„Екстремниот говор на омраза од улиците и социјалните мрежи со ист интензитет се префрли во Собранието. Новиот момент што ќе остане забележан и што остава црна дамка е непримерниот напад врз високите западноевропски лидери и врз функционерите на ЕУ“, пишува Зоран Бојаровски во неговата колумна  КАКВА ИРОНИЈА: НАМЕСТО ВО ХРОНИКИТЕ НА ДРЖАВАТА, НАЈМАКЕДОНСКАТА ПАРТИЈА СЕ ЗАПИША ВО МЕНИЦИ,  НОТАРСКИ ЗАПИСИ И ВО – ФУСНОТА:

„За голема срамота и за жалење што од говорницата на Собранието, највисоките лидери на ЕУ беа наречени фашисти. Беше употребени најбрутална аналогија и дезинформација дека нацисти ни дошле дома за да не „стерилизираат нас Македонците“, како што ги стерилизирале лицата со наследни болести во нацистичка Германија во 1933 година.

Замислете ова беше одговор на ВМРО-ДПМНЕ на говорот на претседателката на Европската Комисија дојде пораката „Почитувани Македонци, внимателно ја слушав загриженоста за македонскиот јазик и идентитет. Нема сомнеж дека македонскиот јазик е вашиот јазик. Предлогот го почитува исто така вашиот национален идентитет. Принципот на идентификација е важен за секој од нас. Може да сметате на мене како претседател на ЕК дека процесот на пристапување ќе ги почитува европските принципи и стандарди. Билатералните прашања, како што се толкување на историјата не се услов на пристапните преговори“.

Појасно кажано не може да биде, ама кој да слуша. Требаше да се прочита тоа што им е напишано и точка. И уште да се искине и да се запали.

И што запалија??!? Собраниски документ во кој пишува дека заклучоците ја задолжуваат Владата на Република Северна Македонија, преку државната делегација за преговори со ЕУ, Секретаријатот за европски прашања, Министерството за надворешни работи и експертскиот преговарачки тим доследно да се придржува кон определбата за безусловно почитување на јазичните, идентитетските, историските и културните особености на македонскиот народ, како елементи за кои не се преговара со Европската унија.

Запалија документ со кој ја обврзуваат Влладата преговорите да ги води на рамноправна и принципиелна основа, почитувајќи ги нормите на меѓународното право, со безрезервно почитување на достоинството и посебноста на македонскиот народ, како и во целосна согласност на Резолуцијата усвоена од Собранието на Република Северна Македонија, на 29 јули 2021 година, и дека овие заклучоци ссе задолжителни за актуелната и секоја идна Влада.

Таков документ искинаа и запалија и се потпишаа на нотарски записи. „Најмакедонската“ партија.“

Според Бојаровски, владата падна на испитот на транспарентност:

„Но, што уште научивме од настаните поврзани за францускиот договор?

Научивме дека Владата падна на испитот на транспарентност и особено на подготовката на јавноста за еден вака сложен процес.

Не може да се бара оправдување во чувствителноста на ова прашање, ниту, пак, во елаборацијата дека во овој процес има(ше) повеќе страни кои треба(ше) да се усогласат.

Да не заборавиме дека само пред две или три години нашата земја помина низ уште посложени процеси (промената на името и членството во НАТО), па сепак одговорот на злонамерните кампањи беше добро и навремено подготвен. Јавните расправи и консултациите беа подготвувани со стратегија соодветна за такви сложени процеси и со креирање на коалиции за поддршка благодарение на кои прилично добро беа амортизирани нападите кои воопшто не беа наивни.

Затоа сега е многу важна точката 5 од заклучоците за францускиот предлог, усвоени без ниту еден глас против, со која се задолжува Владата редовно и континуирано да го иннформира Собранието (јас би додал и јавноста) за текот на пристапните преговори, вклучително и процесот на скрининг како прва фаза, како и за одвивањето на меѓувладините конференции за пристапување на Северна Македонија во ЕУ“, пишува Зоран Бојаровски во неговата колумна  КАКВА ИРОНИЈА: НАМЕСТО ВО ХРОНИКИТЕ НА ДРЖАВАТА, НАЈМАКЕДОНСКАТА ПАРТИЈА СЕ ЗАПИША ВО МЕНИЦИ,  НОТАРСКИ ЗАПИСИ И ВО – ФУСНОТА: