Пишува: ПЕТРИТ САРАЧИНИ
Повеќе од една деценија, неколкумина индивидуалци, истражувачи и организации во земјава, зборувавме за организирано присуство на руската пропаганда и дезинформации во земјава и нивното штетно влијание врз безбедноста, довербата во институциите, нарушувањето на меѓуетничките односи, минирањето на евроатлантските интеграции, ширењето омраза и поттикнувањето насилство…
Напишавме десетици извештаи, стотици текстови во кои разоткривавме оркестрирано ширење дезинформации, посочувавме конкретни актери…
Резултатот најчесто беше – игнорирање, потсмевање, а честопати и напади врз нас што предупредувавме – не само од оние што ја сакаат Русија повеќе од сопствената земја и нејзиниот напредок кон Европа, туку и од многу луѓе во медиумите, институциите и јавноста.
Денес сите, па и оние што се потсмеваа и игнорираа, известуваат за акцијата на АНБ за откривањето на руската пропагандна мрежа преку која се сторени серија кривични дела. Многумина не од што сакаат, туку затоа што мораат.
За нас неколкумина што со години зборувавме за ова додека не игнорираа, нѝ се потсмеваа и не напаѓаа – ете, една лична сатисфакција, после деценија и повеќе оцрнувања, плукања и шиканирања, а да не зборуваме за изгубеното време за земјата и направената штета.
Значи, сепак имало руски пропагандни и дезинформациски мрежи во Македонија. И ова клопче, конечно, почнува да се одмотува. Да видиме дали институциите ќе имаат храброст, упорност и доследност, неселективно и темелно – да го одмотаат до крај!
Авторот е претседател на Институтот за медиуми и аналитика ИМА








