(ВИДЕО) Тахири: Медиумите на албански јазик со порака дека нема друга алтернатива освен членството во ЕУ

 

За разлика од медиумите на македонски јазик, каде беше присутен наративот кој го проблематизира и поистоветува процесот на интеграција во Европската унија со „бугарски диктат“, кај медиумите на албански јазик немаше такви дилеми, истакна професорот Сефер Тахири, на панел-дискусијата на Институтот за медиуми и аналитика ИМА посветена на медиумското известување за евроинтеграциите пред и по изборите.

„Тоа е така бидејќи главниот фокус, или главната интенција на политичките партии, на медиумите, на аналитичарите, на невладините организации, коишто дејствуваат, условно кажано, во албанскиот етнички простор, е дека земјата мора да се интегрира во ЕУ и дека нема друга алтернатива…Притоа, не осврнувајќи се на суштинските прашања коишто се поврзани со реформите, со судство, јавна администрација, борба против корупција и организиран криминал, слобода на медиуми и ред други прашања коишто се многу битни, а коишто државата не успева, односно, институциите, системот, не успева да ги спроведува“ објаснува Тахири.

Професорот посочи дека сите овие години, медиумите на албански јазик имаат неутрален однос кон прашањето со Бугарија. „Можам да констатирам и во поширок контекст дека медиумите на албански јазик сите овие години имаа, објективен, балансиран, неутрален однос кон прашањето, особено со Бугарија, бидејќи се свесни дека тоа е поврзано со идентитетот, односно етно-културните аспекти на самобитноста на македонскиот народ, и дека тоа е чувствително прашање.“ рече Тахири.

Покрај професорот Тахири, на панел дискусијата на ИМА говореа и Слободанка Јовановска – истакната новинарка и уредник на надворешна политика во „Независен весник“, и Жарко Трајаноски – раководител на истражувања во ИМА, кои ги претставија клучните наоди од нивните анализи за медиумското известување за евроинтегративниот процес на земјава.

Мила Стаменова Бурнс