Седиштето на ЦИВИЛ беше мета на упад меѓу 18 и 20 јуни, соопшти оваа граѓанска организација. Како што објавија од ЦИВИЛ, провалниците ја искршиле вратата на задниот влез во седиштето на организацијата, го онеспособиле алармот и двете камери и го земале интернет модемот. Очигледно, провалниците најмногу се интересирале за архивата на организацијата. Ги пребарувале документите во фасциклите со архивски материјали и финансиска документација. Направена е и видлива материјална штета.

Ова е трет поголем инцидент во последните пет години чија мета е ЦИВИЛ, потсетуваат од организацијата „Првиот инцидент се случи непосредно по крвавите настани на 27 април 2017 година, кога од седиштето на организацијата беа украдени шест лаптопи и хард дискови со електронска документација на организацијата. Во тој напад настрада и дел од физичката архива, а беа очигледни систематските прелистувања на белешките во нотесите и папките на тимот на организацијата. Вториот инцидент се случи на крајот на јуни, 2020 година, во екот на мониторингот на предвремените парламентарни избори. Тогаш, седиштето на ЦИВИЛ беше вандализирано, превртено беше паното со ознаки на организацијата во дворот, а врз него беше ставена лопата (на линкот е видео од прес конференцијата каде што се објавува толкувањето на таа постапка). Влезната врата на седиштето беше оштетена со остар предмет и беше изгравиран зборот Nazi. Пред влезната врата беа истурени отпадоци“, соопштија од организацијата.

Како и претходните два случаи, и овој случај на упад во просториите на ЦИВИЛ е пријавен во полиција.

„Не сакам да прејудицирам, барем додека трае истрагата, но сакам да ја искористам оваа прилика уште еднаш да ја потсетам јавноста и институциите на големите предизвици со кои се соочуваат прогресивните организации и редакции. Што се однесува до документацијата, ние немаме тајни. Сите податоци за нашето работење се јавни, доволно е да се отворат нашите интернет портали, а отворени сме и за секое дополнително прашање. Нема потреба да се провалува, освен ако целта не е да се упати поинаква порака“ – напиша претседателот на ЦИВИЛ, Џабир Дерала, во текст за ЦИВИЛ Медиа. „Познато е дека во текот на изминатите десет и повеќе години, тимовите на ЦИВИЛ и редакцијата Цивил Медиа се соочуваат со бројни притисоци, клевети, говор на омразата и смртни закани. Мотивите се познати, нарачателите, исто така. Но треба да знаат – ние не се плашиме. Нам заканите и притисоците ни се мотив повеќе да продолжиме со работа, бескомпромисно и гласно“ – пишува Дерала. Од организацијата известија дека Извршната канцеларија на ЦИВИЛ и редакцијата Цивил Медиа, без застој, продолжиле со својата работа.

Институтот за медиуми и аналитика – ИМА го осудува овој напад врз граѓанската организација ЦИВИЛ, кој не е само вандалски чин туку и напад врз слободата на изразување, и воедно бара од МВР итно да ги пронајде сторителите.