На панел – дискусијата на ИМА „Справување со дезинформациите на социјалните мрежи – предизвици и перспективи“, д-р Снежана Трпевска од Институтот РЕСИС зборуваше за пакетот регулативи на ЕУ усвоени во 2023 и 2024, кои предвидуваат строги правила за онлајн платформите со голем број корисници, дел од кои се однесуваат и на ширењето дезинформации, мисинформации и други штетни содржини.
Во дискусијата, Трпевска се осврна на најважните аспекти на регулативите на ЕУ и нивната примена и ја објасни поподробно улогата на доверливите означувачи и телата што треба да ги сертифицираат. Трпевска објасни дека е мал бројот на доверливи означувачи кои се сертифицирани и во земјите членки на ЕУ, и посочи дека самите држави треба да обезбедат поддршка за организациите кои помагаат во означувањето и откривањето на дезинформациите и другите штетни содржини.
„И после една година имплементација на Регулативата за дигитални услуги, сè уште не е доволно јасна и има многу недостатоци, особено во поглед на тоа како може и како треба да функционира овој замислен заштитен механизам во областа на дезинформациите. Зошто е листата сè уште куса? Се смета дека прво постапката за назначување на дигитални координатори многу бавно се одвиваше и во самите земји членки на Европската комисија…Натаму, организациите кои имаат експертиза и кои работат како доверливи означувачи имаат ограничени ресурси. Трето, потребна е независност на тие организации од платформите, а некои од таквите мониторинг системи добиваат и финансиска поддршка од големите платформи како што се Мета, ТикТок Гугл и други. И на ниво на држава постои отсуство на поддршка. Значи, самите држави членки ќе треба да им дадат поддршка на таквите организации. Значи, во случајов, кога би ја имплементирале ние Регулативата за дигитални услуги, нашата држава треба да се потруди да обезбеди средства за да имаме ние такви организации кои ќе помогнат во разоткривањето на дезинформациите“, посочи Трпевска.
Таа истакна дека новиот начин на којшто функционира консумирањето на информациите денес е огромен проблем, за кој е потребен комплексен општествен одговор за заштита на корисниците и општеството во целина од бројните негативни последици од дезинформациите и другите штетни онлајн содржини.
„Темелен проблем е што така функционира восприемањето на информациите, да ние добиваме само парченца, фрагменти од информации. Ретко се задржува некој да прочита целосна информација и тоа прави навистина голем проблем – во начинот на кој тие што ги примаат информациите, вклучително и мисинформациите, лажните вести итн., начинот на кој ги толкуваат…Постојано се повикува дека мораме како општество да се организираме, како општествена заедница, со методи како што е медиумската писменост, јакнење на образованието, меѓутоа, не ни одат во прилог многу работи. Бидејќи с помалку се чита, сè потешко е тоа и во образовниот процес, итн“, објасни Трпевска.
Во оваа дискусија учествуваа и м-р Емилија Петреска Камењарова – Агенција за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ), Светлана Сиљјаноска – консултантка за стратешки комуникации и справување со дезинформации и Филип Стојановски – Фондација Метаморфoзис, а модератор на панелот беше Петрит Сарачини, претседател на Институтот за медиуми и аналитика ИМА.
Мила Стаменова Бурнс








