„Цивил“: Говорот на омраза од собраниска говорница може да се претвори во бомба и во сериозна закана за меѓуетничките односи

 

Говорот на омраза од собраниската говорница може да се „претвори во бомба“ што е сериозна закана за меѓуетничките односи, е една од поентите на дебатата „Етничката омраза од собраниската говорница“, што денеска ја организираше „Цивил медиа“ во која учествуваа пратениците Љатифе Шиковска, Зеќир Рамчиловиќ,  и Мартин Костовски.

„Без разлика на тоа што не сум Македонец, во говорите во Собранието најмногу боли тоа што што пратениците од опозицијата прават поделби меѓу македонскиот народ. Се обидоа да не изолираат нас и да се фокусираат на поларизирање на македонската заедница, иако треба да се издвои како недоличен напад врз пратеничката Санела Шкријељ на која и порачаа дека тие (пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, н.з.), не сакаат идните генерации да имаат збунет идентитет. На мојата реакција, пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ само ја усложни својата ситуација со дополнувањето дека нејзината квалификација за збунет идентитет се однесувала на пратеничката група на СДСМ, без да размисли дека токму таа пратеничка група е составена од Македонци, Бошњаци, Роми, Турците, Власите и други претставници на етничките заедници. Треба да се внимава, особено пратениците, затоа што ние не фрламе безопасни камчиња, туку нашите изјави можат да се „претворат во бомби“ што дополнително и сериозно да им наштетат на меѓуетничките односи“, истакна за време на дебатата пратеникот Зeќир Рамчиловиќ.

Учесници во дебатата „Етничката омраза од собраниската говорница“ нагласија дека „одредени структури не ја научиле лекцијата од 27 април 2017 година кога насилствата во Собранието беа предизвикани и како резултат на говорот омраза“.

„Ние пратениците сме тие што треба да имаме релаксирани односи во поглед на етничката, верската или некоја друга припадност, а не да се поведуваме по граѓаните, без ралика на тоа дали некои можеби дел се изманипулирани, а дел веруваат во тоа што го застапуваат“, рече Рамчиловиќ.

Пратеничката Љатифе Шиковска потенцираше дека со говорот на омраза сите се губитници.

„Згрозена сум од тоа што се пишуваше. Треба да бидеме многу внимателни. Во Собранието изгласавме Кодекс на однесување за нас како пратеници, но очигледно не секогаш се придржуваме. Особено да внимаваме кога излегуваме на говорница како што се случуваше во последните денови. Несоодветно е да се навредуваме и тоа да оди во бескрај. Да не се бираат средства“, нагласи пратеничката Шиковска.

Пратеникот Мартин Костовски сподели дека нивото на комуникација падна на многу ниско ниво со провокации далеку под достоинството на дел од пратениците.

„Јас не сакам да бидам запомнет како пратеник што во делот на толку многу битно историско прашање имав средба со еден, како да го кажам, пратеник од опозицијата којшто на крајно невротичен начин сакаше и бараше инцидент цело време. За жал, ќе додадам дека како пратеници од власта или проевропски пратеници бевме изложени скоро три дена на канонада како во Собранието така и надвор од него, на пцовки, навреди и што уште не“, рече пратеникот Мартин Костовски на дебатата посветена на темата „Етничката омраза од собраниската говорница“ во организација на „Цивил медиа“.