Во вториот дел од шорткастот на ИМА „Интеркултура”, Роберт Алаѓозовски го продолжува разговорот со Апостол Симовски, експерт по демографија и поранешен директор на Државниот завод за статистика. Две крупни теми во овој дел од емисијата се пописот на населението во 2021 година и политичките контроверзи околу пописните резултати, како и развојните стратегии врз база на пописот и образовните политики во земјата.
За едно од најоспоруваните прашања во пописот: поделбата на резидентно и нерезидентно население, Симовски има јасен став дека е неприфатлива пресудата на Уставен суд, затоа што тоа е статистичка операција и Уставот во однос на неа никаде не се произнесува. Според него, тоа е стандард којшто го пропишуваат Обединетите нации и Евростат и на тоа е обврзана и земјата како потписник на соодветните резолуции и другите меѓународни акти во областа.
„Политика секогаш имала желба да ги злоупотреби информациите и податоците, особено од пописот и особено овој дел кога станува збор за етничката распределба на населението во Македонија. Меѓутоа проблемот е колку ќе им дозволите тоа да се случува, тоа е едната работа. Јас се надевам дека и сигурен сум во тоа, меѓутоа мислам дека успеавме како институција, комплетно да ги затвориме вратите на политиката, додека се спроведуваше пописот и целокупните активности врзани со пописот. Откако ќе ги дадете податоците на јавноста, понатаму веќе вие ја губите контролата кој како ги користи тие податоци. И тука имавме различни злоупотреби. Те ги спојуваа резидентно со нерезидентно население, па некој ги одвојуваше и слично. Оваа поделба на резидентно и нерезидентно население не ја измисли македонската статистика, ниту јас лично. Туку тоа е нешто што е стандард кој што го пропишуваат Обединетите нации, во нашиот случај Економската комисија за Европа и Евростат како заеднички продукт“, објаснува Симовски.
Симовски вели дека податоците од пописот треба да служат за креирање на развојни политики. Погрешните податоци може да доведат до погрешни проценки од страна на економијата, образованието и сите други гранки.
Според него, образованието е девастирано со погрешни политики сите овие 30 години. Експериментите со Болоња или Кембриџ не даваат квалитет затоа што погрешно се имплементираат. За него е посебно неприфатливо што секој нов министер, а нивната смена е честа, доаѓаат со нов концепт, закон или идеја, наместо да се изгради инклузивно еден, траен пристап.
„Не постои глуп човек. Може да има човек кој што научил или не е научил повеќе во живот. Колку ви нуди образованието, толку ќе научите… Каде е нашето образование? Каде се нашите универзитети, на пример? Дали ги има на Шангајската листа, или ги нема воопшто, а ги нема. Ако го нема главниот, најголемиот универзитет во земјата, можеме да замислиме каква е разликата на квалитетот на образование па во оние другите, приватните пред сè универзитети, кај што добар дел од нив за жал се, јас ги нарекувам, печатница на дипломи. И на крајот, штетата ја плаќаат самите млади луѓе. Тоа е сè на нивна штета заради тоа што системот ги прави недоволно писмени. Системот ги уништува“, категоричен е Симовски.
Погледајте ги во целост ставовите на Апостол Симовски за овие теми во вториот дел од видео шорткастот „Интеркултура”.








