Се интензивира говорот на омраза по повеќе основи: Пак ечи „Клетите Шиптари“ и „Чиста Македонија“, каде се јавноста и институциите?

Се интензивира говорот на омраза кој поттикнува на насилство на протестите против предложената преговарачка рамка од ЕУ не само по политичка, туку и по етничка основа.  Последен еклатантен пример се случи на 11 јули 2022, кога дел од учесници на протест против „бугаризација“ извикуваа „Чиста Македонија“, „за Шиптари гасна комора“ и ја пееја партизанската песна „А бре Македонче“ со изменетиот стих  „нека разберат клетите Шиптари“.

Видео од инцидентот беше споделено не само на социјалните мрежи, туку и на Телевизијата Клан, но за инцидентот известија само неколку портали (Цивилмедиа и Фронтлајн). Молк од другите медиуми, здруженија на граѓани, а изостана реакција и од надлежните институции.

Говорот на омраза кој повикува на геноцид и „Чиста Македонија“ се случи на чувствителна локација каде што и претходно се предизвикуваа меѓуетнички конфликти за време на претходните ултра-националистички протести. По претходниот судир помеѓу демонстрантите и локалните жители и дуќанџии Албанци, неколку дена протестите во Скопје се одвиваа по друга маршрута, а меѓуетничките провокации привремено стивнаа. Меѓутоа, откако протестот се врати на претходната рута покрај чаршијата и „ТЦ Мавровка“, повторно имаше предизвикување на меѓуетничка омраза нетрпеливост и повикување на насилство.

Институтот за медиуми и аналитика ИМА повторно бара од надлежните институции да постапуваат принципиелно и неселективно кон зачестените инциденти на говор на омраза кој поттикнува насилство и претставува закана за безбедноста и демократијата во земјата.

Институтот за медиуми и аналитика ИМА ги повикува сите учесници во јавната комуникација, особено политичарите и медиумите, да ги осудат дезинформациите и говорот на омраза што предизвикува насилство и меѓуетничка нетрпеливост.

ИМА потсетува дека медиумите имаат одговорност да известуваат за сите видови на говор на омраза и да го осудуваат, а не да го премолчуваат.

ИМА потсетува дека предизвикувањето омраза, раздор или нетрпеливост врз национална и друга дискриминаторска основа е кривично дело и дека одговорност на надлежните институции е да ги откријат, изведат пред суд, и санкционираат сторителите на кривичното дело.

Говорот на омраза е закана за мирот и безбедноста на општеството. Медиумите, граѓанското општество, но пред се надлежните институции, мора да сторат сè што е во нивна моќ за да го спречат неговото ширење и неговата употреба како метод во политичките битки.