Во најновото издание на шорткастот „Што има ново?“ на ИМА, Петрит Сарачини разговара со д-р Катерина Колозова, истражувач и професор по политичка филозофија, за странските малигни влијанија и дезинформациите, особено оние насочени против евроинтеграциските процеси, односно за анти-ЕУ и анти-западната реторика во земјата.
Коментирајќи ги јавните перцепции за последниот Извештај на Европскиот парламент, кои се фокусираа на идентитетските прашања и спорот со Бугарија, притоа игнорирајќи ги сите останати критики за странски влијанија, дезинформации во земјава и влијанието на „српскиот свет“, Колозова се двоуми дали е тоа намерен или спонтан дефокус на јавноста. Според неа, опсесијата и перцепцијата дека ЕУ има намера да нѝ го избрише идентитетот, која постои како дискурс во нашето општество од 2022 година, „некако природно“ ги наклонува луѓето кон одбивање на ЕУ и приклонување кон таканаречениот „српски свет“.
„Значи, таа опсесија и таа перцепција дека ЕУ има намера да нѝ го избрише идентитетот. Дека има замки поставено во самата преговарачка рамка… Значи тој дискурс владее од 22-ра до сега, така што не е чуден дефокусот и фиксацијата, затоа што се смета како симптом. Аха, еве ни го избришаа идентитетот, точно како што мислевме. И според тоа ЕУ интеграциите стануваат, според луѓето со вакво разбирање, особено на преговарачката рамка, стануваат параноични дека ете, тоа е симптомот, дека некој има намера да нè брише идентитетски, не нè ни интересира ЕУ понатаму, така што тоа не мора да е дефокус, може да е природна реакција… И сега вртењето кон Србија, која што се перципира како безбедна точка, бидејќи нè признаваат, така го перципираме ние тоа, така гледаме, така мислиме, така веруваме, под некоја пост-југословенска инерција. Вртењето кон таканаречениот српски свет и… чувството на можеби припадност или преференца, наспроти ЕУ, станува некако природно“, посочи Колозова.
Дополнително, Колозова ги објасни клучните наоди за Македонија од истражувачката студија наречена „Мониторирање на странското влијание и дезинформациски кампањи во Западен Балкан“ на Институтот за стратешки дијалог, нарачана од германското Министерство за надворешни работи. Колозова укажа дека во Македонија доминантни се анти-ЕУ наративите иако доаѓаат од проруското влијание кое патува до нас секогаш преку Србија, истите штетни наративи се создаваат и дома.
„Значи, Русија не мора ништо да ни продава, нити да не лаже нас, нити да ни влијае. Ние сами генерираме проруско влијание, на пример. И сами генерираме анти-ЕУ наративи, анти-ЕУ дискурс… За кај нас, за Македонија, се заклучи дека кај нас руско влијание, како руско, значи тоа што стига оттаму, медиумски, доаѓа секогаш преку Србија. Може, еве ова да е еден индикатор на тој процес на креирање, таканаречен, српски свет, но, значи, изворите се во Србија, кај нас кога доаѓа тоа влијание, но она што доминира и кај нас, и кај Србите, е креирање на анти-ЕУ наративи“, истакна Колозова.
Колозова илустрираше преку примери, како со развивање на овие штетни наративи, кои можеби нe користат секогаш неточни информации, но со начинот на кој се кажуваат ја наведуваат публиката на погрешни заклучоци, се гради широк општествен евроскептицизам.
„…Најголемите евроцентристи го употребуваат следниот речник во колумни: „Јас, како европеец, јас сум толку разочаран или разочарана,… толку имам посветено на таа идеја, но сега сум толку разочаран-разочарана затоа што го негираат нашиот идентитет. Ако го негираат нашиот идентитет, ЕУ се фашисти. Ако се фашисти, не се демократи. Ако не се демократи, не сакам во ЕУ.“ … Кога структурно ќе го изанализираш наративот како тропа, гледаш дека Емилија Гелева, од Путиновата партија тука, гледаш дека колумна кај неа е структурно потполно иста. – „Јас бев европејка, верував во Европа. Јас сум разочарана во Европа затоа што Европа не негира како идентитет. Европа е фашистичка.“ Само она на крај апла вика: „Заради тоа, јас сум за Русија.“ Значи сфаќате, структурно изанализирано, тропите како се анализираат според начинот на кој што ги имавме кодирано, испаѓа исто. Со други зборови, кај нас е широк консензус на евроскептицизам“, објасни Колозова.
Погледајте и слушнете повеќе за овие теми во првиот дел од разговорот со д-р Катерина Колозова во видео шорткастот „Што има ново?” на ИМА.








