Мирјана Малеска: Сè нешто мразиме и сите ги мразиме, најмногу оние кои се издвоиле и издигнале над својата средина!

“Кажавме што се не ни се допаѓа во т.нар. француски предлог. Да кажам што ми се допадна: она, “борбата против говорот на омраза“, зашто не ги мразиме само Бугарите одн. нивната политика. Се нешто мразиме и сите ги мразиме, најмногу оние кои се издвоиле и издигнале над својата средина!”

Во мојот хиперболичен ФБ статус, кој привлече внимание, нема ништо што и досега не сме го знаеле за човечката природа. Има само мала провокација упатена кон фанатичните критичари на францускиот предлoг за кревање на ветото наложено од Бугарија. Недозволени зборови на навреда за предавство на националните интереси, се упатуваат и кон луѓе што се обидуваат да внесат малку повеќе разум во спорот.

Читам и слушам, било понижување за нас, да се обврземе дека ќе се бориме против говорот на омраза кон источниот сосед, зашто Балканците биле мирољубив народ! Нe би се согласила сосема заради начинот на кој се распадна Југославија на пример, но еве прилика да појаснам дека оваа обврска се однесува на државата и институциите под нејзина контрола и е слична како онаа што ја превземавме кон Грција со Преспанскиот договор. Приватно и натаму ќе можеме да се мразиме и навредуваме ако сакаме, никој тоа не ни го брани.

Дали постои говор на омраза кон Бугарија и нејзиниот народ? Бугарите тврдат дека постои, а  сега тоа го мисли и Франција. Потенцијално, ЕУ. Ова треба да не замисли и да не направи покритични кон себе. Тенка, многу тенка е линијата меѓу патриотизмот и национализмот кој не е добра препорака за нас.

Обврската за ‘борбата против говорот на омразата’ не мора да значи значајно ограничување на слободата на говорот во однос на досегашната пракса. Веќе постојат уставни и законски норми и европски стандарди, што е дозволено а што не е. Да се шири омраза кон етничко малцинство, а неговите припадници да трпат, врз таа основа, дискриминација и ‘терор на мнозинството’, не е дозволено. Напротив, имаме мерки на ‘позитивна дискриминација’ и сметам дека таа лекција веќе сме ја научиле. Она што во иднина треба да го научиме е да бидеме попристојни кон соседите. Се разбира тоа важи и за нив.

Јас знам дека не е проблемот само во ова барање од  т.н. француски предлог. Другите, како уставна заштита на бугарското малцинство во земјата, исполнување на обврските од договорот за добрососедство со Бугарија итн. се далеку посериозни. Но, бидејќи нашата политика е длабоко разединета, не можеше силно да повлече во вистинска насока, сами да ги направиме неопходните отстапки за да може земјата час поскоро да се интегрира во ЕУ. Побаравме меѓународни посредници кои, обично во вакви спорови, додаваат од својата тежина на послабата страна, но имаат и свои видувања и интереси. Бидејќи не го добивме тоа што го очекуваме – Франција да застане исцело на наша страна, сега сме разочарани, навредени, понижени. И нетолерантни, што е закана за демократскиот поредок.

Мирјана Малеска, професор