Порталот InTv Australia, кој себе си се нарекува „Австралиска музичка телевизија“, на 21 јули објави вест под наслов „Лавров “ја попари” Грција: Со години вршите терор врз Македонците и Македонија, сега ќе не’ учите на демократија“. Оваа „вест“ се прошири на Фејсбук страницата INTV каде што за четири дена (на 25.07.2022) достигна над 8.000 реакции, над 800 споделувања и околу 700 коментари.
Инаку, веста е преземена од друг портал (МКД Пресс ЕУ) каде што е објавена на 5 мај 2022 година со наслов „Лавров ги прегази грците! ВИЕ ЛИ ШТО СО ГОДИНИ ТЕРОР ВРШИТЕ ВРЗ МАКЕДОНИЈА И МАКЕДОНЦИТЕ НАЈДОВТЕ ДА ЗБОРУВАТЕ ЗА ДЕМОКРАТИЈА“, и каде што се регристрирани речиси 30 илјади прегледи.
Инаку, ниту на InTv Australia, ниту на МКД Пресс ЕУ, нема линк до изворна изјава на министерот за надворешни работи на Русија Сергеј Лавров.
Сервисот за проверка на факти „Вистиномер“, во анализата „Измислена изјава на Лавров кружи на Фејсбук“, констатираше дека „никаде не може да се пронајде наводната изјава на Лавров во која тој ѝ одржал на Грција лекција по демократија“: „Вие ли што со години терор вршите врз Македонија и Македонците најдовте да зборувате за демократија“. Исто така, анализата на „Вистиномер“ укажа дека и претходно наводната изјава била пренесувана од други медиуми кои навеле дека „Нема официјална потврда дали изјавата цитирана од порталот МКД Пресс ЕУ автентична и вистинита.“
Пренесување наводни „изјави“ од политичари, без потврда на нивната автентичност е неспоиво со новинарските стандарди и таквата пракса не спаѓа во доменот на новинарството, туку во доменот на политичката пропаганда.
Дополнителното ширење на божемната изјава на Лавров, која претходно беше разоткриена како „лажна информација“, е показател за недоволна еефикасност на механизмот на проверка на факти на Фејсбук.
Скорешни коментари