Тупанчевски за РСЕ: Само институциите на нашата држава треба да одлучуваат по кривични пријави за говор на омраза

Секој кој смета дека во некој текст или на некое друго место има елементи на говор на омраза, може да поднесе кривична пријава, но само институциите на нашата држава се оние кои треба да одлучуваат по тоа прашање, вели министерот за правда Никола Тупанчески во интервју за радио Слободна Европа. (Кој ќе пријавува, а кој ќе казнува говор на омраза?)

Тој уверува дека најновите измени во Кривичниот законик каде што е додаден делот на омраза предизвикана „врз основа на закон или ратификуван меѓународен договор“ нема никаква поврзаност со неодамна потпишаниот Билатерален протокол со Бугарија и дека додавките се резултат на одредени меѓународни стандарди кои произлегуваат од дефинирањето на поимот омраза.

Според Тупанчевски, говорот на омраза не секогаш треба да го врзуваме со Бугарија, туку да му дадеме малку екстензивно значење: „Затоа што нашата дефиниција за говор на омраза што претставува предикативно дело за некои потешки форми на кривични дела е позиционирано врз основа на добро утврдени европски стандарди, така што без оглед на конкретните состојби, билатералниот договор е прилично апстрактен во таа сфера, меѓутоа ние имаме национална регулатива и доколку се држиме до националната регулатива практично ќе стигнеме и до посакуваната цел дека говорот на омраза не секогаш треба да го врзуваме со Бугарија, туку да му дадеме малку екстензивно значење“, вели Тупанчески во интервјуто.

Тупанчевски укажува дека во кривичниот законик има повеќе кривични дела за говор на омраза и дела од омраза, а дека вториот механизам е законот за заштита и спречување од дискриминација.