Белкиса Зеќири во „Интеркултура”: Сиљановска-Давкова падна на испитот за женски претседател

 

Во вториот дел од разговорот меѓу Роберт Алаѓозовски и Белкиса Зеќири, членка на Извршниот одбор на СДСМ и поранешна пратеничка, тие дискутираат за проблемите со признавањето и дискриминацијата на торбешката заедница, за малиот број жени во политиката, за насилството врз жените, вклучително и најновиот случај со градоначалничката на Скопје Данела Арсовска, како и за политиките на претседателката Гордана Сиљановска – Давкова.

Зборувајќи за дискриминацијата на торбешката заедница, Зеќири вели дека политичката манипулација и мајоризација на Торбешите е штетна и неприфатлива, особено откако на пописот во 2021 како Торбеши се попишаа речиси 6200 граѓани.

„Уставно гарантирано право ни е тоа ние како се чувствуваме и како ќе бидеме изложени во јавноста. Ние отсекогаш сме биле тука. Ние постоиме тука, не може мене некој да ми наметнува теза дека – па Торбеши се погрден збор, па не треба да го прифаќате тоа. Таа теза е наметната токму од политичките структури во оваа држава за да се направи одбивност. Се врши буквално легална политичка асимилација на оваа заедница, затоа што голем процент од нив се попишуваат Албанци, се попишуваат Турци, се попишуваат Бошњаци, сето тоа ги врзува само по вера. Они дома зборуваат македонски јазик и тие се Торбеши, тие имаат традиција. И јас сметам дека кој да е на власт, тој дел мора да се почитува, ако сакаме да имаме демократија“, истакна Зеќири.

За дискриминаторскиот однос кон жените во политиката, таа смета дека добра мотивирачка мерка е системот на квоти, и дека тоа е решение и за градоначалничките избори, откако покажа позитивни резултати за парламентарните и советничките листи.

„Видете, отсекогаш теренот во политиката се сметал како машки терен каде што жената многу потешко избивала на површина. Не дека нема образование, не дека нема капацитет да води, напротив, сметам дека жените се многу полојални и жените се двигателот на една политичка партија. Тука доаѓа до еден проблем, може и патријархален да кажам, како што жената во минатото, дека таа треба да биде дома, дека треба да се грижи за домашните луѓе, деца, фамилија, сè што има, дека нејзе местото и е таму… Од друга страна, премногу демотивирачки е да убедиш жена да влезе во политика, од аспект на тоа што она ќе биде многу повеќе изложена на вербални напади. Многу се гледа на изгледот како е – па ваква е, па таква е. Тоа е сериозен проблем и атак, затоа што нејзините квалификации, како професионален живот, како сè останато што може да го има еден маж, а да го има повеќе жената, и се дисквалификуваат“, посочи Зеќири.

За неа, физичкиот напад врз градоначалничката на Скопје е апсолутно неприфатлив и тоа „не е само напад врз жена или напад врз личност, туку е и напад врз институција, градоначалник на град Скопје“. Со тоа како држава, според Зеќири, демонстрираме институционална несигурност. Воедно, Зекири смета дека претседателката Гордана Сиљановска – Давкова, уште од самото формирање на својот кабинет а потоа и со многу премолчани збиднувања пропуштила да се наметне над декларативната заложба за борба против дискриминацијата и за поголема рамноправност на жените во општеството.

„Претседателката Гордана Сиљановска – Давкова многу често во своите изјави, посебно во предизборната кампања се претставуваше како заштитник на женските права… Нигде ја нема да, како поборник за женски права, нема покренато ниедна иницијатива, нема ниедна јавна платформа каде што можат луѓето да видат дека она навистина стои зад тоа што го ветуваше пред граѓаните. Жените не сакаат говори за 8 Март или не сакаат буквално наслови дека рамноправноста на жената треба да биде исклучително важна, туку сакаат дела. Јас мислам дека претседателката Гордана Сиљановска и со настанот со градоначалничката каде што мудро си го премолчи, не знам од која причина тоа го направи, и како што мудро ги премолчува многу други работи кои се сервираат од ВМРО-ДПМНЕ, мислам дека тука падна на испитот дека она може да биде женски претседател, а не само жена – претседател“, категорична е Зеќири.

Погледајте и слушнете повеќе за овие теми во гостувањето на Белкиса Зеќири во видео шорткастот „Интеркултура”.