Енес Ибрахим во „Интеркултура“: Дали одиме со Белград, Москва, или одиме кон Брисел?

 

Во најновото издание на шорткастот на ИМА „Интеркултура”, Роберт Алаѓозовски разговара со Енес Ибрахим, претседател на Партијата за движење на Турците и поранешен пратеник. Тие се осврнаа на актуелната политичка ситуација од аспект на мултиетничките коалиции, состојбата со културните проекти на турската заедница, интеркултурализмот и владините политики кон различноста, националистичките тенденции и критиките во најновиот извештај на Европскиот парламент за промовирањето на концептот на т.н. „српски свет“ од претставници на Владата.

Ибрахим рече дека тој и неговата партија отсекогаш ги сметале трансферите на политичките партии и пратениците од една во друга коалиција за неморални. Според него, партиите коишто ги менуваат страните се најчесто и човек-партии, на кои поголемите партнери секогаш им помагаат и при регистрацијата. За него, мотив за дејствување во политиката се програмските цели, визијата, идеалите, а не две-три високи функционерски плати.

Тој е загрижен што објектот на Турскиот театар е заборавен од новата власт. Откако како учесници во претходната влада го расчистиле долгот од шест милиони евра и ја довеле зградата до трета фаза, тој проект сега го нема ниту во буџетот, ниту во ребалансот за 2025 година. Според него, доколку се задржела динамиката, објектот ќе се завршел до 2027 година. Сегашните услови за работа на Театарот во објектот на Театар Комедија не се задоволителни.

„Во моментот се соочуваме со многу различни проблеми. Не само со културата или со Турскиот театар. Ние и во политичката претставеност во моментот немаме доволно претставници. Првпат во историјата, или во поновата историја немаме претставник во Владата, првпат во поновата историја, а немаме ни опозиција. И двајцата опозиционери, декларирани пратеници, биле дел од претходните власти. Едниот последен министер на владата на ВМРО-ДПМНЕ, другиот со предлог и поддршка на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ станал уставен судија. И сега, тие ќе ни глумат опозиција? Турската заедница тоа го препозна изминатиов период, кој работи вистински за турската заедница и државата, кој работи само за личен профит. Друго е за личен профит, друго е за турската заедница и државата. Инаку што се однесува до Република Турција, од 1991-ва навака секогаш е до нашата држава. Дел од очекувањата на останатите политички партии, особено од владеачките партии: ја имате Турција, зошто не ви донира? А зошто Турција сè да ни донира, кога данок плаќаме во оваа држава, за возврат да не добиваме ништо од државните институции“, истакна Ибрахим.

Ибрахим смета дека проблемот со правичната и соодветна застапеност ќе се надмине само со системско решение. Но, според него, за тоа како да нема политичка волја од големите политички субјекти.

„За балансерот, веќе и мало дете знае дека се злоупотребуваше. Македонец за вработување стануваше Албанец, Албанец за вработување стануваше Македонец, или Турчин, стануваше Македонец само за да се вработи…Гледаме сега дека се спрема некој закон, или дека е спремен и испратен до Венецијанската комисија, а сè уште се крие од јавноста. Мислам дека тука има некоја задна намера, каде што не верувам дека ќе донесе некое системско решение, но треба да се најде системско решение, бидејќи укинувањето на балансерот од страна на Уставниот суд не е добро. Не е добро, бидејќи тој процес, знаеме во Уставниот суд кои судии како гласаа. И заради некои неправилности изминативе години или злоупотреба на балансерот, да се доведе Уставниот суд да се поларизира врз верска основа, тоа не носи ништо добро за државата и за граѓаните. Доколку Уставниот суд се поларизира на етничка или на верска основа, ние помалкубројните заедници каде ќе ја бараме правдата“, прашува тој.

Ибрахим смета дека е добро што за првпат на толку висока позиција, министер за односи меѓу заедниците и вицепремиер, дошол претставник на помалкубројните заедници. Но, според него, по една година од владеењето, министерството нема визија, нема активности и односите меѓу заедниците се дури и влошени. Тој смета дека е недоволно само да се поделат пари за проекти на триесетина здруженија.

Тој се осврна и на критиките во извештајот на Европскиот парламент  за промовирањето на концептот „српски свет“ од претставници на Владата.

„Идеолошки гледано, и вистинското лице на ВМРО-ДПМНЕ ако е Стоилковиќ, тоа е проблем и за ВМРО-ДПМНЕ, но и за државата. Бидејќи додека високите претставници на ВМРО-ДПМНЕ седат, спијат во Брисел, ги убедуваат бирократите во Европскиот парламент дека се за Запад, за членство во Европска унија, за евроинтеграции, вицепремиерот преку Белград и Москва лобира за сосема различно нешто кое е во идеологијата и целта на ВМРО ДПМНЕ. И тука е проблемот. И затоа не можеме да одиме напред и во однос на помалкубројните заедници во однос на државата. Ете, блокиран е евроинтеграцискиот процес. Се заборави сè и сешто. Различна геополитика, различни политички структури, но нема јасен став владата. Дали одиме со Стоилковиќ, Белград, Москва, или со одредени други политички личности во ВМРО-ДПМНЕ одиме кон Брисел. Тие сè уште се обидуваат да докажат дека се проевропски ориентирани, а најлојалниот коалиционен партнер кој ја претставува Владата на Република Северна Македонија надвор од државата е за соработка со Русија или со српскиот свет. И затоа сме во една дилема како општество и како држава, во кој правец се движи државата“, посочи Ибрахим.

Погледајте и слушнете го видео шорткастот „Интеркултура” со Енес Ибрахим, претседател на Партијата за движење на Турците, една од најрелевантните партии на турската заедница во Северна Македонија.