Во вториот дел од разговорот со Роберт Алаѓозовски во шорткастот на ИМА „Интеркултура”, министерот за интеграција и имплементација на Стратегијата за инклузија на Ромите 2022-2030, д-р Шабан Салиу зборуваше за повеќе важни теми од општествено-политичкиот живот на ромската заедница во Северна Македонија. Меѓу другото, тој се осврна на функционирањето на политичките партии на Ромите и изборниот модел, работата на невладините организации, малата застапеност на Ромите во државната администрација, како и начините за надминување на сиромаштијата, невработеноста и подобрување на интеграцијата на Ромите во општеството.
Салиу смета дека преголемиот број на политички партии и невладини организации не значи и поефикасно работење во интерес на ромската заедница.
„Што се однесува до политичките партии, тоа е погубно за ромската заедница, зашто во нашата држава има шест изборни единици. Самиот изборен модел не нѝ дава можности да поминеме сами. Така, уште поделени во повеќе политички партии, уште полоши. Значи, шесте изборни единици – Ромите живеат низ целата Република Македонија, за разлика од албанскиот политички електорат, кој е во едно место, односно, Западна Македонија, повеќето, вклучувајќи го и Скопје, кај нив е и можноста, они се и повеќе по бројност во државата застапени како граѓани, кај нив тој проблем го нема“, дециден е тој.
Салиу апелира ромските невладини организации да ги трошат наменски доделените срeдства, затоа што за разлика од политичарите кои главно обезбедуваат стратешки решенија, тие се оние што реално имплементираат проекти.
„Не значи многу невладини организации и добро за ромската заедница. Битно е ромските невладини организации кои ги имплементираат, спроведуваат тие проекти, да се наменски, да не кажам 100%, нека се и 80%, од паричните средства кои им се доделени во тие проекти, да се имплементираат директно, од кои бенефит ќе има самото ромско население, ромската заедница. Има доста извори, има и одредена анкета, слушам, и некој инспектор од Европската комисија бил тука, спроведувал некои истражувања во поглед на како се спроведуваат проектите од невладините организации од кои слушам дека е ужаснат како е, односно, не се спроведуваат во практиката“, вели тој.
Министерот Салиу не е задоволен од застапеноста на Ромите во државната администрација.
„Правам контакти веќе со сите министерства, и помеѓу останатото разговарав и со едно министерство, еве да посочам, некаде има 3-4 илјади вработени таму. Таму нема ниту еден Ром вработен. Значи, тоа не е во ред. Секое Министерство нека ги отвори вратите за ромската заедница и нека си има предвид она што се бара, да има висока стручна спрема и оспособени за тие работни места, да се вработат Роми. Плаќаме ние, како што кажав, одредени даноци и така натака, меѓутоа ништо не се враќа за ромската заедница. Не е доволно, на пример, Министерството за култура, кое знам постојано финансира некои трубачи во Куманово, некоја прослава налево, надесно, ништо нема, постојани, со системски, трајни решенија, проекти, да се подобри животот на ромската заедница, да се влијае на свеста на младите во поглед како во иднина да го чекорат патот кон подобрување и интеграција на ромската заедница. Виновни не се само Ромите за состојбата во која се наоѓаме, и државата има повеќе вина од самата ромска заедница“, категоричен е Салиу.
„Имаме питачи по улиците, оние што се борат за корка леб, потоа има висок степен на сиромаштија, како што наведовме, не сакам да обвинам ниедна влада, меѓутоа сите влади, недоволнo…направиле, али недоволно направиле, процентуално за подобрување, генерално, на животот на ромската заедница. Познати сме по односот, мирољубиви сме, пацифисти, на никому ништо во животот штета не му направивме, напротив овие краишта ги населивме уште пред илјада години, со песна, музика, донесени занаети од нашата прататковина Индија. Како и да е, без поддршка на државата, ние не можеме да се движиме напред“, потенцира Салиу.
Тој смета дека пасивното користење на социјалната помош не е добра опција ниту за ромската заедница ниту за државата, бидејќи со тоа се прави одново штета, наместо да се постапува превентивно и Ромите да се вработуваат со што и ќе се интегрираат подобро. „Штетата од ресоцијализација е далеку поголема. Јас викам еден спрема седум“, заклучува Салиу.
Погледајте и слушнете го и вториот дел од разговорот на Роберт Алаѓозовски со министерот Шабан Салиу во видео шорткастот на ИМА „Интеркултура”.








