Пратеничко прашање и министерски одговор за тоа што презема МВР за говорот на омраза
Морачанин: Што презема МВР за говорот на омраза?
Пратеничката Маја Морачанин од ДОМ му постави пратеничко прашање на Министерот за внатрешни работи, во врска со „интензивниот говор на омраза, на кој сме сведоци во изминатиот период, но кој за жал кој се повеќе се интензивира, и она што најмногу ги загрижува граѓаните што изостанува санкционирање на овој говор на омраза.“
Според Морачанин, „и лажните вести водат кон засилен говор на омраза, а засилениот говор на омраза, пак, води кон дела од омраза, и тоа е нешто на кое мораме да обрнеме повеќе внимание.“
Морачанин укажа дека особено е интензивиран говорот на омраза кој што се споделува на интернет и на социјалните мрежи: „Ние пред пет дена во Скопје имавме трет прајд, којшто навистина помина во одличен ред, и јас тука сакам да им честитам на припадниците на МВР, бидејќи навистина многу професионално си ја извршија својата улога и немаше ниту еден инцидент, ниту за време на настанот, ниту претходно, ниту после тоа. Но, она на кое сведочиме особено после одржувањето на прајдот, па и на неколку дена претходно, е интензивен говор на омраза по социјалните мрежи, насочен кон припадниците на ЛГБТИ…, и генерално многу говор на омраза кој што се однесува на сексуалната ориентација и родовиот идентитет.“
Морачанин укажа дека има информации за пријави до МВР и ЈО за говор на омраза: „Мислам дека навистина е многу важно да обезбедиме ефикасно санкционирање на секој говор на омраза бидејќи тоа е кривично дело според нашиот Кривичен законик и на тој начин ќе се упати јасна порака кон целокупната јавност дека не се толерира говор на омраза во македонското општество. Прашањето до вас ми е што презема Министерството за внатрешни работи, кои се вашите информации по однос на говорот на омраза?“.
Спасовски: Државните институции постапуваат поорганизирано во однос на говорот на омраза
Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски укажа дека прашањето претставува еден од посериозните предизвици сега во делот на безбедноста, меѓутоа, и прашање за кое што многу малку се говорело во изминатиот период: „Во таа смисла, многу малку е посветено внимание и на подигањето на јавната свест и на барање на механизми како да се заштитиме во однос на говорот на омраза, посебно имајќи ги предвид можностите кои сега се пружаат преку користењето на он-лајн платформите или на социјалните медиуми, кои што знаеме дека од најрана возраст ги користат дури и најмалите, па се до највозрасните граѓани.“
Според Спасовски, во последниве неколку години се предизвикува поголемо внимание во градење и креирање на механизми кои што ќе значат и поголема сајбер-безбедност за сите нас, а во тој дел и говорот на омраза. Анализата на споредбените податоци на кои се повика министерот укажува на „поорганизирано постапување на државните институции од тоа што беше претходно“. Спасовски посочи дека најголемиот дел од пријавите „се однесуваат токму на одредени кривични дела кои се направени преку платформите електронски, или преку социјалните медиуми“.
Спасовски: Потребни се обуки за препознавање на говорот на омраза
Министерот за внатрешни работи одговори дека најголем дел од граѓаните што предизвикуваат говор на омраза преку социјалните медиуми ни сами не се свесни што прават:
„Најголемиот дел од граѓаните, или оние кои што предизвикуваат говор на омраза преку социјалните медиуми, дури ни сами не се свесни дека тоа го прават, да не зборуваме и за припадници на администрацијата или за припадници на полицијата, на другите институции, итн., на кои што навистина им требаат можности, обуки, се со цел да се препознаат ваквите дела, за да можат да реагираат во одреден момент.“
Според Спасовски, МВР презема интензивни мерки, и прашањето за говорот на омраза е ставено високо на агендата: „Ние како министерство преземаме интензивни мерки и тоа е ставено високо на агендата, посебно во рамките на спроведувањето на Стратегијата за сајбер-безбедност и можам да кажам дека кај голем дел од граѓаните, веќе и препознаваат, и пријавуваат, и во тоа помага и граѓанскиот сектор…, посебно заштита на оние ранливи категории на граѓани, на кои што им е потребна помош…“
Спасовски: Во 2022 нема кривично дело за предизвикување на омраза и само едно дело за загрозување на сигурноста по електронски пат
Спасовски изнесе неколку споредбени податоци за периодот јануари-мај 2022 година и за претходната година за неколку кривични дела:
- Ширење на расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем – 8 кривични дела (лани имало 14 кривични дела)
- Загрозување на сигурноста по електронски пат – 1 кривично дело (лани имало 2 кривични дела)
- Предизвикување на омраза, раздор или нетрпеливост врз основа на верска, национална, расна и друга дискриминаторска основа – годинава нема (лани имало едно кривично дело)
Ваквите податоци, според Спасовски, не покажуваат намалување на говорот на омраза, туку дека во овој период немало пријави: „Тоа покажува можеби не дека се намалува говорот на омраза, меѓутоа, дека во овој период немало такви пријави, кои биле поднесени во делот на детектирање на говорот на омраза…“.
Спасовски потенцираше дека за ЛГБТ заедницата имаме повеќе говор на омраза и закани, а и други кривични дела.
Подигањето на јавната свест, смета Спасовски, и заедничкиот придонес на сите чинители, е клучно за сузбивање на говорот на омраза: „Ако разговараме за тоа дали е доволно, мора да признаеме дека сите заедно мора да допринесеме, за да ја сузбиеме оваа појава – пред се во делот на јавноста, и во подигањето на јавната свест…“.
Морачанин: МВР, обвинителството и судовите мора да го препознаваат и санкционираат говорот на омраза
Во својот осврт по одговорот на нејзиното прашање, Морачанин укажа дека бројот на пријави до МВР (а уште помалку бројот на судски пресуди) не соодветствува со големиот број случаи на говор на омраза присутни на социјалните мрежи: „Она што го гледаме сите ние како граѓани на социјалните мрежи, секојдневно, не соодветствува со бројот на пријави кои вие ги добивате, а уште помалку соодветствува со судски пресуди за ова кривично дело говор на омраза, и јас истото прашање во следна прилика ќе го поставам и до јавното обвинителство, бидејќи навистина сметам дека сите надлежни институции, а тука се пред се МВР и обвинителството во делот на санкционирањето, а потоа и судовите, се разбира, во носењето на пресудите – мора да го препознаваат и соодветно да го санкционираат говорот на омраза.“
Според Морачанин, покрај санкционирањето, превенцијата на говор на омраза е еден од клучните елементи, и тука треба да се вклучи дефинитивно и образовниот систем: „Се додека ние во нашите учебници и програми имаме дискриминирачки содржини, не можеме да очекуваме дека ефикасно ќе го превенираме говорот на омраза, и понатаму, делата од омраза што ги прави неминовно овој говор на омраза.“
На крајот од своето излагање, Морачанин упати апел и до медиумите да ја вршат својата функција во делот на информирање и едукација на граѓаните во поглед на говорот на омраза и делата од омраза.