Османи: Различните историски интерпретации не смееме да ги ставиме под говор на омраза, говорот на омраза не е поврзан со работата на историската комисија

Министерот за надворешни работи Бујар Османи доби новинарско прашање во врска со Протоколот со Бугарија за спроведување на договорот за добрососедство, во кое беше посочено и здружението – клубот „Ванчо Михајлов“: „Дали ќе побарате од Бугарија, барем додека не се реши историската комисија за тие прашања околу некои историски ликови, да се воздржат од поддршка на такви здруженија кои носат имиња кои предизвикуваат негативни чувства во Македонија?“

Министерот за надворешни работи Бујар Османи најнапред укажа дека различните историски интерпретации не смееме да ги ставиме под говор на омраза, и дека говорот на омраза не е поврзан со работата на историската комисија:

„Јас мислам дека тоа би било погрешен пристап, затоа што различните историски интерпретации не смееме да ги ставиме под говор на омраза. Под говор на омраза јасно кажува нашето законодавство што е: омаловажување поради карактеристики на човек или припадност во група. И мислам дека ако го пришириме тоа во историските интерпретации, тогаш мислам дека отвараме токму поле за такви ризици за коишто зборуваме дека говорот на омраза ќе се интерпретира во делот на работата на историската комисија. Говорот на омраза не поврзан со работата на историската комисија. Туку, како Владите да отворат можност за подобри односи помеѓу граѓаните, помеѓу бизнисите, помеѓу двете држави.“

Потоа, Османи укажа дека мора да се запре негативниот тренд на односи со Бугарија:

„Очигледно дека сме влезени во еден негативен тренд на односи, во којшто бираме кој повеќе тешки зборови за другиот, навредувајќи ги граѓаните, па и државите, од едната и од другата страна. Мора да ставиме стоп на таквиот тренд доколку сакаме да бидеме пријатели и да бидеме сојузници во Европската Унија. Немаме никаков интерес да бидеме во негативен тренд на односи и говор со Република Бугарија“, изјави Османи.

Османи појасни дека говорот на омраза се следи не само во Македонија, туку и во Бугарија: „Овој протокол, овој договор, е потпишан по добра волја и затоа, од таков аспект, треба да се видат и одредбите во делот на следење на говорот на омраза. Во Република Бугарија исто така да се следи говорот на омраза. Знаете дека имаше случај кога после запалениот автобус, имаше бугарски граѓанин којшто ги навреди загинатите во автобусот, бугарската влада реагираше веднаш со притвор на граѓанинот. Значи, за тој вид на говор на омраза зборуваме, со цел да го затвориме тој токсичен круг на односи во којшто сме влезени и да отвориме едно ново поглавје на пријателство.“

Османи најави и формирање на работна група во Министерството за спроведување на овој дел од протоколот.