(ВИДЕО) Трајаноски: На изборите победија наративите против „францускиот предлог“ на ЕУ

Медиумите главно некритички ги пренесуваа политичките наративи поврзани со евроинтеграциите, без да поставуваат прашања, без да ги идентификуваат неконзистентностите, политичките манипулации и дезинформации во нив, и тоа е тренд кој што го гледаме во последните неколку години, укажа Жарко Трајаноски, раководител на истражувања во Институтот за медиуми и аналитика ИМА, на панел-дискусијата за медиумското известување за евроинтеграциите пред и по изборите.

„Она што мониторингот на ИМА го заклучува во оваа изборна година, во првата половина, е дека продолжува тој тренд на политички наративи против „францускиот предлог“, против „бугаризацијата“, против „бугарскиот диктат“, меѓутоа и против преговарачката рамка и официјалните позиции, коишто се сега актуелни, на Европската унија. Практично, тие политички наративи победија, затоа што беа главно зајакнувани од медиумите, додека овие другите политички наративи коишто сметаа дека тоа бил нужен и добар компромис, дека преговорите се отворени, дека треба да продолжиме напред, тие наративи политички ја изгубија битката“, истакна Трајаноски.

Според него, и во 2024 година, како во претходните две години, во медиумскиот простор можеа да се детектираат манипулативни и пропагандни наративи, коишто испраќаат застрашувачки, загрозувачки пораки упатени главно кон етничките Македонци – дека „францускиот предлог“ и предложените уставни измени се „бугарски диктат“ и дека предизвикуваат „бугаризација“, дека го загрозуваат опстанокот на Македонците, македонскиот народ, македонскиот јазик, македонскиот идентитет, македонската историја како и опстанокот на државата.

„Значи, победија наративи против „францускиот предлог“, против преговарачката рамка, против актуелните позиции на ЕУ. На власт дојдоа политички сили кои водеа манипулативна, негативна, оцрнувачка кампања против официјалните позиции на ЕУ, и тие истите поставија како клучна стратегиска цел на идната влада, Македонија да биде полноправна членка на ЕУ“, заклучи Трајаноски.

Покрај Трајаноски, на панел дискусијата на ИМА говореа и Слободанка Јовановска – истакната новинарка и уредник на надворешна политика во „Независен весник“, и универзитетскиот професор Сефер Тахири, кои ги претставија клучните наоди од нивните анализи за медиумското известување на оваа тема.

Мила Стаменова Бурнс