Бурнс во „Интеркултура“: Мора да се бориме против дезинформациите и авторитаризмот на Трамп

 

Во најновата епизода на шорткастот на ИМА „Интеркултура“, Роберт Алаѓозовски го продолжува разговорот со политичкиот стратег Ерик Бурнс, отворајќи прашања за растечките закани од дезинформациите, говорот на омраза и зајакнувањето на авторитаризмот во САД.

Бурнс, поранешен претседател на Media Matters for America, предупредува на огромниот обем на лажни информации денес и нивната улога во поддршката на растечкиот национализам и авторитаризам во САД.

„Мора да се борите против дезинформациите…Има толку многу информации што доаѓаат до луѓето, така што тие не знаат што да направат со нив, не знаат каде да најдат факти… Дури и организации како Media Matters се тужени од администрацијата на Трамп или луѓе блиски до неа…Тоа е отворен авторитаризам“, истакна тој.

Осврнувајќи се на политиките на Трамп и укинувањето на програмите за разновидност, еднаквост и инклузија, Бурнс додава: „Има луѓе кои се плашат дека ќе бидат депортирани…Оваа администрација прави што и да посака, и сето тоа има бело-националистички тон – и не само тон, туку и намера. Тоа, на некој начин, порачува: ‘Избркајте ги имигрантите од нашата земја’. Проблемот е што САД се земја на имигранти…Всушност, нема „вистински“ Американци, освен домородните народи. Така што, да, мислам дека има многу страв, многу стрес и многу тензии.“

Бурнс исто така посочува дека овие политики се намерна стратегија за одвлекување внимание, особено видлива во таканаречениот „Голем прекрасен закон“: „Мислам дека тоа е фундаментално неамерикански. Но, најважното е што тие нѝ го одвлекуваат вниманието со сите овие социјални теми за расправии и дебати, додека она што го прават реално е – им даваат огромни даночни олеснувања на најбогатите 0.1% од американските милијардери.“

Погледнете повеќе за овие теми во вториот дел од гостувањето на Ерик Бурнс во видео шорткастот „Интеркултура“.