Апасиев продолжува со брутални напади врз новинарите и ширење дезинформации

Лидерот на Левица и пратеник во собранието Димитар Апасиев продолжува со брутални напади и говор на омраза врз новинарите кој го практикува во континуитет. Овој пат негова мета се новинарите на медиумите што известуваа од Брисел за започнатите преговори со ЕУ.

Во објавата на фејсбук од 19.07.2022, Димитар Апасиев пишува:

„НОВИНАРИ-ПРОСТИТУТКИ

Им платија две владини ноќевања у Брисел и сите со нарачани наслови: „Почнаа преговорите со ЕУ“!?

Кои преговори бе, црепови.

Објаснете му на народот дека само за нас измислија ко божемска „политичка конференција“, а преговорите ќе почнат на куково лето“.

Политичко етикетирање и говор на омраза

На Апасиев не му е прв пат новинарите да ги етикетира како „проститутки“, „црепови“, и „сороспии“, и да пишува против „Соросписки журнализам“. На Апасиев не му е прв пати ни да им диктира на новинарите што треба да пишуваат: „Објаснете му на народот дека само за нас измислија ко божемска „политичка конференција“, а преговорите ќе почнат на куково лето“.

Што е поентата на пратеникот Апасиев? Новинарите да пишуваат по диктат на политичарите, а ако не пишуваат, ќе бидат подложени на непримерна вербална агресија и омраза?

Во случајов, генерирањето на дезинформации и говор на омраза е дел од една политичка стратегија која настојува жестоко да ги напаѓа новинарите и медиумите, и да ги девалвира главните столбови на демократијата – слободата на новинарите и автономната уредувачка политика на редакциите.

Дезинформациите на Апасиев – демантирани од Брисел

Наспроти тврдењата на Апасиев за „божемска политичка конференција“ и дека „преговорите ќе почнат на куково лето“, првиот демант дојде директно од настанот во Брисел и од претседателката на Европската Комисија Урсула фон дер Лајен која вчерашниот ден и отворањето на преговорите ги нарече „историски момент“:

„Денес, Албанија и Северна Македонија ги отвораат преговорите за пристап во Европската унија и многу ми е мило што сум тука со вас. Ова е вашиот успех. Тоа е ваш успех и успех на вашите граѓани. Вие и вашите граѓани, вие и вашиот народ работевте толку напорно за да стигнете овде. Покажавте толку многу трајна посветеност на нашите вредности. Покажавте издржливост. Ја задржавте вербата во процесот на пристапување“, рече на прес конференцијата фон дер Лајен.

Она што е дополнително вредно да се осветли и нагласи во нејзиното обраќање на прес конференцијата во Брисел е делот каде што таа ги наведува причините поради коишто е остварена оваа цел – почеток на преговорите со Северна Македонија и Албанија:

„Го зајакнавте владеењето на правото. Се боревте против корупцијата. Имате слободни медиуми. Имате енергични граѓански општества. Направивте безброј реформи и ги модернизиравте вашите економии. Сите овие промени ги направивте не само затоа што беа неопходни на вашиот пат кон Европската унија, туку пред се затоа што се добри за вашите земји. И тие веќе обезбедуваат подобар квалитет на живот за вашите луѓе“.

„Ние, Европската комисија, ве поддржувавме до крај. И ние ќе продолжиме да го правиме тоа“, поентираше претседателката на Европската Комисија Урсула фон дер Лајен на заедничката прес конференција со премиерите Димитар Ковачевски и Еди Рама на 19 мај во Брисел, откако една недела пред тоа, во Собранието на Република Северна Македонија рече:

„Почитувани Македонци, внимателно ја слушав загриженоста за македонскиот јазик и идентитет. Нема сомнеж дека македонскиот јазик е вашиот јазик. Предлогот го почитува исто така вашиот национален идентитет. Може да сметате на мене како претседател на ЕК дека процесот на пристапување ќе ги почитува европските принципи и стандарди. Билатералните прашања, како што се толкување на историјата не се услов на пристапните преговори“.

Вториот силен демант на дезинформациите на Апасиев e дека последната информација од временската рамка за текот на пристапувањето на Северна Македонија и Албанија е идентична, односно, го потврдува фактот дека на 19 јули 2020 Република Северна Македонија и Албанија ја одржаа меѓувладината конференција за пристапните преговори.

И во овој случај, ИМА го осудува политичкото етикетирање  и говорот на омраза кон новинари како брутален напад врз новинарите, медиумските работници и слободата на изразување.

ИМА ги повикува и другите медиумските организации да го осудат политичкото етикетирање и поттикнување на говор на омраза кон новинарите. Секоја пропуштена ракција и молк ги охрабрува ваквите недолични напади и груби притисоци врз новинарите.