Пишува: ПЕТРИТ САРАЧИНИ
Со години, независните медиуми и новинари во Србија се соочуваат со силен притисок од властите на Вучиќ, кои ја загушуваат слободата на медиумите и го стеснуваат просторот за општествена критика и дебата.
Симбол на таа медиумска слободна мисла повеќе години е Зоран Кесиќ, со емисијата „24 минута“ и неговиот оригинален сатиричен пристап. Неговото шоу не е само меѓу најгледаните во Србија, туку има обожаватели насекаде во регионот – во Босна и Херцеговина, Хрватска, Словенија, Црна Гора, Косово, Македонија…
За жал, како што напиша самиот, неговата емисија, две недели пред закажаниот почеток на емитување на новата сезона на српската ТВ Нова, се соочува со молк од новите сопственици од Португалија, кои не го вратиле назад потпишаниот договор за кој претходно преговарале и изразиле согласност.
Не е тешко да се претпостави кој стои зад обидите да се замолчи Кесиќ, но, знаејќи го, тоа ќе биде ѓаволски тешко, да не речам – невозможно.
Поддршка за (веќе) легендата на новинарската сатира и за сите колеги во Србија кои со години пружаат отпор на авторитарната власт. Им посакувам што побргу да имаат можност да творат и информираат слободно, а нам, кои веќе ги вкусивме ваквите состојби, да не нѝ се вратат повторно!
—
Авторот е претседател на Институтот за медиуми и аналитика ИМА








