Пред претстојниот самит во Мадрид, НАТО излезе со податоци од анкета кои покажуваат „историски високо ниво на поддршка за НАТО“.
Во податоците од анкетата има и резултати од истражувањето во С. Македонија, спроведено врз 500 испитаници.
Во анкетата на НАТО има и конкретно прашање „Дали им верувате на медиумите во (ЗЕМЈА) дека ја кажуваат вистината за инвазијата во Украина?“.
НАТО извлекува генерален заклучок дека 54% граѓаните им веруваат на медиумите во нивните земји дека ја кажуваат вистината за инвазијата во Украина, но С. Македонија е на претпоследно место во табелата.
Дури 32% од граѓаните одговориле на прашањето со „Не, воопшто не“, 31% одговориле со „Не, не многу“, 30% одговориле со „Да, донекаде“, а само 3% (што е најнизок процент од сите земји членки на НАТО), одговориле со „Да, многу“.
Единствено Грција има повисок процент на испитаници кои воопшто не им веруваат на медиумите за инвазијата во Украина, но Грција на последниот извештај „Светски индекс за слободата на печатот“ на „Репортери без граници“ беше на 108 место, а С. Македонија беше на високото 57 место.
Прашањето „Зошто медиумите остануваат без публика и доверба?“ повторно се актуелизира, овојпат во контекст на медиумското покривање на инвазијата во Украина.
Во анализата на Петрит Сарачини „Зошто медиумите остануваат без публика и доверба?“, медиумски истражувач во Институтот за медиуми и аналитика ИМА, констатира:
„Иако Северна Македонија направи голем скок на последниот светски Индекс на слободата на медиумите на „Репортери без граници“, од 90-то на 57-то место, „Репортери без граници“ со право ги посочуваат ‘хроничните болести’ кои сè уште ги има во земјата. Тука се клиентелизмот и врските меѓу политиката (партиите) и сопствениците, создавањето на паралелни системи на информирање на јавноста од страна на политичките партии, падот на професионализмот и квалитетот на медиумските содржини, зголемената присутност на дезинформациите, пропагандата, омразата и заканите – особено на интернет и социјалните мрежи, поларизацијата и поделбите во медиумите и јавноста, недоволната сила на саморегулацијата… Сите овие фактори сериозно влијаат и на недовербата кон медиумите, и придонесуваат за отуѓување и бегство на публиката од нив.“
Несомнено, во контекст на медиумските известувања за Украина, зголемената присутност на дезинформациите, пропагандата, омразата и заканите – особено на интернет и социјалните мрежи, доведоа не само до зголемување на поларизацијата и поделбите во медиумите и јавноста, туку и до намалување на довербата во медиумите.