Социјалните мрежи, интернет порталите и говорот на омраза

 

Пишува: СЛАВИЦА АНАСТАСОВСКА

1. Вовед

Во денешниот дигитален свет, социјалните медиуми играат централна улога во креирањето, дистрибуцијата и консумирањето на информации. Сепак, оваа дигитална револуција донесе и сериозни предизвици, особено во контекст на регулирањето на содржините што се објавуваат онлајн. Прашањата за одговорноста на платформите за кориснички содржини се сè поактуелни, бидејќи социјалните медиуми стануваат главно бојно поле за ширење дезинформации, говор на омраза и други форми на злоупотреба.

Во контекст на младите, кои се меѓу најактивните корисници на социјалните мрежи, прашањето за медиумската писменост е клучно. Истражувањата покажуваат дека младите се ранливи на дезинформации и говор на омраза, што укажува на потребата од поголема едукација за критичко размислување и одговорно користење на дигиталните платформи. Исто така, постојат и глобални иницијативи за регулација на онлајн содржините, како што се Европскиот акт за дигитални услуги (DSA) и други меѓународни и регионални политики, кои имаат за цел да создадат баланс меѓу слободата на изразување и заштитата од злоупотреби.

Во 2024 година, Хелсиншки комитет спроведе истражување поврзано со дигиталните права – Процена на знаење, вештини и ставови кај средношколците[i], во кое 49% од испитаниците посочиле дека не добиле формално образование за медиумска писменост, 19,5% од испитаниците посочиле дека не се запознаени со механизмите што постојат за известување и борбата против лажни вести и дезинформации на одредени онлајн платформи, а 60% од испитаниците сметаат дека образованието за медиумска писменост треба да биде задолжителен дел од училишната програма.

Сепак, во една лавина од информации и размени во онлајн просторот и на социјалните мрежи, покрај говорот на омраза кој се шири преку објавите од приватните профили, интернет порталите подзабораваат за обврската за модерирање на коментарите кои преставуваат ширење на говор на омраза, омаловажување и повикување на насилство кон одредени групи.

Пресудата на Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) во случајот “Делфи АС против Естонија” од 2015 година е преседан кој ја отвори оваа дискусија, поставувајќи го прашањето: До кој степен треба да бидат одговорни интернет порталите за содржината што ја објавуваат нивните корисници?

2. Методологија

Оваа анализа се стреми да даде критички преглед на состојбите во интернет просторот, со особен акцент на дискурсот на социјалните медиуми и со главен фокус на говорот на омраза кој е пропуштен да биде модериран од страна на интернет порталите.

Според податоците од веб-платформата на Хелсиншкиот комитет за регистрирање говор на омраза, www.govornaomraza.mk, во периодот од 1 јануари до 30 октомври 2024 година се регистрирани вкупно 1.171 случаи. Најчести форми на говор на омраза и оваа година се однесуваат на етничката и националната припадност, додека веднаш по нив следи говорот на омраза насочен кон ЛГБТИК лицата.

Анализата истакнува дека модерирањето на објавите и коментарите кои стануваат вирални претставува значителен предизвик за онлајн платформите, но тие претставуваат и прекршувања од креаторите на содржините. Од тие причини, текстот се концентрира конкретни примери од праксата на прекршувањата што се случуваат во оваа сфера, посебно на темите што предизвикуваат предрасуди и генерираат говор на омраза, кој е видлив во коментарите на социјалните мрежи.

3. Тековни трендови и примери на говор на омраза на интернет

Од работењето на Хелсиншки комитет и од случаите регистрирани оваа година утврдени се трендови поврзани со општествено-политичкиот систем. Од јануари до oктомври 2024 година, говорот на омраза во Северна Македонија значително се зголеми, особено врз основа на етничка, политичка и сексуална ориентација.

Предизборниот период донесе интензивирање на етничките тензии, а говорот на омраза беше поттикнат и од етно-националистички изјави на политичките лидери. ЛГБТИ заедницата беше изложена на хомофобични напади, особено за време на месецот на гордоста – јуни. Забележани се и закани и навредливи коментари на социјалните мрежи, често насочени кон жени, трансродови и интерсекс лица. Епизоди на меѓуетничкиот говор на омраза беа дополнително поттикнати од неколку инциденти, како на пример замената на знамето на Голем Кораб и скршената спомен-плоча на Карпалак, или последните инциденти со знамињата на крајот на ноември.

Хелсиншкиот комитет редовно реагираше со поднесување кривични пријави против лица кои ширеа омраза преку интернет и повикуваа на насилство. Сепак, социјалните мрежи останаа главен извор за ширење дезинформации и поттикнување омраза, и дополнително ја потврдија присутноста на стигматизацијата и дискриминацијата во општеството.

4. Случаи регистрирани на платформата www.govornaomraza.mk

4.1 Поттикнување на меѓуетничка омраза и насилство во коментари на социјални мрежи

Наслов: Само еден ден по одбележувањето на 23-годишнината, искршена плочата на паднатите бранители кај Карпалак (видео) [ii]

На 10 август 2024 година, на социјалната мрежа Фејсбук од страна на порталот Маркукуле.мк беше објавена вест за оштетување на спомен-плочата на бранителите кај Карпалак. Под оваа вест забележани се коментари со говор на омраза и поттикнување на насилство врз етничка припадност.

 

 

 

4.2. Поттикнување говор на омраза врз основа на сексуална ориентација и родов идентитет преку дезинформации и сензационализам

Наслов: Биолошки маж боксуваше со жена на Олимписките игри во Париз: Италијанката со солзи во очите го предаде мечот после 45 секунди борба[iii]

На 1 август 2024 година, порталот Маркукуле.мк објави содржина со сензационалистички наслов „Биолошки маж боксуваше со жена на Олимписките игри во Париз: Италијанката со солзи во очите го предаде мечот после 45 секунди борба“. Објавената содржина на социјалните мрежи за победата на алжирската боксерка Иман Хелиф, за која во медиумите излегоа непотврдени информации дека е интерсекс лице, во коментарите на читателите предизвика говор на омраза и вознемирувачки говор врз основа на сексуална ориентација и родов идентитет, поттикнат од самиот наслов. 

 

 

4.3 Говор на омраза поврзан со Парадата на гордоста

Наслов: ,,Спектакуларни непослушни!”-Парада на гордоста во Скопје[iv]

Пред и по Парадата на гордоста, која се одржа во Скопје на 22 јуни 2024 година, беше забележан вирален говор на омраза на социјалните мрежи, кој содржеше загрозување на сигурноста, закани, повикување на насилство и вознемирување кон ЛГБТИ заедницата. На пример, под објавата на порталот А1 он со наслов „Под мотото ,,Спектакуларни непослушни!” Денеска во Скопје петтата Парада на гордоста“, забележани беа над 1000 негативни коментари со омраза, навреди, омаловажување, поттикнување на насилство и закани кон ЛГБТИК заедницата.

Хелсиншкиот комитет поднесе кривична пријава против 9 лица за коментари на социјалната мрежа Фејсбук за Загрозување на сигурноста (член 144 ст.5 од КЗ) в.в со Ширење ксенофобичен и расистички говор преку компјутерски систем  (член 394г од КЗ).

 

4.4 Одобрување на родово базирано и семејно насилство во коментари на социјалните мрежи

Наслов: Трагедија во Словенија-Прилепчанец застрелал жена па сам си пресудил [v]

На 25 септември 2024 година, порталот Маркукуле.мк на Фејсбук сподели вест за извршен фемицид во Словенија од страна на македонски државјанин. Под оваа објава беа забележани коментари што се во насока на одобрување на фемицид и родово базирано насилство.

Ваквите коментари прават штета која, најпрво, поради охрабрување на насилството и недостатокот на јасна осуда од јавноста, дополнително ги одвраќа жртвите кои трпат насилство да се спротистават и да го пријават насилството.

5. Извештај на КСЗД: Најмногу предмети за дискриминација во јавното информирање и медиумите

Комисијата за спречување и заштита од дискриминација во Република Северна Македонија (КСЗД) е независно тело, кое има за цел да обезбеди еднаквост и заштита на сите граѓани од каква било форма на дискриминација. Формирана врз основа на Законот за спречување и заштита од дискриминација, оваа Комисија има мандат да разгледува поплаки од граѓаните, да спроведува истраги, да предлага мерки за подобрување на состојбите и да подигнува јавна свест за значењето на еднаквоста и човековите права. Комисијата исто така игра клучна улога во мониторирање и постапување по поплаки и за вознемирување во јавното информирање и на социјалните медиуми.

Во годишниот извештај на Комисијата[vi]  констатирано е дека најмногу предмети за заштита од дискриминација пристигнати во 2023 година биле во областа на јавно информирање и медиуми (48,18%). Во однос на случаите на утврдена дискриминација во областа на јавното информирање и медиумите, 13 од нив (72%) се однесуваат на вознемирувачки и/или говор со кој се предизвикува повикување, поттикнување и инструкција за дискриминација на интернет просторот. Од другите, три случаи се за објавени содржини на интернет-портали и два се за изјави со вознемирувачка содржина врз дискриминаторска основа дадени на ТВ емисија.

Како дискриминаторски основи најчесто се утврдени сексуална ориентација (61,11%), родов идентитет (61,11%), национална или етничка припадност (27,78%) и припадност на маргинализирана група (22,22%).

6. Одговорност за коментари на интернет од страна на трети лица – пракса на Европскиот суд за човекови права

Пресудата на Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) во случајот “Делфи АС против Естонија”[vii] (2015) поставува преседан во однос на регулирањето на одговорноста на интернет порталите за коментари објавени од трети лица.

Случајот се однесува на еден од најголемите интернет портали за вести во Естонија, кој овозможувал коментари на објавените статии без претходно уредување. По објавување на статија што предизвикала навредливи и омаловажувачки коментари, ЕСЧП потврди дека порталот имал одговорност за содржината. Судот оцени дека подносителот на жалбеното барање можел да ги предвиди негативните реакции и требало да преземе мерки за нивно спречување, посочувајќи дека слободата на говорот не ја вклучува заштитата на говорот на омраза или поттикнување на насилство. Во одлуката се нагласува дека порталите кои имаат контрола врз објавената содржина, мора да воспостават ефикасни механизми за заштита на репутацијата и правата на другите. ЕСЧП заклучи дека вмешувањето во слободата на говорот било пропорционално, легитимно и во согласност со законските ограничувања за заштита на правата на другите, истакнувајќи ја потребата од баланс помеѓу слободата на говор и правото на приватност.

Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) подвлекува дека слободата на говорот не е апсолутна и дека заштитата на правата на другите, вклучително и репутацијата, мора да биде осигурана. Ова ја наметнува обврската на интернет порталите да преземат проактивни мерки за мониторинг и отстранување на незаконска содржина, особено кога имаат значајна контрола врз содржината на своите платформи.

7. Препораки

Од изнесените наоди и примери во оваа анализа, може да се извлечат следниве препораки:   

  1. Онлајн медиумите, односно интернет порталите треба да ги ажурираат редовно своите политики и практики за да се усогласат со законските обврски и меѓународните стандарди за заштита на човековите права, кои важат и за нивните објави, како и за коментарите на читателите на нивните страници на социјалните мрежи;
  2. Освен законските обврски, интернет порталите се должни да ги почитуваат и етичките правила и механизмите за саморегулација, како што се Кодексот на новинарите и Насоките за етичко известување на онлајн медиумите, кои ги обврзуваат  на редовно прегледување и брзо отстранување на коментарите на корисниците објавени под содржините на веб страниците или на социјалните мрежи, а коишто содржат говор на омраза и имаат потенцијал да предизвикаат штетни последици во општеството;
  3. Онлајн медиумите/порталите треба да воспостават јасни правила за коментари и да применуваат ефикасни механизми за модерација, вклучително автоматско филтрирање на навредливи зборови и ангажирање на модератори за надзор на содржината.

 (Авторката е правна советничка и проектна координаторка во Хелсиншки комитет за човекови права)

 

Референци:

[i] Л.Пецова-Илиевска, Анализа на резултатите од истражувањето поврзано со дигиталните права – Процена на знаење, вештини и ставови кај средношколците, 2024 , достапно на: https://mhc.org.mk/analyzes/analiza-na-rezultatite-od-istrazhuvanje-povrzano-so-digitalnite-prava-procena-na-znaenje-veshtini-i-stavovi-kaj-srednoshkolcite/

[ii] Објава на порталот Маркукуле на социјалната мрежа Фејсбук, достапна на: https://www.facebook.com/markukule/posts/pfbid02rUuYijzFSGpnx6jXhmgEhkD3F9V8ncXbCZGQgWELXUBmGnhCwM88YE59DwCpMC8Bl

[iii] Објава на порталот Маркукуле на социјалната мрежа Фејсбук, достапна на: https://www.facebook.com/markukule/posts/pfbid02sB6WA66DEXV3eAYpqwqQBGVrzFJrQDZpgKUMvUcKS3q6FVsxW6C4os76UHyK5J4Ql

[iv] Објава на порталот А1ОН на социјалната мрежа Фејсбук, достапна на: https://www.facebook.com/story.php?story_fbid=7699136806828516&id=281596268582644&rdid=c3rC074fVmDJmGob

[v] Објава на порталот Маркукуле на социјалната мрежа Фејсбук, достапна на: https://www.facebook.com/markukule/posts/pfbid02K4DAbWAZFAHLAw5j6rHSJH3uPVgdi6wB1qMvNAuD7nLQQkv33drTSANvVKYAi8Mul

[vi] Извештај од Комисија за спречување и заштита од дискриминација, 2023, достапен на: https://kszd.mk/wp-content/uploads/2024/05/%D0%93%D0%BE%D0%B4%D0%B8%D1%88%D0%B5%D0%BD-%D0%B8%D0%B7%D0%B2%D0%B5%D1%88%D1%82%D0%B0%D1%98-%D0%BD%D0%B0-%D0%9A%D0%A1%D0%97%D0%94-%D0%B7%D0%B0-2023-%D0%B3%D0%BE%D0%B4%D0%B8%D0%BD%D0%B0.pdf

[vii] Европски суд за човекови права, Пресуда ,,Делфи АС против Естонија“, достапна на: https://hudoc.echr.coe.int/eng#{%22itemid%22:[%22001-155105%22]}

—

Институтот за медиуми и аналитика ИМА не се согласува секогаш со ставовите изнесени во авторските текстови, мислења и анализи, но го цени високо придонесот на секој автор и придонесот на медиумските експерти за развој на аргументирана дебата со различни гледишта, со цел да да се унапреди состојбата со плурализмот во медиумскиот простор во Северна Македонија.