Пишува: ПЕТРИТ САРАЧИНИ
Се чудат од власта зошто граѓаните не им веруваат на институциите дека водата во Скопје е безбедна за пиење. Забораваат дека токму тие, со години, додека беа во опозиција, ширеа дезинформации – за што и се посочени во меѓународни извештаи.
Сега, кога се на власт, гледаат колку е тешка борбата со дезинформации, без оглед кој ги шири – дали опозицијата којашто ја обвинуваат за ширење паника и хистерија, или разно-разни сештолози на социјалните мрежи, голем дел од кои процветаа токму охрабрени, а богами и инструирани од политиката и партиите.
Сега кога се на власт – велат ќе го менуваат Кривичниот законик и ќе воведат казнување и за намерно ширење дезинформации. А кога беа во опозиција, на секој таков предлог за осовременување на законите во согласност со новите ризици на дигиталниот свет – врескаа „цензура“ и „диктатура“.
Но, она што не можам да го сварам е ставот на некои новинарски бардови и бардулиња, за кои сите други се виновни за состојбата со дезинформациите, само не они и медиумите.
Истите тие, со години некритички и без проверка ги пренесуваа дезинформациите што ги лиферуваа политичарите, перејќи се дека они само го пренесуваат она што други го кажале.
За дезинформации што се ширеа по мрежите – сакате за Преспанскиот договор, за „францускиот предлог“, за пандемијата, за Украина…. не мрднаа ни со прст. Не било нивна работа. Пази молим те! Дури и планот за заедничка борба против дезинформациите што им го предложи претходната влада го дочекаа на нож, го отфрлија без да го простудираат, и дигнаа узбуна дека се напаѓа слободата на медиумите. Башка што, од друга страна, плукаа по факт-чекерите и проектите за борба против дезинформациите.
Не, драги мои. Ваша работа е да се бавите со раскринкување на дезинформациите, а не да перете раце од одговорноста. Оти, не расте само недовербата во институциите и политиката, туку и во вас (нас), медиумите и новинарите. Тоа го покажуваат повеќе истражувања и релевантни анкети кај нас, со години. Но ај што не ги објавувате тие алармантни бројки, туку ниту ги читате тие извештаи.
Секаде во светот, на чело на борбата против дезинформациите се најугледните медиуми, кои имаат цели факт-чекинг оддели и ревносно ги проверуваат вестите, изјавите на политичарите, но и сопствените содржини. Вашингтон пост, Њујорк Тајмс, Ројтерс, Асошиејтед прес, Франс прес…сфатиле со време дека борбата против дезинформациите е пред сè нивна борба.
Зошто? Затоа што, ако публиката не им верува на медиумите туку на разно-разни инфлуенсери, подкастери и сештолози на социјалните медиуми, тие ќе останат без публика. Ако останат без публика, ќе останат и без огласувачи и пари. Ќе треба да стават клуч на врата и да затворат дуќаните.
Затоа, не се однесувајте како ноеви, извадете главите од песокот, и почнете да се бавите со барање на вистината. Секако, најпрвин со барање на одговорност од институциите и политиката, од образованието кое не гради критички настроени граѓани, но и во своите редови.
—
Авторот е претседател на Институтот за медиуми и аналитика ИМА








