде првпат лидерите на албанските партии во Северна Македонија да учествуваат во владиниот кабинет, поточно во случајот Таравари како претседател на АА и Меџити како претседател на Демократското движење, пишува Журнал. Овде на некој начин може да се вклучи и новиот претседател на Собранието, Африм Гаши, иако неговата функција не и припаѓа на извршната власт. Истото може да се каже и за Билал Касами, бидејќи во 2021 година стана првиот претседател на политичка партија, по Руфи Османи, кој беше избран на еднакво важна функција, како што е функцијата градоначалник на Тетово, на која се врати и откако беше избран за пратеник на последните парламентарни избори. Досега такво нешто не се случило, бидејќи лидерите на партиите претпочитаа да делегираат „сигурни луѓе“ на владини позиции и други значајни функции, како на пример на претседателот на Собранието, но никогаш не прифатиле самите да се ‘измократ’ во владините води “, пишува Журнал.
По формирањето на владата, албанските и македонските медиуми не престануваат да известуваат за именувања и избори на нови владини кадри или раководители на јавни институции, кои ги заменуваат оние од претходната влада на Ковачевски. Честопати известувањето за именувања и избор на функционери е површно, бидејќи воопшто не се наведуваат детали за професионалниот бекграунд на државните и јавните функционери.
Изборот на Гаши – за македонските медиуми е избран за „спикер“, за албанските медиуми е избран за претседател на Собрание
Изборот на владата не откри толку многу дисонантни медиумски наративи со етнички мотиви, но такво нешто се случи при изборот на новиот претседател на Собранието на Северна Македонија, Африм Гаши.
Како што потврдува порталот агрегатор на вести Грид.мк, голем дел од медиумите на македонски јазик во насловите објавија дека Собранието го доби „новиот спикер“ ( портал Макфакс , портал ТВ Телма , радио портал Дојче Веле на македонски јазик , Скопје1 , портал Вечерпрес ).
Од друга страна, порталите на албански јазик известија главно со наслов „ Африм Гаши е избран за претседател на Собранието на Северна Македонија “.
Дел од медиумите на албански јазик не го оставија настрана фактот дека новиот претседател на Собранието, порано, во младоста, бил пеач. Насловот на некои медиуми беше „ Од „Празни џебови“, на чело на Собранието! Еве кој е Африм Гаши .
Заклучоци
Известувањето за новата влада по којзнае кој пат докажа дека политичките вести доминираат во медиумскиот простор и дека медиумите не успеваат да ги стават прашањата од јавен интерес во преден план.
Треба да се истакне „персонализираното известување“, односно фокусирањето на имињата на новите функционери а не на програмските приоритети, но без да се обезбедат доволно факти за професионалниот кредибилитет и компетентноста на функционерите за позициите што ги добиваат.
Вториот аспект е медиумскиот простор што им даде на преговорите за формирање на владата, што беше проследено со шпекулации, често и со медиумски фабрикувања, кои се во функција на одредени агенди на преговарачките страни за формирање на новата влада.
Известувањето беше главно објективно и коректно, и во албанските и во македонските медиуми, додека критиките за новата влада беа минимални. Во дел од албанските медиуми, значителен простор се посвети на прашањето за политичкиот легитимитет на албанските партии за вклучување во новата влада.
Препораки
Медиумите треба да посветат помалку простор на формирањето на владата, без да се занимаваат со шпекулации, но и без да дозволат да бидат простор за спинови на политичките партии за зајакнување на нивните преговарачки позиции.
Наместо политичките вести да бидат во главните наслови на различните медиуми, треба да се направат напори оваа област да биде пополнета со граѓански теми или теми кои се од јавен интерес, барем паралелно колку и политичките вести.
Исто така, во фокусот на медиумите кога се известува за владата треба да биде анализирањето на програмските определби и цели, а не имињата и партиската припадност на владините функционери.
(Авторот е универзитетски професор од областа на новинарството и јавните комуникации)
—
Институтот за медиуми и аналитика ИМА не се согласува секогаш со ставовите изнесени во авторските текстови, мислења и анализи, но го цени високо придонесот на секој автор и придонесот на медиумските експерти за развој на аргументирана дебата со различни гледишта, со цел да се унапреди состојбата со плурализмот во медиумскиот простор во Северна Македонија.