Дали етноцентричниот дискурс е сè уште присутен во медиумските известувања? Дали новинарите се професионалци или пред сè Албанци, Македонци и припадници на други етникуми? Во кој период на политичкиот плурализам било поизразено етничкото пред етичкотo известување? Колку овој тип на новинарство е стимулиран од политиката? Како се рефлектираат разликите во политиката или власта во медиумскиот спектар? Кои беа трите прашања кои ги одбележаа нагласените концептуални политички разлики во владата што ги поделија и медиумите по етничка припадност?
Пишува: СЕФЕР ТАХИРИ
Медиумскиот дискурс во Северна Македонија во изминатите три децении беше главно етноцентричен и поларизирачки, како резултат на вклучувањето на етнички или етно-политички ставови и интереси во известувањето и толкувањата на медиумите на албански и на македонски јазик.
Појавата на „дискурс на различноста“, односно необединувачки и некохезивен дискурс што го дели етнички општеството и покажува две дискурзивни или конструирани медиумски реалности – едната албанска, а другата македонска, е присутна уште од годините на комунизмот, а доби на интензитет во 90-тите години, што може да се смета и како природен процес, поттикнат од брзиот развој на комерцијалните (приватните) медиуми, покрај оние државните.
„Дискурсот на различноста“ повеќе од три децении ја доминира политиката и државните и приватните медиуми
Медиумско-етничкиот дискурс на поделби беше присутен во периодите на владеење на различни власти, од онаа на Социјалдемократскиот сојуз и Партијата за демократски просперитет во 1992-1998 година, на Демократската партија на Албанците и ВМРО – ДПМНЕ во 1998 – 2002 година, ДУИ и СДСМ во 2002-2006 година, во единаесетте години на власта на ВМРО-ДПМНЕ главно со ДУИ (2006-2017), но и во периодот на владеење на СДСМ и ДУИ од 2017 до 2024 година.
Дискурсот на различноста или појавувањето на разлики што не ги поврзуваат граѓаните беше присутен уште од гласањето на Уставот на независната република (1991), настаните на Бит Пазар (1992), прашањето за наставата на албански јазик во средните училишта, отворањето на Универзитетот во Тетово (1994), употребата на етничкото албанско знаме (1997) итн.
Вооружениот конфликт во 2001 година го уште повеќе продлабочи меѓуетничкиот јаз, додека медиумите во голема мера придонесоа за негово продлабочување, до тој степен што тие самите продуцираа шпекулации или полу-информации за концептите за поделба на државата врз етничка основа. Еден дел од медиумите остро се спротивставија на Охридскиот договор, со цел да се продолжи концептот на државното организирање од пред 2001 година.
Произведувањето на паралелни реалности продолжи и по 2002 година, особено кога се направи територијалната реорганизација на државата или формирањето на нови општини во 2004 година, кога беше официјализиран и Универзитетот во Тетово. Не беше исклучок ниту известувањето за признавањето на Косово како независна држава итн.
Две медиумски вистини се појавија и околу настаните што беа оценети како политички монтирани случаи, како што се: Сопот, Бродец, настаните од Куманово и многу други настани што создадоа меѓуетнички поделби. Меѓу најкарактеристичните случаи е законот за стимулирање на наталитетот, кој не опфаќаше некои општини населени главно со Албанци, со образложение дека наталитетот во нив е висок.
Проектот „Скопје 2014“ не само што беше симболичен, туку и објективно исцрта поделби во главниот град на етничка основа, а на поширок план тоа се случуваше со државата во целина.
Медиумското известување по изборите во 2024 година: Албанското знаме ја подели новата владина коалиција
Во 2024 година, во политичкиот дискурс, а следствено и во медиумите, продолжија да се појавуваат реминисценции од современото политичко минато на земјата. На пример, одредени политички структури и понатаму продолжуваат да реагираат против употребата на албанското национално знаме во државните институции.
Во оваа насока, медиумите ѝ дадоа значителен простор на изјавата на претседателот на владејачката партија ЗНАМ, Максим Димитриевски против употребата на албанското знаме, што во јавноста ги одразува етничките и политичките разлики дури и меѓу владините партнери.
Македонските медиуми известија со наслов „Димитриевски: ЗНАМ ќе излезе од Владата ако повторно министрите од Вреди истакнат албанско знаме“.
Медиумите ја пренесоа изјавата коректно и објективно на Димитриевски:
„Димитриевски реагира на првата координативна средба на министрите од Вреди во кабинетот на вицепремиерот Изет Меџити, која беше објавена со соопштение и со фотографии. „Ова е само тој ДУИ-наратив кој што продолжува во континуитет. Ако продолжи таквиот однос и непочитување нема да бидеме дел од Владата и ќе излеземе“, рече Димитриевски во гостување на ТВ Канал 5. На фотографиите се гледа дека се поставени три знаменца – македонското, албанското и знамето на ЕУ.“
Порталот на весникот „Слободен печат“ објави текст со наслов „Раздор во Владата поради ЗНАМ(е) по само 8 дена“. Овој медиум објави фотографии од претседателот на Собранието Африм Гаши, министерот за социјална политика Фатмир Лимани и министерот за здравство Арбен Таравари, кои на своите маси го поставиле албанското знаме.
Медиумите на македонски јазик ја пренесоа коректно изјавата на лидерот на Движењето БЕСА, Биљал Касами, како одговор на изјавата на Димитриевски.
Насловот на повеќето медиуми беше „Касами му порача на Димитриевски ‘Не си ти оној кој одредува кога и како ќе се користи националното знаме‘“. Додека порталот Мкд.мк го објави ставот на коалицијата ВРЕДИ (ВЛЕН): „ Максим Димитриевски да не ги оспорува симболите на албанскиот идентитет“.
И медиумите на албански јазик посветија значителен простор на изјавата на Димитриевски. ТВ 21 извести со наслов „На Димитриевски му пречи албанското знаме во Владата! Возвраќа Касами“. На порталот на оваа телевизија се користи фотографијата од координативната средба меѓу вицепремиерот Меџити и функционерите Албанци во новата влада, на која на масата може да се види албанското знаме. ТВ 21 го објави и ставот на коалицијата ВРЕДИ, која упати „повик и до министрите од редовите на Движењето ЗНАМ да се приклучат на следниот координативен состанок, и да се уверат дека не се разговара за ништо друго освен за ефикасноста на спроведувањето на програмските задачи“.
Порталот „Нистори“, сакајќи да го искаже обединетиот спротивен став на албанскиот политички фактор, извести со наслов „ОПОЗИЦИЈА И ПОЗИЦИЈА – Албанските партии реагираат до Максим Димитриевски за албанското знаме“.
Порталот на весникот „Лајм“ објави текст со наслов „Дали ќе ја напушти општина Куманово? Албанското знаме во кабинетот на Максим Димитриевски“. Овој портал го објави и видеото од интервјуто на Димитриевски за медиумската платформа „360 степени“, на кое јасно се гледа дека албанското знаме е поставено во кабинетот на градоначалникот на Куманово.
Дел од медиумите, сакајќи да го прикажат Димитриевски како про-југословенски и антиалбански политичар, објавија статус на политичарот Арјанит Хоџа, кој објави фотографија од лидерот на ЗНАМ со знамето на поранешна Југославија.
Дел од медиумите кои сега имаат про-опозициска уредувачка политика ја критикуваа средбата меѓу претседателот на Демократското движење, Изет Меџити и првиот човек на Движењето БЕСА, Биљал Касами, која се одржа без знамето на етничките Албанци. „Средбата меѓу Изет Меџити и Билал Касами се одвива без албанско знаме, под страв од Мицкоски и Димитриевски“ (Index.mk , Revista.mk , Desk.al, 02.07.2024).
Известувањето на албанските и македонските медиуми за албанското знаме, по којзнае кој пат покажува дека голем дел од нив имаат етноцентричен пристап кога станува збор за деликатни прашања што имаат етничка или етно-културна конотација. Додека разликите меѓу политичките субјекти, на релација власт – опозиција или во самата владина коалиција, ги опфаќаат и медиумите, кои не можат да ја отфрлат етничката „наметка“, односно да бидат целосно професионални и да ги почитуваат етичките стандарди за известување.
„Балансерот“ предизвикува дисбаланс во извршната власт
Медиумите ги рефлектираа различните пристапи на коалициските партнери во владата, ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ од една страна, и коалицијата ВРЕДИ од друга страна, во врска со укинувањето на механизмот наречен „балансер“, кој има за цел да обезбеди правична и соодветна застапеност на вработените во државната и јавната администрација.
Телевизија 24 извести со афирмативен наслов „Балансерот заминува во историјата“. Но, оваа телевизија, иако го пренесува и спротивставениот став на Демократската унија за интеграција, не го прикажува истиот во насловот.
Порталот на македонски јазик на ТВ Алсат го користи истиот наслов како ТВ 24, иако во новинарскиот прилог опфатени и ставовите на лидерите на коалициските партии ВРЕДИ, Арбен Таравари и Изет Меџити.
ТВ Канал 5 извести со наслов „ Лицата попишани во странство од денеска нема да може да се евидентираат во балансерот “.
„Лицата попишани во странство од денеска не се дел од Балансерот за вработување, – најави министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски, како прв чекор до целосно укинување на балансерот за вработување по етнички основ станува минато.“, извести ТВ Канал 5.
Оваа телевизија ја потенцираше изјавата на министерот Андоновски, според која „бројките во рамките на дигиталната алатка „Балансер“ се променети да одговараат на пописните резултати исклучиво на резидентното население од пописот во 2021 година “. Но, оваа телевизија не ѝ објасни на јавноста дека според последниот попис, резидентните Албанци се 24%, додека нерезидентните се 29%.
Порталот на весникот „Слободен печат“ извести со наслов „„Балансирањето“ по етникум станува минато, приоритет ќе биде професионалноста“.
Дел од македонските медиуми ја пренесоа изјавата на лидерот на Алијансата за Албанците, Зиадин Села со наслов „Високи тонови од Села: Почна укинувањето на Балансер, нека знае Мицкоски дека не се сите Албанци сервилни како ВРЕДИ“.
Во албанските медиуми имаше критички пристап кон етапното укинување на балансерот. На пример, Телевизија Шења извести со наслов „Балансерот се ограничува, повеќе Македонци и помалку Албанци во администрацијата“.
„Министерот за јавна администрација Горан Минчев најави дека се сменети процентите на балансерот, алатката за вработување според етничка припадност во државните институции, со што се зголемува бројот за вработување на Македонците, а се намалува бројот на Албанците. Во новата пресметка за вработување е вклучен само бројот на резидентно население според последниот попис. Претходната пресметка во која според Минчев не се почитувал Законот за вработени во јавниот сектор е од 2022 година кога министер беше Адмирим Алити“, се вели во прилогот на ТВ Шења.
ТВ 21, пак, извести со наслов „Судир меѓу ВРЕДИ и ЗНАМ, намалувањето на застапеноста на Албанците во администрацијата предизвикува револт кај партнерите на владината коалиција“.
ТВ Клан Македонија во врска со ова прашање извести со наслов „ Минчев ги промени пресметките за балансерот/ Се намалува процентот на Албанците, се зголемува процентот на Македонците “.
„Министерот за јавна администрација Горан Минчев соопшти дека се сменети процентите на балансерот, алатката за вработување според националност во државните институции. Со ова се намалува застапеноста на Албанците во администрацијата! Во август 2022 година тогашниот министер Адмирим Алити направи нова пресметка, броејќи ја дијаспората од пописот во 2021 година и го зголеми процентот на вработеност на Албанците на 29,54 отсто“, се вели во извештајот на ТВ Клан Македонија.
Порталот „Ревиста“ сакајќи да ја претстави позицијата на коалицијата ВРЕДИ во владата како вазалска, извести со наслов „ ЗНАМ“ го понижува лошо ВРЕДИ: Разберете дека времето за демонстрација на сила заврши! ”
„Движењето „ЗНАМ“ предводено од Максим Димитриевски излезе во одбрана на министерот за јавна администрација и неговата одлука да го намали процентот на Албанци и лошо ги понижи албанските партнери од коалицијата ВРЕДИ“, пишува во написот на порталот Ревиста.
И темата „Албанска академија“ ги подели медиумите по етничка линија
Разлики меѓу политичките партии на власт како и во медиумите предизвика и идејата на коалицијата ВРЕДИ за формирање на Албанска академија на науките и уметностите, која беше дел од предизборната програма на оваа коалиција.
Додека албанските медиуми известуваа со афирмативни но не и еуфорични тонови за идејата за етничка академија, македонските медиуми дадоа повеќе простор за спротивставените реакции, нагласувајќи го зачувувањето на академското единство, бидејќи Албанската академија, според нив, ќе влијае на дезинтеграција на општеството. Во овој контекст, треба да се истакне дека дебатата за етноцентризмот на МАНУ датира од осамостојувањето на државата, додека идејата за Албанската академија може да се третира како реакција на фактот дека Македонската академија не ги отворила доволно вратите за Албанците.
ТВ 21 ја пренесе изјавата на претседателот на Демократското движење, Меџити, кој го критикува етноцентризмот на официјалната академија: „ Изет Меџити: Во МАНУ нема вработен Албанец ниту како кафе-кувар! “.
Порталот „Телеграфи“ извести со наслов „ Албанската академија на науките и уметностите ќе се формира во РСМ, Меџити: Првично ќе се финансира од општините“.
При известувањето за ова прашање, неколку албански портали ја претставија идејата за нова албанска академија како веќе завршена работа. Со афирмативниот наслов „ВРЕДИ, како што ветува, и реализира: Академијата на Албанците за наука и уметност станува реалност!“ извести државната новинска агенција МИА на албански јазик.
Телевизијата Алсат, почитувајќи го принципот на балансираност, изнесе и спротивставени позиции на идејата на Албанската академија. Оваа телевизија извести со наслов „Има ли раскол? – И самиот Мицкоски вели: Не ни треба друга академија“, иако во самиот извештај беше опфатен и ставот на првиот заменик-претседател на владата, Изет Меџити.
Македонските медиуми главно нагласија дека Северна Македонија како унитарна држава не може да има две паралелни етнички академии, формирани, организирани и финансирани од државниот буџет.
Порталот на дневниот весник „Слободен печат“ извести со наслов „Во унитарна Македонија нема место за албанска академија“.
Во врска со ставовите на коалицијата ВРЕДИ дека академијата ќе ја финансираат општините населени со Албанци, порталот СДК го објави текстот со долг и описен наслов „Академија на науки може да се формира само од собранието или од владата, а за мешовита научна установа на ниво на општини треба бадентерово мнозинство во советите“. Според овој портал, Законот за научноистражувачка дејност и Законот за локална самоуправа не предвидуваат можност за формирање паралелна општинска научна академија.
Во функција на отфрлање на идејата за албанска етничка академија, ТВ Канал 5 подготви и емитуваше прилог со наслов „Дел од акдемиците Албанци од МАНУ се против формирање на посебна албанска академија на науките “. Но, во прилогот се пренесува само изјавата на академик Алајдин Абази, претставен како потпретседател на МАНУ, кој рече дека „Имаме една Академија и таа е за сите. Не може да има две национални академии на науките и уметностите. Има одредени работи кои треба да се подобрат околу Албанскиот јазик, култура и историја, и тоа би можело да се направи како посебно одделение во рамките на МАНУ со нови академици“.
Заклучоци
Во 90-тите години, по осамостојувањето на Северна Македонија, продолжи присуството на поларизирачки медиумски дискурс по етничка линија, што беше продолжение на дискурсот од комунистичкиот период, кој во тогашните државни медиуми беше главно насочен против Албанците.
Овој дискурс што го дели општеството, со одредени амплитуди на интензитет, беше присутен за времето на сите власти по демократизацијата и осамостојувањето на државата, без разлика дали владеела ВМРО-ДПМНЕ или СДСМ, во коалиции со албанските партии. Дискурсот, кој често беше и популистички, се појавуваше уште од усвојувањето на првиот Устав на земјата, а понатаму и во сите чувствителни настани кои имале етнички контексти.
По изборите во 2024 година, уште на самиот почеток, новата владина коалиција ги покажа поделбите поврзани со правата на Албанците и другите етнички заедници, кои вклучуваат користење на етничкото албанско знаме во државните институции, укинување на балансерот како механизам за контрола на правичната и соодветната застапеност во администрацијата, како и во врска со идејата за отворање на албанска академија на науките и уметностите.
Препораки
Медиумите не треба да ги занемаруваат етничките прашања, кои се природно присутни во едно мултиетничко општество како нашето. Но, репортерите и уредниците со својот професионален пристап треба да влијаат овие прашања да не бидат причина за продлабочување на меѓуетничкиот јаз, кој постои во реалноста, а во медиумите се преувеличува, како резултат на влијанието на политиката.
Медиумите треба да придонесат за зголемување на меѓуетничката толеранција, без да ги кријат фактите и без да им даваат главен простор само на прашањата кои ја делат политиката и општеството по етничка линија. Во оваа насока, изложувањето и афирмацијата на социјалната и меѓуетничката кохезија е должност и мисија на јавниот радиодифузен сервис и државната новинска агенција МИА, но и на приватните медиуми.
Новинарските известувања и медиумските содржини од други жанрови треба да го избегнуваат етничкото навивање и да се базираат само на професионалните стандарди и етичките норми, кои вклучуваат објективност и балансираност, што значи вклучување на различни политички и етнички ставови и перспективи.
(Авторот е универзитетски професор од областа на новинарството и јавните комуникации)
—
Институтот за медиуми и аналитика ИМА не се согласува секогаш со ставовите изнесени во авторските текстови, мислења и анализи, но го цени високо придонесот на секој автор и придонесот на медиумските експерти за развој на аргументирана дебата со различни гледишта, со цел да се унапреди состојбата со плурализмот во медиумскиот простор во Северна Македонија.








