(ВИДЕО) Шкријељ во ,,Интеркултура”: Не смееме да дозволиме уназадување во битката за родова еднаквост

Во првата епизода на шорткастот „Интеркултура” со Роберт Алаѓозовски, гостинка е Санела Шкријељ, активистка и поранешна пратеничка, позната по својата борба за родова еднаквост.

На темата на родова еднаквост, Шкријељ истакна дека се уште имаме многу проблеми, но тоа не е само домашен туку и глобален проблем. Сепак, не треба да се потценува сето она што е постигнато во борбата за родова еднаквост и правата на жените. Иако понекогаш сме имале стагнација, не смееме да дозволиме да ни се случува уназадување на законската рамка, како во случајот со предлог измените во образованието за бришење на терминот ,,родова еднаквост”.

,,Тоа е една многу опасна политичка порака дека едноставно државата вели дека има одредени групи на деца, на млади лица кои што и да бидат дискриминирани, и да бидат изложени на булинг и на насилство, а многу често се, дека тоа е во ред. Дека државата нема да ги заштити.” објаснува Шкријељ.

Алаѓозовки и Шкријељ зборуваат и за новата предлог мерка за поместување на старосната граница за пензионирање на 67 години и за жените, како еден резултат од обидите за унапредување на родовата еднаквост.

Според Шкријељ, пред да размислуваме за таква мерка, првин треба државата да обезбеди достоинствени и добро платени места, пораст на минималната плата, еднакви можности за жените на пазарот на труд, како и повторен обид да се продолжи процесот на стабилизација на ПИОМ од 2017 година, кој застана кога почнаа да се воведуваат неодговорни политики како линеарното зголемување на пензиите.
,,Не можеме ние лошите политики на неодговорни политичари кои што ПИОМ го довеле во таква состојба, да ги решаваме со тоа што повторно ќе удриме по грбот на работниците. Не можеме да имаме најниски плати во регионот, а да имаме највисока старосна граница за пензионирање” истакна Шкријељ.

Во овој разговор Алаѓозовски и Шкријељ се осврнуваат и на улогата и работата на Собранието, интер-парламентарните групи и комитетот за односи на заедниците, како и одговорноста на политичарите за разгорување на меѓуетничките тензии во земјата.
Слушнете повеќе на овие теми во видео шорткастот ,,Интеркултура”.