Пировска во „Што има ново?“: Родовата дискриминација повторно во фокус на борбата за човекови права

 

Во четвртата епизода на шорткастот „Што има ново?“ на Институтот за медиуми и аналитика ИМА, гостинка е Уранија Пировска, извршна директорка на Хелсиншкиот комитет за човекови права, кој годинава одбележува 30 години од постоењето и е една од најстарите и најангажираните организации во борбата за човековите права во земјата.

Според Пировска, дискриминација врз основа на род е повторно еден од најгорливите проблеми во однос на прекршувањето на човековите права.

„Очигледно е дека и понатаму ќе се бавиме со прашањата, со коишто се бавевме и пред 2017 година…значи, прашањата врзани со дискриминација, сексуална ориентација, родов идентитет. Некои работи успеавме од 2017 до 2021 да надминеме. Успеавме да ја ратификуваме Истанбулската конвенција, да донесеме закон за родово базирано насилство, да одржиме 5 паради на гордоста. Меѓутоа, остана Законот за родова еднаквост сè уште да не биде донесен и, притоа, да се соочуваме со проблем со трансродовите луѓе, бидејќи сè уште во Законот за матична евиденција не е сменет делот кој се однесува на родот. Значи, родовите прашања, дискриминација по однос на род, мислам дека сè уште ќе бидат во нашиот фокус“, вели Пировска.

Во таа смисла, Пировска го коментираше и последниот предлог на Министерството за образование и наука за измени на Законот за основно образование, со кои се бришат поимите род, родов идентитет и сексуална ориентација како основи за дискриминација. „Законот, образованието кај нас е една од работите коишто сериозно нè загрижува, бидејќи сите стереотипи и предрасуди со коишто се стекнуваат децата и, понатаму, нели, возрасните луѓе, токму почиваат во основите на нивното, да речам, растење и постоење, тоа е образованието“, истакна Пировска.

Таа зборуваше и за борбата против родово базираното насилство и семејното насилство, на која Хелсиншкиот комитет работи години наназад, нудејќи бесплатна правна помош и заштита. Во 2025 година, Хелсиншкиот комитет ќе отвори трета интерактивна платформа на која ќе се регистрираат фемицидите и ќе може да се видат сите детали за случаите, сторителите и околностите. „Мислам дека ќе придонесе и за подигање на свеста на луѓето, бидејќи Македонија е многу мала земја, меѓутоа има голем број на фемициди. И, она што е поразително е дека во речиси секој случај на фемицид ние сме констатирале дека оние што првично требале да проценат дека може да се случи убиство на жената, не ги преземале тие мерки што им стоеле на располагање. Тука најчесто станува збор за пропусти сторени од страна на Министерството за внатрешни работи и Министерството за труд и социјална политика“, потенцира Пировска.

Во однос на заштитата на жртвите од говор на омраза, Пировска нагласи дека тоа е многу сериозен проблем. „За жал во Македонија има само 5 пресуди за говор на омраза, што е смешна бројка, ако се има предвид дека секојдневно сме сведоци на говор на омраза којшто се шири по сите социјални медиуми…Не можам да кажам дека постои незнаење од страна на оние коишто треба да одлучуваат за тие дела. Но мислам дека како да не постои волја и како да не се перцепира колку овој феномен е всушност погубен. Заради тоа што, знаете, говорот на омраза продуцира дела од омраза“, објаснува Пировска.

Според податоците од двете платформи на Хелсиншкиот комитет на коишто се регистрираат говорот на омраза, инцидентите и кривичните дела од омраза, може да се заклучи дека најголем дел од сторителите и жртвите се младите луѓе, а најмногу случаи на говор на омраза се врз основа на етничка припадност. „Тоа значи дека неспречувањето на говорот на омраза само го продлабочува јазот, и највеќе помеѓу младите луѓе од двете најголеми етнички заедници во Република Северна Македонија, македонската и албанската“, смета Пировска.

Во разговорот, таа се осврна и на добитниците на овогодинешната награда за човекови права „Мето Јовановски“, Центарот за граѓански комуникации и Лила Милиќ од граѓанската организација „Трансформа“. „И ние во Хелсиншкиот комитет многу се гордееме што таа наша иницијатива на некој начин ги охрабрува граѓаните дека треба да се борат за човековите права, дека треба да се борат не само за своите права, туку да се борат за правата на секој поединец во ова општество“, нагласи Пировска во шорткастот „Што има ново?“.