Толку ли сакаме да се мразиме?

„Ветото е несопирлив извор на омраза, намерно пуштен, за да ги поттикне најдолните страсти кај неписмените луѓе, кои талкаат меѓу Црното Море и Охрид, и да ги обои во кафеаво сите завети на нашите прадедовци. За две години тоа изгради ѕидови, чии траги нема да можат да бидат отстранети барем еден век“. (Филип Поппетров, „Не предавајте ја Македонија, тргнете го путиновото вето!“)

Пишува: ЖАРКО ТРАЈАНОСКИ

Зборовите на еден слободољубив потомок на заточеници од Дијарбекир, кој почувствувал срам од уназадувањето на сопственото општество, кое „денес се бори да не паднат никогаш бодликавите жици помеѓу Бугарија и Македонија“, ме поттикнаа да ја напишам колумнава. Навистина, „толку ли сакаме да се мразиме?“ – или пак некои намерно сакаат да се мразиме, за да останат „бодликавите жици“ од Студената војна?

Кои се главните извори и генератори на омразата?

„Ветото е несопирлив извор на омраза“ – поставува дијагноза Филип Поппетров, со која во потполност се согласувам. И самиот имам пишувано дека ветото е непријателски чин, кој практично го поништува „Договорот за пријателство“. Меѓутоа, ветото не е единствениот извор и генератор на омраза, кој намерно ги поттикнува најдолните страсти кај неграмотните луѓе (и не само кај нив), од двете страни на менталните „бодликави жици“.

Пред да биде наложено ветото од страна на владата на Бојко Борисов, бевме сведоци на повеќе медиумско-политички кампањи во Бугарија со кои се поттикнуваше омраза кон „македонизмот“, кон македонскиот јазик, кон македонската „фалсификувана историја“, кон македонскиот идентитет, па и кон државата што единствена носи име Македонија, која беше опишувана како „бугарска земја“.

На пример, пред и по ветото во 2020, главен гласноговорник на бугарската влада во бугарските медиуми беше корумпираниот министер за одбрана Каракачанов, кој и претходно, со своите изјави против „македонизмот“ и македонскиот идентитет и јазик, поттикнуваше нетрпеливост и омраза не само во Бугарија, туку и во Македонија.

Но, не беа Каракачанов и Џамбаски единствените политичари што се обидоа да мобилизираат со „антимакедонистички“ говор на омраза, за да дојдат и/или останат на власт, иако жестоко се трудеа да предничат во „патриотската“ битка. Во последните изборни кампањи во Бугарија бевме сведоци како стотици бугарски политичари од најразлични партии се обидуваат да мобилизираат гласачи со „патриотски говор на омраза“ против „македонизмот“ и против македонскиот идентитет и јазик, со флагрантни дезинформации, и со политичка злоупотреба на историјата.

И по неодамнешното изгласување на недоверба на бугарската влада на Петков, повеќе од јасно е дека „патриотскиот говор на омраза“ е сè уште актуелен во Бугарија, и дека Македонија, „македонизмот“ и македонскиот јазик ќе останат „монети за поткусурување“ меѓу бугарските политички партии и на следните избори.

И, тоа не е ништо ново. Говорот на омраза против „македонизмот“ и „македонистите“ е составен дел од бугарската историографија и култура уште од времето кога Петко Славејков пропагандно ги оцрнува „македонистите“, во 1871. Тоа е една година пред да биде роден Јосип Броз – Тито, на кој бугарската пропаганда се обидува да му припише улога на наметнувач на „македонски“ идентитет, измислувач на нова македонска историја, создавач на нов „македонски“ јазик и одговорност за спроведување на „геноцид над македонските Бугари“.

 

Непризнавањето е во основа на говорот на омраза

Во основа на говорот во Бугарија кој поттикнува нетрпеливост и омраза кон Македонците лежи повеќекратното непризнавање на основни човекови права.

Прво, непризнавањето на македонскиот народ, кое е видливо во говорот против „македонизмот“ (кој е имплицитно дефиниран како „државно спонзорирана идеологија на анти-бугарска основа“) и во изразот „етничкиот и јазичниот инженеринг“ (во меморандумот). И експлицитното непризнавање на македонска етничка припадност до 1944 ги гази човековите права на сите етнички Македонци родени пред 1944.

Второ, непризнавањето на македонскиот јазик различен од бугарскиот, кој се омаловажува како „создаден од комунистите“ со „јазичен инженеринг“. Непризнавањето на мајчин јазик е непризнавање на основно човеково право. Историски срам за Бугарија е што е единствената земја која не го признава и го омаловажува македонскиот јазик.

Трето, непризнавањето на „македонско малцинство“ во Бугарија. Ова непризнавање е констатирано и во бројни меѓународни документи и во повеќе судски пресуди за кршење на човекови права од страна на Бугарија.

Четврто, непризнавањето на „македонски“ „македонска“, како ознака за национален идентитет, култура, историја, итн. Исто така, и овие непризнавања го загрозуваат уживањето на индивидуалните и културните права.

Петто, кај многумина бугарски граѓани, „антимакедонистичките“ кампањи поттикнуваат и непризнавање на држава Македонија, посебна од Бугарија. На пример, еден коментатор под пост на Каракачанов од 2019 напишал дека има лесно решение на проблемот: „Македонската територија да се присоедини кон Бугарија зашто по право е бугарска, и им се решаваат сите проблеми. Веднаш стануваат дел од ЕУ.“

И тука не станува збор за изолиран случај, зашто политичкиот слоган „Македонија е бугарска“ е составен дел од пропагандниот репертоар на повеќе бугарски партии. Идејата дека „македонската територија“ е бугарска, како и политичкиот слоган „Македонија е бугарска“, имаат своја основа во митовите за бугарската државност и историја, кои се вградени и во бугарските учебници и празници.

На пример, Бугарија од 1991 го слави како државен празник 3 март, денот на „Ослободувањето на Бугарија“ од страна на рускиот „Цар ослободител“, како ден на потпишувањето на Санстефанскиот мировен договор, со кој се предвидувала (но, не и остварила) „Голема Бугарија“ која ја опфаќа и Македонија, но и делови од другите соседни држави.

Сите горенаведени непризнавања, практично водат до непочитување на личното достоинство, до негирање и кршење на повеќе човекови права, и до поттикнување нетрпеливост и говор на омраза и во Бугарија и во Македонија.

 

Борбата против говорот на омраза не треба да се политизира и релативизира ни во Бугарија, ни во Македонија

Забележлива е, а и загрижувачка, тенденцијата кај дел од нашата јавност, особено на социјалните мрежи, да се негира или релативизира говорот на омраза по неговото политизирање во врска со т.н. „француски предлог“. Говорот на омраза е сериозен и долгогодишен проблем во нашето општество, особено „патриотскиот говор на омраза“, за кој имам повеќе пати пишувано.

Токму затоа, говорот на омраза воопшто не треба да се политизира и релативизира, исто како што не треба да се политизира и релативизира историјата. Одамна е констатирано дека етноцентричните учебници по историја на Балканот се извори на дезинформации, негативни стереотипи, дискриминаторски ставови, па дури и говор на омраза. Но, веќе видовме дека кога историчарите ќе почнат да се занимаваат со националистичка пропаганда и политика, историските проблеми тешко се надминуваат.

Од една страна, парадоксално е тоа што земја како Бугарија (која е рангирана на 91 место на Индексот на слобода на Репортери без граници од 2022) бара од Македонија (рангирана на 57 место) да го надмине говорот на омраза во медиумите спрема Бугарите и други работи за подобрување на слободата на медиумите. ­Има една пригодна народна поговорка, „Во туѓо око раска гледа, во свое греда не гледа!“.

Уште повеќе, парадоксално е и тоа што кампањите со говор на омраза и дезинформации во врска со „македонизмот“, македонскиот јазик и идентитет, доаѓаат од земја членка на ЕУ, која се обврзала да ги почитува човековите права и слободи и да се бори против говорот на омраза, наместо институционално, политички и медиумски да го култивира.

Од друга страна, пак, овие парадоксални барања воопшто не треба нас да не поколебуваат во борбата против говорот на омраза по сите основи, вклучително и врз етничка основа и државјанство (што подразбира и борба против говорот на омраза кон Бугарите и македонските Бугари, независно што дел од нив имаат набавено бугарско државјанство на коруптивен начин).

Иако омразата кон македонските Бугари и кон Бугарите воопшто опфаќа само еден мал дел од проблематиката на етнички говор на омраза во Македонија (а, етничката основа е само една од многуте основи), факт е дека овој проблем постоеше и пред бугарското вето, иако стана многу позабележителен по бугарското вето и медиумско-политичките кампањи за негово оправдување.

И во основа на овој проблем лежи непризнавање – не само на историската улога на лицата кои се самоидентификувале како македонски Бугари (и како Македонци) во македонската револуционерна борба против Османлиското царство, туку и на историската улога на македонските Бугари во создавањето на македонската национална посебност, на македонската нација и на македонската федерална држава во Југославија (тука би спомнал само неколку видни имиња: Димитар Влахов (бугарски конзул во Одеса и Виена, а потоа еден од создавачите на македонската држава – член на АВНОЈ и АСНОМ), Павел Шатев (прв министер за правосудство), Панко Брашнаров (потпретседател на АСНОМ), Емануел Чучков (директор на неколку гимназии за време на бугарската окупација, а подоцна „Министер за Македонија“ во првата привремена влада на ДФЈ), Методија Шаторов – Шарло (комунистички функционер во Македонија и во Бугарија), и други.

Наскоро ќе видиме дали има искрена политичка волја во Бугарија и Македонија за решавање на проблемите со говорот на омраза, или уште еден обид за политизирање на говорот на омраза и човековите права. Како што политизирањето на историјата доведе до блокада на работата на Комисијата за историски и образовни проблеми, така и политизирањето на говорот на омраза може да доведе до натамошно продлабочување на проблемот.

Ако сака Бугарија да демонстрира недвосмислена политичка волја за надминување на говорот на омраза и во Бугарија и во Македонија, тогаш веднаш треба да го тргне ветото за почнување преговори со ЕУ, затоа што ветото е еден од главните генератори на меѓусебна омраза и непријателство.

(авторот е истражувач и аналитичар во Институт за медиуми и аналитика – ИМА)