Нови сензационалистички дезинформации за македонскиот јазик, сега во „францускиот предлог“
Повеќе портали на македонски јазик објавија наслови со информација дека во „францускиот предлог“ македонскиот јазик станал „македонски јазик број 2“ / „македонски јазик 2“, или дека „доби ознака 2“:
- Ова е целиот француски предлог: Македонскиот јазик стана „македонски јазик број 2“ Република
- БГНЕС ГО ОБЈАВИ ЦЕЛИОТ ТЕКСТ ОД ФРАНЦУСКИОТ ПРЕДЛОГ: Македонскиот е именуван како „македонски јазик број 2“ Денешен
- Македонскиот јазик стана број 2 со Францускиот предлог Infomax
- Македонскиот јазик доби ознака ,,2″, објавен целиот Француски предлог Expres
- Еве го целиот француски предлог: Македонскиот јазик стана „македонски јазик број 2“ Весник
- Еве го целиот француски предлог: Македонскиот јазик стана „македонски јазик број 2“ Вечер
- Oва е францускиот предлог: Целиот е во полза на Бугарија, македонскиот јазик стана „македонски јазик 2“ Pressingtv
„Македонскиот јазик во францускиот предлог е именуван како„македонски јазик број 2“ што тоа и да значи“, пишува во првичната објава на порталот Република, и истата констатација папагалски се повторува и на другите портали.
Сите написи се повикуваат на бугарската агенција БГНЕС, но во ниту еден напис не се дава исечок од „францускиот предлог“ ниту пак се врши елементарна проверка на факти дали навистина има „македонски јазик број 2“ во документот.
„Францускиот предлог“ беше во оригинал објавен од „360 степени“ со следното објаснување: „Во однос на идентитетските прашања, во предлог-преговарачката рамка именувањето на јазикот на кој ќе се преведува заедничкото европско право е со чиста одредница „македонски“, без дообјаснувања или фусноти. Со оглед на тоа што преговарачката рамка е основата на која утре (по успешно завршување на пристапните преговори) ќе се драфтува пристапниот договор за идната членка на ЕУ – Северна Македонија, ова значи дека македонскиот јазик ќе биде еден од официјалните јазици на ЕУ.
Именувањето на јазикот во предлог-преговарачката рамка“.
Како што може да се види во исечокот, при спомнувањето на „Македонски (јазик)“, се укажува на потребата кај нас да се тренираат доволен број на преведувачи и толкувачи. Но, во следното спомнување на „македонски јазик“ во „францускиот предлог“ навистина се појавува и бројот „2“, кога станува збор за „унилатерални декларации“!
На седмата страна од објавениот „француски предлог“ во болдирана реченица два пати се спомнува „македонски (јазик)“, а вториот пат (трет пат во документот) има симбол за фуснота „2“ во која има соодветно објаснување во втората фуснота.
Симболот за фуснота не го претвора изразот „македонски јазик“ во „македонски јазик број 2“ или „македонски јазик 2“, како што се тврди во погоренаведените написи, ниту пак може логички да се изведе заклучок дека во документот македонскиот јазик „доби ознака 2“.
Следствено, сите погореспоменати портали не ја информираа јавноста, туку ја дезинформираа јавноста со сензационалистички наслови и тенденциозни толкувања со кои се обидоа да кренат паника дека во првично објавениот „француски предлог“ имало преименување на македонскиот јазик.
Дезинформациите царуваат кога отсуствува навремена, веродостојна информација.