Јовановиќ: КСП Центар-Јадро е круна на работата на независната културна сцена и успешната соработка на уметниците со локалните власти

 

Во шорткастот „Интеркултура“ на ИМА, Роберт Алаѓозовски разговара со Ѓорѓе Јовановиќ, уметник и културен менаџер од КСП Центар-Јадро, за оваа јавна културна установа, која веќе 5 години работи на развој и одржување на независната културна сцена.

„Ми се чини дека е тоа една мала круна на работата на независната култура сцена низ изминатите. па повеќе од 20 години. Практично, Центар-Јадро ги обединува интересите на независната култура сцена. Се создава еден простор каде што актерите од независната културна сцена можат да ги создаваат своите програми. Но, Јадро оди и понатака, не е само фокусиран на оние членки на асоцијацијата“ истакна Јовановиќ.

Јадро е институција формирана по принципот на цивилно-јавно партнерство и како прва ваква хибридна институција, значително се разликува од класичните институции од локалната и централната културна власт.

„Овој тип на институција се разликува прилично во однос на оние постоечките национални или локални установи, во повеќе насоки. Тоа не е само затоа што националните и локалните се формираат само како одлука на Владата или на локалната самоуправа. Во случајот на Јадро имаме два основачи. Од една страна е Јадро – Aсоцијацијата на независна културна сцена. Од друга страна е локалната самоуправа, во нашиот случај Општина Центар. Тие се два рамноправни партнери кои ја основаа оваа институција. И, ми се чини дека за разлика од националните и локалните установи, овој тип на установи има поголем демократичен капацитет во одлучувањето, во сите насоки“, објасни Јовановиќ.

Тој се осврна и на квалитетот на работата на Јадро како институција, која за релативно кратко време успеа да биде препознаена како релевантен и доверлив партнер за независната уметничка сцена.

„Настапивме многу искрено, многу отворено, во однос на тоа што сакавме да го спроведеме. Се трудиме да дадеме несебична поддршка во реализирањето на сите програми кои се случуваат во Јадро, без разлика дали се тоа и програми кои ние како тим ги создаваме, или се тоа програми кои нѝ доаѓаат како предлози од страна на поединци или групи од уметничката сцена. Низ годините исто така се трудевме да обезбедиме и финансиски средства за да може да пружиме помош на младите креативци, и не само младите креативци, да ги создаваат своите програми. Од друга страна е многу битно да се каже дека за разлика од останатите институции од областа на културата, луѓето што сакаат да го користат просторот на Јадро тоа го користат без парична надокнада“, образложи Јовановиќ.

Коментирајќи го позитивното искуство во соработката со Општина Центар, Јовановиќ се надева дека институцијата е доволно зрела и успешна за да го задржи интересот за соработка и при евентуална промена на локалните власти.

„Досегашното искуство во однос на општината и на комисијата за култура во која членуваат членови од партии и од левицата и од десницата, е навистина позитивно. Ми се чини дека на тоа локално ниво имаме еден прилично стабилен соговорник. Ја препознаваат нашата работа, ја гледаат искреноста на нашиот пристап, и до сега не сме имале проблем…Што и да се случи, мислам во смисла на, ете, некоја радикална промена на локално ниво, јас се надевам дека следните локални власти, не би размислувале во таа насока и би се кренале над ситуацијата, и би го перцепирале Јадро и тој формат на институции како нешто што излегува над тој тесно партиски интерес“, оценува тој.

Според Јовановиќ, еден од најголемите проблеми во развојот на културата во земјата е партизацијата со која се загрозува професионализмот.

„Тоа е еден исто друг голем проблем. Од осамостојувањето па до денес, ми се чини дека ако навистина сакаме да напредуваме како една земја, како една култура, моментот на партизација е можеби најпогубниот. Ние со децении веќе не можеме да научиме дека луѓето кои биваат поставени на високите функции во националните установи мора да бидат големи професионалци. Мислам, културата треба да оди надвор од она што е, нели, партиска поделба на колачот. Ако навистина сакаме, нели, една култура, една земја која создава навистина вредна култура, која ќе се развива и надградува во континуитет“, потенцираше тој.

Јовановиќ зборуваше и за проблемот со системот на финансирање на културата во земјата, овогодинешниот конкурс на Министерството за култура, важноста на обврската на јавните културни работници за создавање на сериозни културни политики и за споредбата на нашата културна сцена со европската и светската.

Погледајте и слушнете повеќе за овие теми во видео шорткастот „Интеркултура“.